Македонија
Повеќе од 400 милиони евра во договори за јавни набавки се склучени во постапки на кои имало само една понуда
Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени од јануари до декември 2022 година, во кои се вклучени и резултатите од анкетата на фирмите за нивното искуство при учеството на постапките за јавни набавки и анализа на постапките пред Државната комисија за жалби по јавни набавки.
Клучните наоди од истражувањето вклучуваат:
– Секој трет договор за јавна набавка во 2022 година е склучен во постапка во која учествувала само една фирма. Станува збор за 9.305 договори, во вкупна вредност од 26 милијарди денари (427 милиони евра);
– Просечниот број понуди од тендер во 2022 година изнесува 3, што укажува на намалување на конкуренцијата во однос на 2021;
– 90 % од мониторираните тендери се спроведени подоцна од рокот што бил предвиден во плановите за јавни набавки;
– Поништени се 31 % од постапките за јавни набавки;
– Преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас склучени се договори во вредност од 31 милион евра, што е намалување од 30 % во однос на претходната година;
– Се намалува бројот на жалби од фирмите што во 2022 година до Државната комисија за жалби по јавните набавки поднеле 751 жалба, што е 34 % помалку од претходната година;
– За 63 % од фирмите, најниската цена како критериум за избор е најчестиот проблем со кој се соочуваат во јавните набавки;
– 93 % од фирмите сметаат дека на електронските аукции се постигнуваат нереални цени и се занемарува квалитетот;
– 54 % од фирмите признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите;
– 46 % од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки, а 18 % изјавуваат дека лично се соочиле со корупција на тендерите.
Извештајот е изработен во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

