Македонија
Повеќе свечени и културни настани во целата држава по повод празникот 8 Септември – Денот на независноста

По повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија во организација на Владата на Република Северна Македонија, под мотото „Гласник на слободата“, ќе бидат одржани повеќе свечени и културни настани и активности во целата држава.
На 7.09.2023 година, четврток со почеток во 18:30 часот, во Филхармонија на Република Северна Македонија, ќе се одржи Свечена академија – „32 години независност“, на која ќе присуствува и ќе се обрати претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.
На 8.09.2023 година, петок во рамки на чествувањето на 32 години од прогласувањето на независноста на државата, во 10:00 часот, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски во состав првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за здравство Фатмир Меџити, ќе оддаде почит и ќе положи свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, во алејата на великаните на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.
Во 10:45 часот, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за здравство Фатмир Меџити заедно со директорот на ГОБ „8-ми Септември“ др. Христијан Костов, во ГОБ „8-ми Септември“, ќе присуствуваат на презентација на нова опрема и апарати.
Одбележувањето на Денот на независноста, ќе продолжи во Градскиот парк во Скопје, на просторот во близина на локацијата „Школка“, каде ќе се одржат тактичко показни вежби на единиците на Армијата на Република Северна Македонија и на Министерството за внатрешни работи. На локацијата „Школка“, е предвидена и културно-уметничка програма, во рамки на која ќе учествува воениот оркестар на Армијата на Северна Македонија, културно-уметнички друштва, членовите на „Златно славејче, како и програма за деца, со учество на Театарот за деца и младинци кои ќе ја одиграат претстава „Гига Мега бајка“, во режија на Хана Миленковска, дело на Горјан Милошевски (по мотиви од Ш. Перо).
Во текот на денот, на истата локација, сите заинтересирани ќе имаат можност да бидат дел од серија спортски активности организирани во соработка со Агенција за Млади и Спорт.
На манифестацијата во Градскиот парк, ќе присуствува претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и членови на Владата на Република Северна Македонија.
Дополнително, како дел од одбележувањето на Денот на Независноста, под мотото „Гласник на слободата“, во организација на Владата на Република Северна Македонија, покрај многубројните пригодни манифестации, за граѓаните, од 11:00 часот во целата држава, ќе започне културната манифестација „Отворен ден за граѓаните“, во чии рамки се обезбедува бесплатен влез за граѓаните во културните установи, музеи и галерии во целата Република.
Сите заинтересирани граѓани ширум државата, ќе имаат можност да ги посетат археолошките наоѓалишта „Стоби“, „Хераклеја“, „Баргала“, мегалитската опсерваторија „Кокино“, Музејот Охрид, музеите и заводите во Прилеп, Битола, Штип и Струмица, музеите на Куманово, на Крушево и на Гевгелија, како и во Тетово: Музејот на Тетовскиот крај и Уметничката галерија. Бесплатен влез за граѓаните ќе биде и во Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево. Во Битола, граѓаните ќе имаат можност за бесплатен влез во Музејот на албанската азбука како и во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј, во Кичево пак, во Музејот на Западна Македонија во НОВ, додека во Струга ќе биде бесплатен влезот во Музејот д-р Никола Незлобински.
Во Скопје ќе бидат отворени за посета, Археолошкиот, Природонаучниот музеј, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Музејот на современата уметност, Националната Галерија на Северна Македонија, Спомен-куќата на Мајка Тереза како и Конзерваторскиот центар (црквата Св. Спас).
Во Музејот на македонската борба за самостојност на 8 септември во 12:00 часот, гудачкиот квартет „Луј“ од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ од Скопје ќе одржи концерт на кој ќе бидат изведени дела од Равел, Дворжак, Пјацола и други. Посетителите ќе имаат можност да ја разгледаат и привремената изложба „Темелник на државноста“, посветена на клучните настани во формирањето на државата – Илинден 1903, Илинден 1944 и прогласувањето на независноста во 1991 година.
Националната опера и балет се приклучува во прославата со концерт на познати оперски арии, кој на 8 септември во 20:00 часот ќе се одржи пред платото на институцијата.
По повод Денот на независноста, во Кинотеката во 18:00 часот ќе се прикаже еден од најтрофејните македонски документарни филмови, „Медена земја“, во режија на Тамара Kотевска и Љубомир Стефанов. Во 20:00 часот ќе се прикаже филмот „Исцелител“, кој е прв дебитантски долгометражен филм на режисерот и сценарист Ѓорче Ставрески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.