Македонија
Тренчевска: Поголемата вклученост на жените во политиката гарантира решавање на повеќе предизвици со кои се соочуваат тие
„Како Влада, посветено работиме на промовирање на родовата еднаквост во сите области. Затоа и еден од првите чекори што ги презедовме во 2017 година беше ратификацијата на Истанбулската конвенција. За да можеме да зборуваме за унапредување на статусот на жената во општеството, прво мора да ги извлечеме од деценискиот предизвик кој стои како главна бариера за нивниот успех, а тоа е насилството“ истакна Тренчевска во своето обраќање на конференцијата за родова еднаквост и зајакнување на улогата на жените.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денес се обрати на третата работна сесија „Политичко учество на жените/родова еднаквост во политички живот“ која беше дел од конференцијата на ОБСЕ за родова еднаквост и зајакнување на улогата на жените.
Тренчевска во своето обраќање зборуваше за Законските регулативи кои го гарантираат унапредувањето на родовата еднаквост, со фокус на Истанбулската конвенција и Законот за спречување на насилството врз жените и девојчињата од 2021 година.
„Со новиот Закон за спречување насилство врз жени и девојчиња од 2021 година, ги обврзуваме институциите да преземат соодветни мерки во случај на каков било чин на насилство. Институциите се клучни точки во кругот што ги извлекуваат жртвите од насилство и тие продолжуваат со својата постојана работа за да може секоја од нив беспрекорно да се интегрира во општеството, да чекори по патот на успехот и да придонесе за успехот на друга жртва“ рече Тренчевска.
Таа истакна дека работата на ова прашање и на подигање на свеста за насилството кај жените е од исклучителна важност, меѓутоа посочувајќи на тоа дека никоја законска регулатива нема да ги мапира точно предизвиците на жените доколку не се и жените вклучени во носење на истата.
„Во моментот, 5 жени се министерки на централни позиции во процесите на одлучување, а 3 се заменик-министерки. Има 49 пратенички, поголем број директорки – жени кои со својот придонес во општеството ја претставуваат силата, гласот и вербата на многу жени дека соништата можат да се остварат, а одлуките може и треба да ги носат жените. Овие бројки се охрабрувачки во одредени области, но сè уште се многу ниски во други. Сепак, патот до политичкиот живот за жените и мажите е сè уште поинаков, тоа можеме да забележиме на локално ниво од каде започнуваат вистинските промени “ рече министерката.
Тренчевска својот говор го заврши истакнувајќи дека жените во политиката означуваат сигурност и ветување дека потребите на секоја жена нема да бидат оставени во сенка, туку ќе бидат ставени на дневен ред на масата за одлучување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес свечено примопредавање на претседателската функција
Во Кабинетот на претседателот денес ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата Претседател со највисоки државни и воени почести.
По свечената церемонија новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова и досегашниот претседател Стево Пендаровски чијшто мандат истекува денес, предвидено е да остварат тет-а-тет средба.
Државната изборна комисија вчера и’ го издаде уверението за избран претседател на Гордана Силјановска-Давкова. Во текот на денешниот ден таа пред пратениците во Собранието ќе даде свечена изјава.
Скопје
Посебен режим на сообраќај во Скопје
СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека од 08.30 часот до 10.30 часот, поради одржување на улична трка, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај и тоа по сообраќајниците по кои ќе се движат натпреварувачите, кои имаат стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански одреди“, десно (кон населба Ѓорче Петров) до мостот Влајко, каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“, каде вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Македонија
Сончево време, попладне со зголемена облачност и температура до 26 степени
Времето претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне наместа ќе има зголемена облачност со краткотраен пороен дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје сончево со умерена, а попладне зголемена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 24 степени, јавува УХМР.
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, особено во вторник, кога дневните температури ќе опаднат за неколку степени.