Македонија
Поддршка во вредност од околу 210.000 евра: Тасевски на примопредавање на опрема за граничната полиција од Германија
Во рамки на соработката помеѓу Министерствата за внатрешни работи на Сојузна Република Германија и Република Северна Македонија денеска амбасадорката Петра Дрекслер предаде дополнителна полициска опрема на Министерство за внатрешни работи на Република Северна Македонија, претставувано од директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, при што во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Идризово, се спроведе официјална церемонија за примопредавање на опремата, на која соодветно беше презентирана донираната опрема.
Пред одржувањето на церемонијата се реализираше и билатерална средба помеѓу амбасадорката Петра Дрекслер и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, на која беше разговарано за одличната оперативна соработка помеѓу полициите на двете земји, која се спроведува помеѓу соодветните служби во рамки на Бирото за јавна безбедност и Канцеларијата за врски на германската Сојузна полиција во рамки на Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје, како и за намерата за продолжување на поддршката од германска страна за Министерството за внатрешни работи во иднина.
Поддршката е со вкупна вредност од околу 210.000 евра и опремата е набавена од страна на Сојузната полиција. На Граничната полиција на Република Северна Македонија и се предаваат пет патролни возила, еден минибус, како и уреди за проверка на документи. Освен тоа, во Центарот за обука на МВР во Идризово со нов мебел и техника се опремени две училници за обуки.
Од 2020 година германската Сојузната полиција ги поддржува колегите од Република Северна Македонија со полициска опрема и тоа со вкупна вредност од преку два милиони евра.
Помошта во вид на опрема се реализира преку Канцеларијата за врски на германската Сојузната полиција во Скопје и со тоа се нуди поддршка на Гранична полиција на Република Северна Македонија уште поефикасно да се справи со предизвиците при сузбивањето на прекуграничниот криминал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

