Македонија
Под истрага 18 членови на „Беланоца – Барон“: плаќале од 10.000 до 250.000 евра за убиство
Неколкумесечната предистражна постапка што ја спроведуваше јавен обвинител со Истражниот центар од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и МВР, вчеравечер резултираше со акција во која е разбиена криминална група, а која беше спроведена заедно со полициски службеници од МВР на подрачјето на општините Чаир, Арачиново, Шуто Оризари, Бутел и Студеничани. По барање на јавниот обвинител, а врз основа на Наредба на судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје до утринава извршени се претреси на 30 локации и притоа се пронајдени поголем износ на пари, злато, огнено оружје и други предмети, а од слобода се лишени четири лица, додека едно лице само се пријавило во полициска станица. Единиците на МВР и армијата на РСМ се уште постапуваат на неколку локации во насока на пронаоѓање на доказен материјал и предмети што ќе помогнат во расветлување на случајот.
Предметниот јавен обвинител денеска донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 18 лица за кои постои основано сомневање дека 14 лица како нарачатели, помагачи или директни извршители сториле кривични дела Убиство, од нив 12 лица се осомничени и за кривично дело Злосторничко здружување, додека петмина и за кривично дело Тешки дела против општата сигурност. Останатите четири лица се товарат за кривично дело Изнуда.
Според описот во диспозитивот на наредбата, првоосомничениот кој во моментов е на издржување на казна затвор, заедно со уште четири лица од кои две се во притвор, едно лице e лишено од слобода, a едно лице e починато, создале група со цел извршување на кривично дело убиство. Припадници на групата станале останатите осомничени, други неидентификувани лица и сега починати лица. Организаторите на криминалната група подготвувале планови и носеле одлуки кој, каде, кога и на каков начин ќе биде ликвидиран. Притоа, одлуките ги спроведувале лично или преку други припадници на групата плаќајќи од 10.000 до 250.000 евра за убиство. Па така, во име на поддршка на радикалното движење во РСМ или заради безобзирна одмазда кон лица од спротивставена криминална група во периодот од 2020 до 2024 година во шест кривично правни настани лишиле од живот осум лица, три лица биле тешко повредени, а на три лица животот им бил во опасност.
Прибраниот доказен материјал упатува и на кривично правен настан од 2016 година кога првоосомничениот заедно со уште две лица извршиле убиство во с. Сингелиќ.
Оваа група од почетокот на 2023 година до октомври 2024 година дејствувајќи според поделени улоги со намера да прибават значителна имотна корист во повеќе наврати извршила и кривично дело Изнуда. Искористувајќи исти прилики дел од членовите на групата преземале повеќе дејствија и на особено насилен начин и сериозна закана, како и со опожарување на повеќе објекти на територија на Град Скопје изнудувале парични средства на месечно ниво, но барале и исплата на поголеми парични износи еднократно.
Од прибраниот доказен материјал произлезе дека еден од организаторите на групата кој е на издржување на казна затвор во период од јуни 2022 година до април 2023 година со умисла поттикнал на извршување на кривично дело Тешки дела против општата сигурност, бидејќи од страна на полициски службеници бил оневозможен да извршува кривични дела поврзани со лихварство и продажба на дрога во затворот. Па така, во три наврати поттикнал лица кои опожариле три возила на полициски службеници предизвикувајќи штета од поголеми размери.
Надлежниот јавен обвинител ценејќи дека се исполнети условите за четворицата лишени од слобода до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе поднесе предлог за определување на мерката притвор, додека тројца од осомничените се на издржување на затворска казна, а две лица се во притвор за кривични дела од други кривично правни настани. Лицето кое само се пријави во полициска станица е со претходно определени мерки за кривично правен настан за кој се сомничи. За двајца осомничени се распишани меѓународни потерници од претходно, а шестмина се недостапни на органите на прогонот, од кои еден е недостапен од претходно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Галетановски најави тужби, вели дека документацијата му била отворена незаконски без управен одбор
Ѓорѓи Галетановски, кој беше единствениот пријавен на конкурсот за директор на ЗOO Скопје, најави кривична пријава за зоолошката и Град Скопје, бидејќи не биле испочитувани роковите, а документацијата не му била вратена.
„По поднесување на целокупна документација од моја страна и по оглас кој е отворен до 14.08.2024 година, jaс сеуште немав официјален одговор. Законот вели дека доколку не се се спроведе огласот, како што беше случај, документацијата доставена не смее да биде отворена, туку веднаш вратена до мене“, вели Галетановски.
Тој во реакција до медиумите наведе дека еднаш отишол на лице место за да си ги побара назад документите, но не сакале да му ги вратат и му рекле дека не смеат да ги отворат и ќе го известат преку електронска пошта. После месец дена, вели Галетановски, сепак ги отвориле на своја рака и го известиле дека му ги испратиле назад, наместо да го повикаат да си ги подигне.
„Ми ги испратиле по пошта, а до денес документите не ми се стигнати, односно не знам дали се испратени и каде ми се сите оригинални документи. Бидејќи мојата документација е отворена, неовластено и незаконски без управен одбор и воедно моите лични податоци се злоупотребени, прво ќе пријавам во ДЗЛП, а по нивен одговор, ќе поднесам кривична пријава до ЗОО и до вработените во администрација кои ги отвориле документите“, вели поранешниот директор.
Најави дека ќе пушти тужба и за надомест на штета, поради повреда на правото на заштита на личните податоци, губење на документи и злоупотреба на лични податоци од неовластени лица, имајќи во предвид дека и Град Скопје и ЗОО се одговорни при спроведување на постапка за избор и доколку ја добие, средствата ќе ги донира на сметката на вработените на ЗОО Скопје.
Македонија
За отстранување на ѓубрето, Комунална ќе му испрати фактура на Курто Дудуш: „Локациите што ги објавува не се наша, туку негова надлежност“
Јавното претпријатие Комунална хигиена- Скопје соопшти дека ќе го отстрани сметот и срамот на градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, но јавноста треба да знае дека за ова ќе и биде доставена фактура на општината.
Имено, фотографиите кои ги објавува Курто Дудуш, како што тврди Комунална, се од контејнери и локации за кои одговорна е општината со која Дудуш управува. Од тука уверуваат дека контејнерите што се во нивна надлежност редовно се чистат и дезинфицираат, што за жал не е случај и со општинските садови и дивите локации во неговата општина на кои се фрла отпад.
„Дополнително, Курто Дудуш се задолжи со мандатна казна за формирање на дива депонија на територија на општина Шуто Оризари, а во тек се и останатите постапки покренати против Дудуш за дела спротивни на законот за кои очекуваме разврски, што всушност е и причината за неговото однесување и напади кон градот и јавното претпријатие Комунална хигиена- Скопје“, велат од Комунална хигиена, која е под надлежност на Градот Скопје.
Курто Дудуш претходно реагираше за ѓубрето во општината, обвинувајќи ја Арсовска дека им се одмаздува на граѓаните на општина Шуто Оризари поради протестот пред нејзината канцеларија.
Градоначалникот кој сподели фотографии на социјалните мрежи се закани дека ако отпадот не биде собран во рок од 48 часа, ќе и го однесе со механизација на Арсовска пред нејзината канцеларија.
Македонија
Почина седуммесечно бебе на Детската клиника
Седуммесечно бебе почина на Клиниката за детски болести.
Бебето било примено минатата недела поради сериозен синдром кој зафатил повеќе органи, а во меѓувреме тешката здравствена состојба дополнително се влошила.
Се очекува да биде извршена обдукција.