Македонија
Под истрага 23 лица во акцијата „Адитив“
По двонеделна предистражна постапка што започна да се спроведува од 21.11.2024 година кога предметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска од раните утрински часови под раководство на двајца јавни обвинители се реализира голема полициска акција.
Единиците на МВР заедно со истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК, врз основа на 77 барања за издавање наредби за претрес доставени до Основниот кривичен суд Скопје започнувајќи од 27.11. до 9.12.2024 година, извршуваат претреси на локации во Битола, Неготино, Велес, Кичево и Скопје. Издадени се три наредби до Управата за финансиско разузнавање и низа наредби за обезбедување податоци до надлежни институции и МВР. Јавните обвинители донесоа Наредба за спроведување на истражна постапка против 23 лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството и кривични дела против службената должност и против правниот сообраќај, соопшти обвинителството.
Во период од 13.04.2023 до 23.08.2024 година, дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и АД „Пошта на Северна Македонија“ создале група која имала за цел вршење на кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело предвидено и казниво по чл.273 од Кривичниот законик. Во текот на 2023 и 2024 година припадници на оваа група станале и дел од осомничените, а со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери, осомничените свесно ги повредиле прописите за постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, со договарање со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка.
Така, откако организирале и извршиле пререгистрација на дејност на правните субјекти во нивна сопственост, осомничените управители и сопственици на правни лица, како учесници во постапки (економски оператори), меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и подружница РЕК Осломеј. На начин опишан во диспозитивот на наредбата, овозможиле кривично одговорно правно лице да го добие Договорот за јавна набавка за набавка на адитиви против формирање на згура/троска при согорување на јаглен во котел, адитив RPT 601, 190.000 кг. за потребите на РЕК Битола и 120.000кг. адитиви RPT 602 за потребите на РЕК Осломеј и да се стекне со имотна корист од големи размери во вкупен износ од 397.636.400,00 денари.
Потоа, со намера да го прикријат движењето на парите за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство од чл.275-в од КЗ, дел од осомничените организатори и дел од осомничените припадници на злосторничкото здружение во периодот од 24.11.2023 до 28.06.2024 година во Битола, Неготино и Скопје пуштиле во оптек, примиле пари, извршиле пренос на паричните средства и подигале готовина во вкупен износ 414.776.400 денари.
Акцијата е во тек, се обезбедуваат материјални докази врз основа на кои ќе се донесе одлука за примена на мерките на обезбедување на осомничените, за што јавноста ќе биде информирана во текот на утрешниот ден, соопштија надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температура до 20 степени
Утре, сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.
Македонија
Тошковски – Хани: Зајакнување на антикорупциските механизми и унапредување на регионалната соработка
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со директорот на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), Алберт Хани, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката во насока на зајакнување на институционалните капацитети за спречување на корупцијата.
Во фокусот на разговорите беа обуките за изработка на Национална проценка на ризик од корупција и антикорупциската проверка на законодавството во областа на внатрешните работи, при што беше истакната активната улога на Македонија како потписничка на Меѓународниот договор за размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба. На средбата беше нагласено дека нашата држава претставува водечки пример и референтна точка за земјите кои сè уште не пристапиле кон овој механизам.
Тошковски ја потенцираше важноста од системски пристап во детектирањето и намалувањето на ризиците од корупција во безбедносниот сектор, како и значењето на регионалната соработка и размената на искуства.
„Борбата против корупцијата е еден од нашите врвни приоритети. Преку зајакнување на интегритетот на институциите, унапредување на законодавната рамка и користење на современи механизми за проценка на ризици, создаваме систем во кој корупцијата станува сè потешка, поскапа и неисплатлива. Поддршката и експертизата на РАИ во овој процес имаат значајна улога, а Министерството за внатрешни работи останува силно посветено на развој на ефикасни и одржливи антикорупциски политики“, истакна Тошковски.
На средбата беа разгледани и конкретни можности за идна соработка преку заеднички активности, обуки и проекти насочени кон јакнење на превентивните и репресивните механизми во справувањето со корупцијата.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.

