Македонија
Полициски службеници од Гази Баба и Арачиново си делеле бонус плати
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против полициските службеници А.А., на работно место во ПС од ОН Гази Баба, А.А. на работно место во ПО Арачиново, Б.Џ., на работно место во ПО Арачиново и В.С., на работно место во ПО Арачиново при СВР Скопје за кривично дело ,,злоупотреба на службената положба и овластувања“ по член 353 од КЗ и за едно кривично дело „измама во службата“ по член 355 став 1 од Кривичниот законик против полицискиот службеник Б.М., на работно место во ПС од ОН Гази Баба при СВР Скопје.
Првопријавениот, како заменик командир на ПС од ОН Гази Баба ја злоупотребил службената положба и овластување на начин што како раководител со несоодветно водење на евиденција за распоред на работа, спротивно на подзаконски пропис со кој се пропишува начинот на евидентирање на реализираните часови на вработените во Министерството за внатрешни работи на 12 полициски службеници- вработени во ПС од ОН Гази Баба им овозможил да се стекнат со право за исплата на бонус плата во 2023 година и без да ги исполнат условите утврдени со Законот за работните односи на секој поединечно им била исплатена бонус плата во износ од 36.614 денари или вкупно 439.368 денари, во кој износ го оштетил буџетот на Министерството за внатрешни работи.
Второпријавениот, како командир на ПО Арачиново, третопријавениот како инспектор во ПО Арачиново и четвртопријавениот како инспектор во ПО Арачиново со несоодветно водење на евиденција за распоред на работа, спротивно на подзаконски пропис со кој се пропишува начинот на евидентирање на реализирани часови на вработените во Министерството за внатрешни работи, ја злоупотребиле службената положба и овластување на начин што на седум полициски службеници вработени во ПО Арачиново им овозможиле да се стекнат со право за исплата на бонус плата во 2023 година и без да ги исполнат условите утврдени со Законот за работните односи на секој поединечно им била исплатена бонус плата во износ од 36.614 денари или вкупно 256.928 денари, во кој износ го оштетиле буџетот на Министерството за внатрешни работи.
Петтопријавениот како вработен во ПС од ОН Гази Баба како службено лице со намера за себе да прибави противправна имотна корист поднел своерачно потпишана изјава со лажна содржина, во која изјавил дека има остварено повеќе од 150 часа прекувремена работа и немал повеќе од 21 ден отсуство од работа во текот на 2023 година, по што му било изготвено решение за утврдено право за исплата на бонус плата во висина од една просечна нето плата во износ од 36.614 денари без да ги исполни предвидените услови утврдени со закон, во кој износ го оштетил буџетот на Министерството за внатрешни работи.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против именуваните полициски службеници ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителна мерка за отстранување на работно место-суспензија до завршување на дисциплинската постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

