Македонија
Половина век Меѓународна научна конференција за македонистика: македонисти, балканисти и слависти од 15 држави доаѓаат во Охрид

Половина век Меѓународна научна конференција за македонистика. Македонисти, балканисти и слависти од 15 разни држави, од сите страни на светот, доаѓаат во Охрид. Од утре, 1 септември, до недела, 3 септември 2023 година, ќе се одржи 50. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).
Оваа Конференција е научен собир за јазик, литература и култура, кој е единствен во регионот со толкава традиција на континуирано, непрекинато одржувње и по бројот на објавени зборници на научни трудови. Токму научните трудови произлезени од оваа Конференција во изминатите пет децении се едни од клучните македонистички научни референци, од странски и домашни научници, а на ова нејзино јубилејно издание и повеќе од половина од учесниците се од странството.
Свеченото отворање на Конференцијата и централното одбележување на нејзиниот јубилеј, кој е важен не само за македонистиката и воопшто за филологијата, туку и за македонската држава ќе се одржи утре, 1 септември, со почеток во 12 часот, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. На отворањето свечени обраќања ќе имаат претседателот на државата, Стево Пендаровски, и ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, а поздравна реч ќе има директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска.
Учесниците на Конференцијата во текот на пленарната сесија ќе ги поздрави и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Во рамките на отворањето ќе биде промовиран и зборникот од минатогодишното издание на Конференцијата, во кој на над 500 страници се објавени нови трудови од областа на македонистиката. Негови промотори ќе бидат минатогодишните координаторки на секциите на Конференцијата: Елена Јованова-Грујовска, Лидија Тантуровска и Лорета Георгиевска-Јаковлева.
По свеченото отворање и пленарната сесија, на 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ, три дена, паралелно, ќе се одвива работата на лингвистичката секција и на секцијата за литература и култура, на кои ќе бидат презентирани речиси 70 нови научни труда. Од двете секции се очекува да призлезат нови научни согледби и заклучоци, кои ќе се влог во македонистичките проучувања, со нови анализи, истражувања и исчитувања и од странските посветеници на македонистиката.
Централните теми на Конференцијата ќе бидат за делата на великаните Крсте Мисирков и Ацо Шопов по повод значајните јубилеи – 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ на Мисирков и 100 години од раѓањето на Шопов. Конференцијата е дел и од националната програма „2023. Година во чест на Ацо Шопов“ под покровителство на претседателот на државата.
На Конференцијата ќе бидат опфатени и традициналните теми „Македонскиот јазик наспроти другите јазици“ и „Македонската литература и култура наспрема другите литератури и култури“, кои веќе со години овозможуваат преку научна диоптрија да се коментираат спецификите и посебноста на македонскиот јазичен, литературен и севкупно културен идентитет. Во децениите наназад, токму овие теми се издвојуваа како најголем предизвик за странските македонистти, балканисти и слависти при учеството на Конференцијата, при што се произлезени и стотици научни трудови со важни согледби за спецификите на македонскиот јазик, литература и култура.
Од Конференцијата ќе биде објавен и зборник, кој се очекува да биде една од најзначајните научни публикации објавени кај нас изминатиов период имајќи ги предвид бројот на учесниците и реферератите, но и фактот дека ова конференциско издание е единствено од областа на македонистиката и по бројот на земји од кои има учесници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.