Македонија
Понижувани сме и навредувани, стравуваме дека прозивките ќе преминат во лични напади, реагираат Даштевски и уште петмина од ДИК
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, и членовите Радица Ристеска, Оливер Ристовски, Борис Кондарко, Бобан Стојаноски и Абдуш Демири не се чувствуваат безбедно по постојаните напади за работата на ДИК по приговорите за парламентарните избори. Особено ги загрижува тоа што изјавите со напади на ДИК ги даваат политички партии и носители на високи функции.
„Ве известуваме дека покрај тоа што сме лично понижувани и навредувани, исто така како членови во највисоката институција за организирање и спроведување на изборите сме изложени и на неосновани и непримерни јавни политички притисоци и закани за кривична одговорност поради донесените одлуки на ДИК. Покрај тоа, а следејќи ги контекстот и интензитетот на нападите, прозивките и навредите, исто така сме загрижени и дека е можно тие да преминат и во лични напади на нашата сигурност. Ве известуваме дека ДИК во целост професионално, транспаретно и само врз основа на законот ги спроведе изборите, што е потврдено од сите домашни и меѓународни фактори“, велат од ДИК.
Нагалсуваат дека и покрај сите непријатности што ги имаат, со највисок степен на интегритет врз основа на јавна проверка на изборниот материјал, ДИК ги утврдила фактите и одлучувала по приговори поднесени од разни учесници за 110 избирачки места. Врз основа на образложени докази, усвоени се приговори за 7 избирачки места за кои ДИК смета дека има правен основ, а приговорите за другите 103 избирачки места се одбиени како неосновани. За одбиените приговори нема поднесено тужби ниеден учесник на изборите.
„За ДИК, неприфатливи и недопуштени се нападите, притисоците и мешањето на одредени политички партии и на поединци од техничката Влада во изборните процедури, како и во работата и одлучувањето на ДИК и на Управниот суд. За сето ова, денес, на средбата во ДИК беше известена и амбасадорката на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР, Џилијан Стрик“, велат до ДИК.
Попладнево, претседателот на ДИК, Даштевски, заедно со уште петорица членови испрати соопштение до медиумите, во кое реагираат на навредите, а кое не е потпишано единствено од потпретедателката на ДИК, Дитмире Шеху.
Меѓународната заедница, денес, освен од ДИК, доби извествање за изборен инженеринг и од коалицијата „Европски фронт“.
„Овој обид за изборен инженеринг има цел да го промени односот на бројките во Собранието преку политичкиот договор на маса. Кредибилитетот на изборите и на демократскиот процес беше прифатен и поздравен од сите партии и од меѓународната заедница. Отпосле, со политички договори и монструозен антидемократски план, зготвен во партиските штабови на ВМРО, ЛСДМ и ‘Влен’, се прави обид да се наруши волјата на граѓаните. Седницата на Државната изборна комисија беше скандалозна демонстрација на прегласување и суспендирање на принципите на Охридскиот договор и предупредување за враќање на претходните системи. Неправедно и со надгласување, како во времето на монизмот во ДИК, донесена е одлука за прегласување на некои избирачки места во 5. и 6. зона, токму на избирачките места на кои победници се партиите што се жалат, а нивните гласачи се именување како крадци, со што се понижува целото гласачко тело“, рече Наим Бајрами и го повика Управниот суд да постапува законски, без партиски или политички директиви.
За изборен инженеринг пред три дена обвини и коалицијата „Храбро за Македонија“, од каде што велат дека им се украдени повеќе од 600 гласа, кои се додадени на коалициите „Вреди“ и „Европски фронт“. Од „Храбро за Македонија“ не поднесоа приговори за изборниот резултат, но најавија тужба во Управниот суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

