Македонија
Пониква станува рехабилитациски центар за повредените од пожарот во Кочани
Повредените од пожарот во Кочани ќе бидат испратени на рехабилитација во Пониква. На денешната седница на Владата и официјално се усвои информација за потреба од обезбедување на рехабилитација во Пониква, за потребите на пациентите.
„Со оглед на природата на повредите, особено кај пациенти кои претрпеле сериозни изгореници, неопходна е долгорочна и специјализирана нега, физиотерапија, психолошка поддршка и континуиран медицински надзор. Туристичкиот центар во Пониква, со своите природни и технички услови, е соодветна локација за спроведување на овој тип рехабилитација“, соопшти Владата.
Потребите кои ќе бидат обезбедени се однесуваат на сместување и терапевтски капацитет за повредените пациенти, ангажман на медицински и физиотерапевтски тим со специјална обука во третман на изгореници, обезбедување психолошка поддршка за пациентите и нивните семејства како и континуирана комуникација со болниците и специјалистите кои ги третираат пациентите во акутната фаза.
Според Владата, оваа иницијатива ќе придонесе не само за физичко заздравување, туку и за психосоцијална стабилизација на повредените лица, со што ќе се забрза нивниот повраток во секојдневниот живот.
Планот, распоредот, начинот на спроведување на продолжената медицинска рехабилитација, како и обезбедувањето на соодветни медицински тимови, ќе биде изготвен од страна на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кочани, во соработка со: Министерството за здравство, Јавните здравствени установи вклучени во третманот и рехабилитацијата на повредените пациенти, како и во согласност со потребите и состојбата на самите пациенти и нивните семејства.
„Во таа насока, Владата ја усвои Информацијата за потреба од обезбедување на рехабилитација во Пониква и го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги стави на располагање сместувачките капацитети во одморалиштето во Пониква за период од 10 јуни до 20 август. Владата го задолжи Министерството за здравство во соработка со ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кочани и Работната група формирана од Владата во соработка со пациентите да го донесе оперативниот план за рехабилитација. Исто така, трошоците за сместување и оброк на пациентите, како и оброк за медицинскиот кадар се на товар на Министерството за внатрешни работи“, соопштија од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алијансата за Албанците го оспори „Безбеден град“ пред Уставниот суд
На денот на стапување во сила на законите, Алијансата за Албанците поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на законските решенија што се дел од пакетот „Безбеден град“.
„Како што најавија нашите пратеници од собраниската говорница, законите од пакетот ‘Безбеден град’ ќе бидат оспорени пред Уставниот суд на денот на нивното стапување во сила. Овие иницијативи ги поднесовме со цел секој закон да важи за сите граѓани, на целата територија на Република Северна Македонија“, изјави Абидин Абдули, адвокат ангажиран од Алијансата за Албанците.
Во врска со изјавата на Зијадин Села, на прашање поставено од новинарите, пратеникот Халил Снопче истакна:
„Сериозноста за ‘Безбеден град’ се мери со конкретни постапки, а не со политички изјави. Членот 9 од Уставот гарантира еднаквост за сите граѓани, додека спроведувањето на законот само во три града не е еднакво и не обезбедува униформност. Пратеникот Ријад Шаќири од собраниската говорница најави дека Алијансата за Албанците ќе поднесе иницијатива, додека Зијадин Села не беше присутен за време на гласањето на законот.“
Алијансата за Албанците нагласува дека секој закон мора да биде правичен, еднаков и да обезбеди исти права за сите граѓани, без исклучок.
Македонија
Мицкоски: Со Еразмус+ младите имаат пристап до моќен европски финансиски инструмент
Со Еразмус+ младите имаат пристап до моќен европски финансиски инструмент кој овозможува меѓународна мобилност, учење и професионален развој, изјави премиерот, Христијан Мицкоски на настан на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност – Еразмус+, на кој беа објавени програмските приоритети за 2026 година.
Мицкоски кажа дека преку Еразмус+, нашата држава активно придонесува кон развојот на образованието, младинските политики и неформалното учење, поттикнувајќи меѓународна соработка, интеркултурен дијалог и унапредување на знаењата и вештините на младите.
„Особено сакам да истакнам дека за 2026 година е обезбеден, како што веќе слушнавте најголемиот буџет во оваа финансиска рамка во вкупен износ од над 8 милиони евра. Ова не е случајно. Ова е резултат на јасна определба, да се вложува таму каде што приносот е најголем: кај младите луѓе“, кажа Мицкоски.
Тој рече дека еден од значајните инструменти што директно ги засега младите е Европската младинска картичка која им овозможува на младите попусти и поволности во 38 европски држави, во области како што се патување, култура, образование, спорт и секојдневни услуги.
„Преку програмата Еразмус+, младите и младинските работници од нашата земја имаат пристап до моќен европски финансиски инструмент што овозможува меѓународна мобилност, учење и професионален развој во полето на младинската работа. Истовремено, Еразмус+ е клучен европски механизам и за студентите и универзитетите“, кажа Мицкоски.
Македонија
Eвропратеници гледаат исто сценарио во Македонија и во Србија, велат од СДСМ
Eвропратеници гледаат исто copy-paste сценарио во Македонија и во Србија, истакнуваат од СДСМ.
„Европратеникот Владимир Пребилиќ, член на словенечката зелена партија Весна (Greens/EFA) наведува дека и Македонија и Србија имаат проблем со реформите во правосудството.
Реформите на правосудството предизвикуваат сериозна загриженост, особено кога станува збор за независноста на судството.
Неспроведувањето на реформите, корупцијата и криминалот, независноста на судството стануваат сериозна пречка“.
Од опозициската партија нагласуваат дека Европската комисија во последниот Извештај за Македонија нотираше сериозни слабости во правосудството, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и во работењето на Собранието.
„СДСМ во неколку наврати предупредува на опасната анти ЕУ кампања која по ист рецепт ја спроведува ВМРО во Македонија како СНС во Србија.
Намерно се отвораат конфликти со соседите, намерно се обвинува Унијата, за да се оправда изолацијата и да не се спроведат реформите.
Ширењето на оваа анти ЕУ кампања оди и преку медиуми под контрола на авторитарниот Орбан кој го шири своето влијание на Балканот“.
Според оваа партија, пораката на европарламентарците е дека е потребно промена на курсот за да се искористи овој бран на проширување на ЕУ бидејќи никој не е сигурен кога ќе дојде наредниот.

