Македонија
Поповски со претставници на ИРИ: Борбата со лажните вести мора да продолжи и по изборите
Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, се сретна со претставници на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) Овен Паун, директор на ИРИ, Олин Ветингтон, член на Управниот одбор на ИРИ и Илина Мангова, раководител на програмата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во Северна Македонија.
„Стратешките заложби за транспарентност и борбата со лажните вести мора да продолжат и понатаму, без оглед на тоа кој ќе дојде на власт. За таа цел мора претходно да ги едуцираме граѓаните преку воведување на медиумската писменост и во формалното образование“, рече на средбата министерот Поповски.
Тој ја подвлече важноста од етаблирање на професионалци во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Поповски додаде дека оваа Влада за првпат создаде професионален сектор за информирање кој, меѓу другото, ја промовираше транспарентноста на сите буџетски трансакции, подвлекувајќи дека во наредниот период од особено значење ќе биде бескомпромисната борба со криминалот и корупцијата, како и остварувањето реални реформи во судскиот систем.
„Сите заедно треба да ги туркаме сите институции во насока на поголема транспарентност и борба против корупцијата“, подвлече Поповски.
Претставниците на ИРИ ја поддржаа досегашната соработка со Владата на Република Северна Македонија и изразија надеж дека таа ќе продолжи. Тие истакнаа дека инцијативите и реформските процеси што ги остварува оваа Влада се од огромно значење за иднината на земјата и упатија честитки за успешноста. Од ИРИ ги поздравија заложбите на Владата за професионално информирање и понудија експертиза за сензитивизирање на јавноста за лажните вести.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Семејното насилство да се казнува повеќе од обичното, итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа
„Како што дрска кражба се казнува повеќе, а не помалце од обична; како што убиство со умисла се казнува повеќе, а не помалце од убиство на миг; така и семејно насилство треба да се казнува повеќе, а не помалце од обично насилство – оти една од основните функции на семејството е заштитната! А каква “заштита” имаш ако дома маж ти те тепа секој ден?“, пишува претседателот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи.
Тој порача дека „под итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа, кои се напикани со неспособни и нестручни партиски штабци! Под итно!!!“
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.

