Македонија
(Видео) Поради загадена вода, итно е затворено училиштето „Димитар Миладинов“ во Центар

Поради загадување на водата за пиење, основното училиште „Димитар Миладинов“ во Центар итно е затворено, а учениците се испраќаат дома.
Неофицијално во надворешната шахта се пронајдени фекалии, односно водата за пиење се мешала со фекалии. Како што дознаваме, многу деца во изминативе денови се заразиле од стомачен вирус.
Во известувањето од директорката на училиштето поставено на влезот, се наведува дека објектот ќе биде затворен и во следните два дена.
„Поради дефект на водоводната мрежа и техничка неисправност на водата, која не смее да се пие, училиштето ќе биде затворено од денеска, 6 ноември, како и в среда и в четврток. Дополнително ќе следат информации согласно со состојбата“, се вели во итното известување од директорот.
Од училиштето се надеваат дека дефектот ќе биде саниран во следните два дена и дека учениците в петок ќе се вратат на настава. Утре основците ќе заминат на екскурзија, а в четврток училиштето има патронат.
Директорката на училиштето Маја Ангелова, тврди дека водата била исправна за пиење до затворањето поради поправка на дефектот.
„Водата не е загадена, ние имавме стручна екипа која што направи увид, зема мостри и утврди дека нема загадување, но постои можност поради поправка на дефектот по санирањето да биде неисправна за пиење и затоа го испративме соопштението. Подобро да превенираме отколку да лечиме“, изјави за „Макфакс“ директорката Ангелова.
Таа вели дека во училиштето нема алармантна бројка на стомачни вируси ниту меѓу вработените ниту меѓу децата за да може да се поврзат со дефектот, имајќи во предвид дека е време на грипови.
За затворањето на училштето денес преку соопштение информираше и Општина Центар.
„Општина Центар ја информира јавноста дека од денес (6-ти ноември од 15.30 часот) до четврток (8-ми ноември) ќе биде затворено основното општинско училиште ‘Димитар Миладинов’. Училиштето ќе биде затворено поради дефект на водоводната мрежа и техничка неисправност на водата. Воедно, ги информираме родителите и учениците дека нема да има дежурство за продолжен престој на учениците, а се одложуваат и другите активности што се реализираат во училиштето“, соопштија од општина Центар.
На поправка на дефектот на водоводната цевка зад школото работи градежната компанија „Анизор“. Градежниците велат дека дефектот се појавил околу пладне кога пукнала цевката и како гејзер извирала вода. И тие очекуваат за два дена да биде поправен дефектот.
На увид излегле и екипи на ЈП „Водовод и канализација“ кои утврдиле дека дефектот е во дворот на училиштето и укажале дека поправките не се надлежност на претпријатието туку на училиштето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Николовски: За првпат во историјата со ребалансот се намалуваат субвенциите за земјоделците

Ребалансот на буџетот што го предлага власта претставува сериозен удар врз македонското земјоделство. За првпат во историјата, со ребалансот се намалуваат субвенциите за земјоделците, што директно ја намалува финансиската поддршка која тие ја добиваат. Ова е целосен преседан, бидејќи досега секогаш со ребалансот се додаваа дополнителни средства, а сега, напротив, се кратат, рече пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски, на денешната седница за ребаланс на буџетот.
Тој потенцираше дека податоците јасно покажуваат дека во 2023 година финансиската поддршка изнесувала 8,3 милијарди денари, додека во 2024 година таа е намалена на 6,7 милијарди денари, што претставува над 30 милиони евра помалку за земјоделците.
-Ова е штетно не само за земјоделците, туку и за целата економија, бидејќи земјоделството е клучен сектор за државата. Покрај намалувањето на субвенциите, сеуште не се исплатени дополнителните поддршки од претходните години, како што се оние за овчарите, козарите и градинарите во Струмичко и Преспа, како и поддршката за предадено јаболко, која е минимална и недоволна, рече Николовски.
Дополнително, Владата укина неколку важни програми, меѓу кои се програмата за мали земјоделци, новиот модел на субвенционирање којшто овозможуваше авансна исплата од 30% до крајот на годината, како и програмите за поддршка на млади и жени земјоделци.
-Намален е и буџетот за програмата за рурален развој, која треба да ги поддржува инвестициите во механизација, системи за наводнување и други инвестициски мерки. Исто така, укинат е лимитот од 18 милиони денари за директни плаќања, кој беше воведен во 2018 година за да се осигура правична распределба на субвенциите и да се поддржат малите земјоделци. Со оваа уредба, големите компании повторно ќе добиваат милиони денари, додека малите производители ќе останат со помалку средства, потенцираше Николовски.
-Оваа политика на Владата не само што ги укинува реформите и ја намалува поддршката за земјоделците, туку и ги фаворизира големите компании на штета на малите производители, рече Николовски.
Македонија
Николова: Со ребалансот, власта крати пари од најсиромашните, за таа да се луксузира со скапи возила и мебел

Ребалансот на Буџетот што го предложи Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е јасен доказ за економската неспособност, недалекувидост и отсуство на визија. Наместо економска стратегија, овој ребаланс е политичко признавање на економскиот пораз на владата, рече пратеничката на СДСМ, Даниела Николова на денешната седница за ребаланс на буџетот.
Таа потенцираше дека со овој ребаланс гледаме продолжување на политиките на неодговорно трошење, зголемување на јавниот долг и кратење токму таму каде што граѓаните најмногу имаат потреба – кај субвенциите, социјалната поддршка и капиталните инвестиции.
– Во буџетот се зголемуваат ставките за луксуз, мебел, возила и непродуктивни расходи, додека се кратат средства за најранливите категории. Тоа е срамно и опасно за стабилноста на државата, рече Николова.
Таа потсети дека јавниот долг веќе го надмина прагот од 62% од БДП, а државата нема јасен план како ќе се справи со зголемениот дефицит.
– Имаме ребаланс кој се базира врз неостварени приходи, сомнителни заеми и фискално неодговорно однесување. Единствена цел – да се покријат краткорочни политички интереси на власта, на сметка на долгорочниот економски развој, потенцираше Николова.
Таа додаде дека додека се кратат средства за сиромашните, се зголемуваат трошоците за стоки и услуги.
– Со инфлација од 3,7%, со намалена приватна потрошувачка и со стагнирана минимална плата, граѓаните се принудени да преживуваат, а не да живеат. Овој буџет не гради иднина, го одржува партискиот апарат на власт. Наместо визија и економски сигнал, добивме кратења, долгови и политички маркетинг. Сето ова е спротивно на тоа што им беше ветено на граѓаните само пред една година, нагласи Николова.
Особено трагично, рече Николова, е што власта ги одби амандманите на СДСМ за поддршка на настраданите и повредените од трагедијата на 16 март, како и амандманите за справување со пожари.
– Во моменти кога семејства преживуваат болка и загуба, власта одбира молк и рамнодушност. Ова е морално неприфатливо и човечки пораз на една владејачка структура, потенцираше пратеничката на СДСМ, Даниела Николова.
Македонија
Брза железница, нови болници, подобри патишта, крајната цел е младите да останат во земјата, Муцунски за договорот со Обединетото Кралство

Со Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство се отвораат нови можности за реални проекти кои директно ќе влијаат врз секојдневието на граѓаните: брза железница, нови болници, подобри патишта и технолошка инфраструктура, порачува министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој во видео објавено на социјалните мрежи зборува за конкретните придобивки од Договорот.
„Зборовите не се доволни. Резултатите се тие што се бројат: работа, развој, подобар живот“, истакнува Муцунски.
Тој потенцира дека со овој договор се отвораат нови можности за реални проекти кои директно ќе влијаат врз секојдневието на граѓаните: брза железница, нови болници, подобри патишта и технолошка инфраструктура.
„Не ветуваме – испорачуваме“, додава министерот, посочувајќи дека крајната цел е младите да останат во земјата, да се отворат нови можности за инвеститорите, а граѓаните да добијат подобар квалитет на живот.
„Ова не е политика – ова е работа за иднината“, порача Муцунски.
Во рамки на минатонеделната посета на Лондон, Муцунски и неговиот британски колега, државниот секретар за надворешни работи, развој и Комонвелт, Дејвид Лами, ја потпишаа Декларацијата за стратешко партнерство помеѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Овој документ, како што појаснуваат од кабинетот на Муцунски има за цел да ги зајакне стратешките билатерални односи меѓу двете земји, вклучително и соработката во областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната – особено во рамките на НАТО, правдата и внатрешните работи, борбата против тешкиот и организираниот криминал, справувањето со корупцијата и незаконските финансиски текови, како и економскиот раст.