Македонија
Поради низа незаконски вработувања, поднесена кривична пријава за ексградоначалникот на Берово

Поднесена кривична пријава против Д.Н.(60 години), поранешен градоначалник на општина Берово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, казниво по член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Имено, како што инфромираат од МВР, пријавениот, како градоначалник на oпштина Берово, во три наврати ја злоупотребил својата службена положба и овластување.
„На 18.11.2015 година на административна службеничка од село Будинарци незаконски ѝ издал решение за давање овластување иако не ги исполнувала законските услови што биле потребни за тоа работно место. Во периодот од 1.01.2016 година до 31.10.2016 година ѝ се пресметувала плата како на раководител на одделение иако имала решение за распоредување на работно место самостоен референт – комунален редар и со ова дејствие пријавениот го оштетил буџетот на општина Берово во износ од 199.488 денари“, стои во соопштението на МВР.
Од полицијата додаваат дека поранешниот градоначалник на Берово на 26.07.2017 година склучил друг договор за вработување.
Договор за вработување бил склучен со Б.Ш. од Берово за работно место референт за подготвување материјали за седници на совет, за кое било потребно вишо образование или средно образование. Таа го исполнила условот и се вработила со средно образование. Но, по склучувањето на договорот за вработување, со решение за утврдување на висина на плата ѝ бил утврден надомест на плата како за службеник со завршено високо образование. Со ова дејствие пријавениот го оштетил буџетот на општина Берово во висина од 25.704 денари“, се додава во соопштението на МВР.
На 27.06.2017 година пријавениот склучил договор за вработување и со Г.Р. од Берово за работно место пожарникар, иако во моментот на распишување на огласот немало обезбедени буџетски средства за таа намена, велат од МВР.
Па така од 26.07.2017 година исплатата на плата се вршела од наменската сметка за донација од МВР која е наменета за исплата на плати на припадниците на Територијалната противпожарна единица и за која исплата немало добиено согласност од истото Министерство преку Министерството за финансии. На тој начин пријавениот го оштетил буџетот на општина Берово во износ од 355.660 денари, соопштуваат од полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мора да се цени фактот што Васил придонесе за ефикасно завршување на постапката и ја призна вината, вели адвокатот Дуковски

Сашо Дуковски, адвокатот на 20-годишниот Васил Јованов кој на пешачки премин, возејќи без возачка дозвола, смртно ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова, по денешното судење кажа дека очекува да се цени тоа што признал вина и изразил најдлабоко каење.
„Сакам да имате предвид еден многу битен факт, се работи за човек кој што има 20 години, категорично ја призна својата вина. Ова не е ни првата ни последна сообраќајка во Република Македонија. Тоа покажува дека таква млада личност е личност со интегритет и дека неговото семејство е со интегритет и имаше доблест и да признае и да се носи со сите последици кои ќе дојдат по неговото признание. Уште еднаш кажувам, да оставиме институциите да си ги донесат пресудите и да донесат одлука врз основа на законот, не врз основа на начелото око за око заб за заб, тоа што некој сака. Смртна последица сама по себе е страшна работа, но треба да се индивидуализира и да се цени секој потег во врска со изрекувањето на казната. Особено мора да се цени во духот на законот фактот што Васил придонесе за ефикасно завршување на постапката и ја призна вината, беше кооперативен, соработуваше со судот и изрази најдлабоко можно каење“, рече адвокатот Дуковски.
Адвокатот се надева дека јавноста досега успеала да препознае што е лага во случајот и кажа дека има забелешки за сведочењата на оштетениот уште од првиот ден.
„Пресудата ја донесува судот, но јас би кажал една друга работа. Се надевам дека конечно видовте, сето она што беше објавувано оркестрирано дека Васил е убиец, Васил е наркоман, Васил е ѓавол, Васил возел со 170, Васил избегал па не дошол три саати на лице место.. Видовте дека сето тоа е една ноторна лага. Цело време за исказите оштетените читаа од нивните телефони што значи дека некој им ги подготвува тие говори, а така настапуваат од првиот ден“, вели адвокатот Дуковски.
На денешното судење Васил Јованов призна вина и кажа дека тоа ќе го прогонува целиот живот.
Јованов на 29 јануари годинава на булеварот Партизански одреди во Скопје, пијан, минувајќи на црвено светло, на пешачки премин ја удри Кулакова која почина на самото место.
Македонија
Измами со превозот на ученици – пријава против екс директорка на училиште од Куманово, шест вработени во МОН и во две фирми

Полицијата поднесе кривична пријава против поранешна директорка на средно училиште од Куманово, шест вработени во Министерството за образование и наука, две правни лица од Куманово и нивните сопственици за злоупотреба на постапката за доделување договор за превоз на ученици
СВР Куманово поднесе кривична пријава против В.Т. – поранешна директорка ДСУ „Киро Бурназ“ од Куманово, против правно лице од Куманово за превоз на патници и сопственикот Д.П., против В.Д., Д.Б., В.В., Ј.В., Д.Т. и Н.К., сите од Скопје, вработени во Министерството за образование против Б.С. – управителка на правното лице.
Првопријавената В.Т., во текот на учебната 2022/2023 и во текот на учебната 2023/2024 година, додека траела реконструкцијата на училиштето и не се изведувала настава со физичко присуство на ученици, во два наврати спровела отворени постапки за доделување на договор за јавна набавка на услуга – превоз на ученици, во кои постапки било изберено пријавеното превозно претпријатие од Куманово, застапувано од пријавениот Д.П. од Кумнаово, како единствен понудувач и носител на набавката. Д.П., потоа заедно со пријавената В.Т. изготвиле лажни записници за квалитетно и навремено извршена услуга, кои ги потпишале двајцата, па врз основа на лажните записници Д.П. изготвил лажни фактури во кои биле внесени невистинити податоци и како такви биле доставени до Министерството за образование и наука.
Доставените фактури биле одобрени и исплатени од четвртопријавената В.Д., петтoпријавената Д.Б, шестопријавената В.В., седмопријавената Ј.В., осмопријавената Д.Т. и деветтопријавената Н.К.. и покрај тоа што знаеле дека училиштето се реконструира и наставата се одвива без физичко присуство на ученици и наставници. Додека пак пријавената С.Б. – управител на правното лице за книговодствени услуги од Куманово, иако знаела дека изготвените фактури се со невистинита содржина и не се поткрепени со никаква друга задолжителна пропратна документација предвидена со закон, сепак ги книжела во финансиските книги на правното лице за превоз на патници.
На тој начин, сите пријавени им овозможиле на пријавениот Д.П. и правно лице за превоз на патници од Куманово да се стекнат со противправна имотна корист во вкупен износ од 32.620.123 денари на штета на буџетот на РСМ.
Македонија
Муцунски во Украина повика на итен и безусловен прекин на огнот од страна на Русија

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, на покана на украинскиот министер Андри Сибиха и високата претставничка на ЕУ Каја Калас, престојуваше во еднодневна посета на Лавов, каде што учествуваше на Министерскиот состанок за формирање на Специјалниот трибунал за злосторството агресија против Украина и на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ. Муцунски беше единствениот министер од Западен Балкан присутен на настаните.
„На состаноците беше потврдена поддршката за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, како и за иницијативата за воспоставување правна одговорност за актите на агресија. Министерот Муцунски ја реафирмираше принципиелната поддршка на нашата држава, повикувајќи на итен и безусловен прекин на огнот од страна на Русија и на заеднички ангажман за постигнување праведен и одржлив мир“, соопшти МНР.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски, заедно со своите колеги, оддаде почит на украинските херои на гробиштата „Lychakiv“ во Лавов.