Македонија
Порака од Заев на Thessaloniki Summit 2020: Да ги негуваме европските вредности за просперитетен Западен Балкан
Премиерот Зоран Заев, премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, албанскиот премиер Еди Рама, како и комесарот за соседство и проширување на Европската комисија, Оливер Вархељи, на петтиот виртуелен Thessaloniki Summit 2020 упатија пораки за добрососедство, афирмација и негување на европските вредности.
Премиерот Заев на панел-сесијата посветена на „ЕУ-перспективата на Западен Балкан“ во видеопораката истакна дека Владата силно се залага да гради цврсти релации со соседите со земјите од Западен Балкан и Европа.
„Сето тоа го демонстрираме и на дело делејќи ги европските вредности преку имплементацијата на структурните економски реформи засновани на демократските принципи, владеење на правото и борбата против корупција во насока на градење просперитетно општество. Заедничката посветена и силна соработка на сите нивоа во овие моменти е неопходна, особено кога проблемите на секоја нација се веќе глобални проблеми“, рече Заев.
Нашиот сосед Грција, додаде тој, е важен трговски партнер, поточно е во топ-5 најголеми трговски партнери на Северна Македонија, со вкупна трговска размена за периодот јануари – август годинава од 414 милиони евра.
„Како пријателски земји потенцијалите за унапредување на инвестициските активности и економската соработка сметаме дека треба да имаат нагорен тренд“, истакна Заев.
Тој рече дека придобивките од договорите за стратешко партнерство треба максимално да ги искористиме, да создаваме амбиент за непречен развој на економијата и за нови и современи бизнис-иницијативи.
Дводневниот Thessaloniki Summit 2020 е под покровителство на претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, го организира Федерацијата на индустриите на Грција во соработка со „Делфи економскиот форум“ и со поддршка од Enterprise Europe Network Hellas.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

