Македонија
Посета на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на Центарот за обука на МВР

Денес, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна посета на Центарот за обука на министерството за внатрешни работи.
На средбата, од страна на раководството на Центарот за обука, детално беше запознат со начинот на функционирање и активностите кои во моментот се спроведуваат во Центарот.
Центарот за обука е акредитиран преку ИАДЛЕСТ од Соединетите Американски Држави, а во моментов тече процесот за негова реакредитација. Во таа насока министерот Тошковски изврши увид на исполнувањето на стандардите од кои зависи реакредитацијата, најголем дел од нив зависат од исполнување на материјално-техничките капацитети кои согласно стандардите треба да бидат на високо ниво за истите да бидат исполнети.
Тука спаѓаат сместувачките капацитети, училниците, стрелиштата, салите за физичко, бројот на учесници/кандидати во тимовите за обука, начинот на спроведување на наставата, човечките ресурси итн.
Состојбата која е затекната не е во целост задоволителна, но министерот Тошковски истакна дека е потребно да се вложат максимални напори со цел исполнување на стандардите. Во таа насока министерот потврди дека до сега се завршени сите правни процедури за отпочнување со реконструкција на Центарот за обука, но согласно предвидената документација потребно е да се направат дополнителни реконструктивни зафати со цел затекнатите проблеми да не се повторуваат во иднина.
Дополнително, министерот Тошковски потенцираше дека е потребно итно решавање на статусот на редовните обучувачи во Центарот за обука. Недозволиво е овој кадар да нема полициски овластувања согласно видот на наставата и обуките кои ги изведува, како што впрочем е тоа регулирано во сите полициски академии и центри за обука во соседството и во Европа.
Стожерот на сите реформи во полицијата и министерството за внатрешни работи се наоѓа токму во Центарот за обука. Само преку ефикасна и квалитетна основна и континуирана обука се постигнува висок професионализам – истакна министерот Тошковски.
Воедно, оваа посета беше искористена и за увид во активностите кои се вршат во насока на отворање на новиот пункт за фотографирање и издавање на лични документи кој ќе функционира во рамки на Центарот за обука во Идризово. Овој пункт значително ќе го олесни процесот и ќе им овозможи на жителите на околните населени места во однос на нивните барања за лични исправи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Без вода делови од Гази Баба и Кисела Вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Михаил и Евтихиј бр. 33 во населба Кисела Вода, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Михаил и Евтихиј. ( општина Кисела Вода).
Од таму со соопштение дека поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. 30 во населба Трубарево, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населба Трубарево. ( општина Гази Баба ).