Македонија
Потпишана заедничка декларација за царинска соработка со Турција

Потпишана е заедничка декларација помеѓу Царинската управа на Македонија и Министерството за трговија на Република Турција за царинска соработка, со што двете страни се обврзуваат заеднички да дејствуваат во борбата против организираниот криминал и забрзување на протокот на легална трговија.
Заедничката декларација денеска во Анкара ја потпишаа директорот на Царинската управа на Македонија, Бобан Николовски, и заменик-министерот за трговија на Република Турција и надлежен за царински политики, Сезаи Учармак.
„Заедничката декларација е потврда за нашата посветеност на блиска соработка и заемна поддршка во остварување на заедничките цели – жестока борба против организираниот криминал и унапредување на легалната трговија. Со декларацијата се обврзуваме на креирање заеднички профили на ризик, директна комуникација во реално време, размена на разузнавачки информации и учество во заеднички операции со цел спречување и разобличување криминални структури. Паралелно, се заложуваме за поедноставување на царинските постапки, размена на експертиза и заемна поддршка во спроведувањето меѓународни царински конвенции и стандарди. Дополнително, со цел зголемување на транспарентноста, ќе работиме на промоција на програмите за доверливи економски оператори и унапредување на соработката во сите царински области“, изјави директорот Николовски.
Заменик-министерот за трговија на Република Турција, Учармак, изјави дека двете служби имаат многу области и теми за соработка и оти денешниот договор е потврда за нивната посветеност на заедничко дејствување во овие области.
„Двете држави се наоѓаат на важен транспортен коридор и делат заеднички цели како земји кандидати за членство во Европската Унија. Двете страни ги применуваат истите меѓународни правила и стандарди, со цел да се олесни и забрза меѓународната соработка“, изјави заменик-министерот Учармак.
Во Анкара, директорот Николовски, заедно со помошник-директорите за контрола и истраги, царински систем, ИКТ и меѓународна соработка, оствари билатерална средба со Сезаи Учармак, заменик-министер за трговија на Република Турција, Мустафа Ѓумуш, генерален директор на Генералниот директорат за царини, Раиф Џан, генерален директор за анализа на трговијата и анализа на ризик, како и други високи претставници на Генералниот директорат за царини на Република Турција.
Во рамките на средбите во Анкара ќе биде одржан и технички состанок на експертско ниво, на кој двете страни ќе ги разгледаат конкретните чекори за справување со идните предизвици и интензивирање на соработката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нормализиран сообраќајот на автопатот од наплатна рампа Миладиновци до клучка Бунарџик, во двата правца, соопшти МВР

Министерството за внатрешни работи известува дека е пуштен за сообраќај автопатот од наплатната рампа Миладиновци до клучка Бунарџик, во двата правци.
Истиот поради пожар кој настана попладнево (17.07.2025) беше затворен за сообраќај.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец од Скопје кон патарина Миладиновци

Во 21.25 часот сообраќајот на патниот правец од Скопје кон патарина Миладиновци е нормализиран, соопшти АМСМ.
Сообраќајот во спротивниот правец ќе биде пуштен штом се создадат услови.
Македонија
МВР: Поради пожар, затворен за сообраќај автопатот од наплатна рампа Миладиновци до клучка Бунарџик, во двата правца

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека поради пожар кој настана попладнево (17.07.2025), затворен за сообраќај е автопатот од наплатната рампа Миладиновци до клучка Бунарџик, во двата правци.
Возилата се пренасочуваат кон Петровец.
МВР со апел до граѓаните, да не се упатуваат кон овој дел од автопатот се додека не се создадат услови за повторно пуштање на сообраќајот.