Македонија
Потпишан меморандум за соработка меѓу Националниот сојуз на слепите и Град Скопје
Заради поефикасно остварување на социјална грижа за слепите лица, нивна поголема мобилност, вклучување во општествените текови и јакнење на социјалната сигурност, денеска во просториите на Град Скопје се потпиша меморандум помеѓу Град Скопје и Националниот сојуз на слепите на Република Северна Македонија.
„Со овој меморандум Националниот сојуз на слепите на Република Северна Македонија се обврзува да подготвува извештаи за потребите на Град Скопје за состојбите поврзани со економската и социјалната сигурност на слепите лица заради потребата од адаптација, со цел отстранувањето на пречките, обезбедувањето достапност до информациите, како и јакнење на правата на слепите лица во нашиот град“, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Овие извештаи Град Скопје ќе ги користи за унапредување на своите програмски активности што се однесуваат на подобрување на условите на слепите лица во Скопје.
„Во изминатиот период Градот и Националниот сојуз имавме интензивна соработка во насока на поддршка на Сојузот. Во таа насока, со реконструкција на фискултурните сали во средните улилишта ‘Михајло Пупин’ и ‘Здравко Цветковски’ беа обезбедени спортски реквизити за слепи и слабовидни лица, при што во ‘Михајло Пупин’ беше изградена и тактилна патека. Обезбедивме поддршка за спортски манифестации, како што е традиционалниот 13. ноемриски шаховски турнир и натпреварот Goal ball. Дополнително, обезбедивме и бесплатни слободни легитимации за јавниот градски превоз за 320 корисници членови на Здружението за слепите на Град Скопје, а воедно организираме и групен превоз до излетнички места за членовите на ова здружение“, рече Шилегов.
Додаде дека Град Скопје посветено работи на унапредување на квалитетот на живот на слепите лица и лицата со оштетен вид, при што во континуитет презема мерки што ќе овозможат непречена комуникација, непречено движење, целосно вклучување на овие лица во општеството. За таа цел е отворен и првиот дневен центар за слепи лица и лица со оштетен вид, чие функционирање е помогнато од Градот како институција.
Претставникот на Националниот сојуз на слепите на Република Северна Македонија изрази благодарност до Град Скопје за поддршката што ја добиваат и нагласи дека дневниот центар за слепи лица и лица со оштетен вид е од суштинско значење за оваа категорија граѓани бидејќи им овозможува на нивните членови секојдневно да се обучат за најважниот сегмент за нив – ориентацијата во просторот, но ќе имаат можност да стекнат и други обуки и на македонски и на албански јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

