Македонија
Потпишан меморандум за соработка меѓу Регулаторната комисија за енергетика и ЗНМ

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и Здружението на новинари на Македонија потпишаа меморандум за соработка во кој основен постулат е информирање на граѓаните за постапките и процесите за заштита на правата на потрошувачите за енергетските услуги.
„Од првиот ден кога ме назначија за претседател на Регулаторната комисија за енергетика, заедно со членовите клучна цел што ја зацртавме ни беше институцијата да ја отвориме за граѓаните, затоа што и основната функција на регулаторното тело е да ги штити правата на потрошувачите. Со оглед на тоа дека регулираме дејности кои допираат во основната функција на живеењето и работењето, свесни за неопходноста на точна и навремена информација до јавноста и граѓаните, го зајакнавме тимот соодветно со лица кои ќе работат токму во овој сегмент. Искуството од Здружението на новинарите убедени сме дека ќе ни помогне во обука на стручните службите во квалитетно пласирање на информациите за јавност, а и нашата експертиза ќе ја надградиме во насока на вештини за поедноставена комуникацијата разбирлива за сите. Овие заложби не се само декларативни, истите позитивно се рефлектираа во однос на оценетата транспарeнтност и стручност преку признанијата што ги добиваме од Енергетската заедница за најдобар регулатор од членките и тоа две години по ред“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, истакна дека меморандумот е формализација на заложбите за точна и навремена информација за потрошувачите на услугите кои ги регулира РКЕ, а ќе претставува и основа за понатамошна заемна соработка.
„Сметаме дека подобрената соработка со РКЕ може да донесе бенефит не само за новинарите и членовите на РКЕ, туку и за јавноста во целост“, изјави претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, и додаде дека со отворањето на РКЕ се зголемува транспарентноста на оваа институција.
„Ова ќе помогне на новинарите од економските редакции подобро да ја разберат суштината на работата на РКЕ, но и на компаниите од оваа дејност и ќе имаат целосен пристап кон информации што ја третираат оваа тематика“, рече тој.
Целта на потпишувањето на овој меморандум е да се направи платформа за соработка и обуки помеѓу членовите на РКЕ и новинарите, како и кампањи за осознавање на надлежностите, улогата и значењето на РКЕ. Со меморандумот се опфаќа можност за пристап до стручни материјали и литература во РКЕ и ЗНМ, изработка на анализи и истражувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Не само технолошка трансформација, туку суштинска инвестиција во луѓето, јавната администрација мора да се движи во чекор со времето, порача Рисова Мутлулар

Шефот на Кабинетот на Министерот за јавна администрација, Маја Рисова Мутлулар, и раководителот на Секторот за обуки, Агрон Меџити, учествуваат на состанокот на Директори на институти и школи за јавна администрација (DISPA), што се одржува во Будва, Црна Гора.
Под мотото „Иднината на јавната администрација: Лидерство во криза и постигнување резултати“, настанот има за цел да обезбеди платформа за размена на добри практики, стратегии и иновативни пристапи за градење капацитети кај јавните службеници, особено во време на предизвици и неизвесности.
Настанот е организиран од ReSPA – Регионалното училиште за јавна администрација, во соработка со Европската школа за администрација и поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Црна Гора.
Во текот на интензивната програма, учесниците дискутираа за дизајнирање на иновативни и флексибилни системи за обука, користење на податоци за управување со човечки ресурси, значењето на коучингот за развој на лидерски капацитети и придобивките од меѓународни и извршни програми за размена.
Во рамки на дискусиите, Рисова Мутлулар истакна: „Јавната администрација мора да се движи во чекор со времето, тоа значи не само технолошка трансформација, туку и суштинска инвестиција во луѓето. Само преку континуирана обука, поддршка и создавање простор за иновации, можеме да создадеме администрација што ќе одговара на потребите на граѓаните.”
Настанот обедини претставници од ЕУ и земјите од регионот, со цел споделување искуства, градење партнерства и идентификување заеднички приоритети за подобрување на јавните услуги.
Министерството за јавна администрација останува посветено на креирање ефикасна, транспарентна и професионална јавна служба, преку регионална соработка, модернизација на системите за обука и развој на човечките ресурси, велат од таму.
Македонија
МВР со детали: Поткопан е темелот на куќата на Владо Малески, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава

Се огласи полицијата по случајот со уривањето на дел од спомен-куќата на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна.
„На 15.10.2025 во 11:00 часот во ОВР Струга е пријавено дека Н.К. од струшкото село Велешта, при изведување градежни работи на улицата „Браќа Миладиновци “ во Струга со работна машина го поткопал темелот од јужниот ѕид на спомен куќата-музеј на Владо Малески, која претставува споменик заштитен како значајно културно наследство“, велат од МВР.
На местото извршиле увид претставници на Завод и музеј – Охрид, заедно со полициски екипи. По целосното расчистување на случајот, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство“, согласно член 264 од Кривичниот законик.
Македонија
За 30 дена ќе ставам крај на депониите во Гази Баба, рече кандидатот на СДСМ за градоначалник, Митовски

Кандидатот за градоначалник на Гази Баба од СДСМ, Влатко Митовски, најави дека во првите 30 дена од преземањето на функцијата ќе го реши проблемот со сметот и дивите депонии во општината.
„Нема повеќе да има диви депонии зад контејнерите, ниту општината ќе создава сопствени депонии. Отпадот ќе биде одложуван на пропишани и контролирани локации, а комуналното претпријатие повторно ќе стане функционално,“ порача Митовски.
Тој го обвини актуелното раководство дека четири години не успеало да воспостави систем за редовно собирање на отпадот, поради што комуналните служби се во целосен колапс.