Македонија
Потпишан нов колективен договор, 20 проценти покачување на платите за вработените во јавните установи за социјална заштита

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните на Република Македонија (УПОЗ), претставуван од претседателот Трпе Деаноски, како и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), претставуван од претседателот Јаким Неделков, од другата страна, денес официјално го потпишаа колективниот договор за вработените во јавните установи за социјална заштита.
„Со овој колективен договор се овозможува зголемување на платите за 20 % за сите вработени, вклучително и за директорите на јавните установи за социјална заштита, што претставува значаен чекор кон подобрување на нивниот материјален статус и мотивација за професионално извршување на одговорните задачи.
Покрај финансиските бенефиции, договорот ги унапредува и правата од работен однос, ги засилува механизмите за заштита на работниците и го продлабочува социјалниот дијалог меѓу Владата и синдикатите.
Ова е признание за трудот, посветеноста и за хуманата мисија на сите вработени во системот на социјална заштита. Верувам дека со подобри услови за работа ќе обезбедиме и подобри услуги за граѓаните“, истакна Лимани по потпишувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Полицијата и РСБСП со едукативно – превентивни кампањи во Охрид

СВР Охрид и РСБСП, од 10 часот, на градскиот плоштад „Св.Климент Охридски“, во Охрид, ќе извршат презентација на повеќе едукативно-превентивни кампањи кои досега се реализирани во Охрид, но и во другите градови во земјава.
Низ кратки разговори со граѓаните, полициски службеници од отсекот за превенција ќе ги запознаат граѓаните за содржините, насоките и советите што се даваат при спроведувањето на кампањите „Стави појас“, „Ако пиеш не вози“, „Безбедно во лето-вози одморен“, „И јас и ти сме пешаци“, ,,Безбедно во лето- носи кацига“, „ Користи пешачки“, „Одговорно паркирај“, „Спречи кражби“, „Безбедно вози- не користи мобилен“ и други, а се суштински за подигнување на безбедносната култура кај граѓаните, јакнење на свеста и совеста за поголема внимателност во заштита на личниот имот и сопственост на граѓаните, одговорно однесување во сообраќајот и подигнување на сообраќајната безбедност.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: За време на СДСМ улица во Драчево е преименувана во Азем Морана

Срамно и дрско е СДС да зборува за темелите на македонската државност откако променија знаме, име и Устав на државата, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
„СДС која тоне се подолу во рејтингот меѓу граѓаните, заборава дека име на училиште го дава општинскиот совет, а не Владата. За да ги потсетиме, токму тие во време Зоран Заев како премиер и градоначалник на СДС во Скопје, во Драчево улица е преименувана во Азем Морана, откако претходно се викала Јустинијан Први. СДС говори за македонска државност, а во нивно време се променија и името, и знамето и Уставот на Македонија. Ги распродаваа државните интереси на кој стигнат за ден повеќе власт. Затоа граѓаните не им дадоа доверба и тонат секојдневно се повеќе. Подлоста на СДС оди во невидени размери, а ние како ВМРО-ДПМНЕ сме вчудоневидени на нивното однесување“, пишува во реакцијата.
Македонија
Клиниките за Токсикологија, Неврологија и Кардиологија добија нови директори

Министерството за здравство информира дека се именувани нови в.д. директори во четири јавни здравствени установи.
На Универзитетската клиника за токсикологија за в.д. директор е именуван д-р Арѓенд Имери, на местото на д-р Андон Чибишев.
На Универзитетскиот институт за клиничка биохемија за в.д. директор е именувана д-р Мимоза Бафќари-Бакији, на местото на д-р Николина Граздановска.
На Универзитетската клиника за неврологија за нов директор е именуван д-р Игор Кузмановски, на местото на д-р Фатмир Меџити.
На Универзитетската клиника за кардиологија за нов директор е именувана д-р Даница Петкоска Спирова, на местото на д-р Беким Поцеста.
Новоименуваните директори ја извршуваат оваа функција почнувајќи од вчера.