Македонија
Починаа две родилки со Ковид-19, бебето на едната од нив е во критична состојба
Две родилки, една од Скопје и една од Делчево, починаа откако биле породени, па хоспитализирани. Родилката од Делчево била на возраст од 33 години, а родилката од Скопје имала 32 години. Директорката на Гинеколошко-акушерската клиника, Викторија Јовановска, вели дека се чувствуваат поразено како тие така и персоналот од КАРИЛ и Градската општа болница „8 Септември“, каде што родилките се бореле за живот бидејќи не успеале да ги спасат. Двете родилки биле позитивни на коронавирусот.
„Две родилки се починати, но не на нашата клиника. Едната родилка е 33-годишна од Делчево и е породена со царски рез, во термин. Таа роди здраво машко бебе, кое е испишано дома. На денот на хоспитализација, 9 март, дојде со негативен ПЦР-тест, кој го направила во Делчево. На 10 март добивме позитивни резултати со антигенски рапид-тест, направен кај нас. Породена е на 11 март и поради влошување на состојбата, таа е препратена на лекување во ‘8 Септември’“, вели директорката Јовановска.
За починатата родилка од Скопје, Јовановска вели дека е донесена од Инфективната клиника, а за живот се бори и бебето.
„Втората родилка е 32-годишна скопјанка. Породена е пред терминот со царски рез. Жената е донесена од Инфективната клиника за да се заврши бременоста на 20 март во тешка состојба и само неколку часа по породувањето, поради лошата клиничка состојба, е препратена на КАРИЛ. Предвременото родено женско бебе сѐ уште е на интензивна нега и сѐ уште е респираторно зависно, во критична состојба. Малку е стабилизирано, но сѐ уште во критична состојба“, додава Јовановска.
Директорката на ГАК вели дека направиле сѐ што можеле, а се чувствуваат поразено заедно со колегите од КАРИЛ и „8 Септември“ бидејќи не успеале да ги спасат животите на двете млади жени.
„Се направи сѐ. Целиот персонал даде сѐ од себе, од КАРИЛ одеа во ‘8 Септември’, помагаа. Имавме голема желба овие жени да се извлечат, многу млади родилки, верувавме дека ќе успееме“, додава Јовановска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

