Македонија
Почина новинарот Драган Ристов, ја изгуби битката со коронавирусот
Новинарот Драган Ристов ја загуби битката со коронавирусот.
Тој беше хоспитализиран на Клиниката „Жан Митрев“ и за неговото лекување се собираа финансиски средства.
Ристов почина на 47-годишна возраст поради сериозни компликации од коронавирусот.
Тој беше татко на две деца и дологогодишен новинар, сликар и советник за односи со јавност во општина Штип.
На македонската јавност ѝ е познат по тоа што секоја година беше одговорен и за прес-конференциите на Фестивалот за забавна музика „Макфест“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Новиот Централен одбор на СДСМ вечерва ќе ги избира членовите на раководството
Новиот Централен одбор (ЦО) на СДСМ вечерва ќе ја одржи својата прва седница на која се очекува да бидат назначени и останатите партиски органи.
Централниот одбор беше избран викендов, а го сочинуваат 115 членови, за кои претседателот на партијата, Венко Филипче, рече дека се поединци кои се почитувани во својата заедница, кои знаат да го почитуваат членството и ќе работат во најдобар интерес на сите граѓани.
Се очекува ЦО да избере нов Извршен одбор (ИО), по што ќе следува и избор на потпретседатели, генерален секретар и двајца организациски секретари.
На партискиот конгрес викендов за заменичка на Филипче беше избрана Фани Каранфилова-Пановска – активистка и поранешна претседателка на фондацијата Отворено општество.
Каранфилова-Пановска дојде на местото на Сања Лукаревска, која си поднесе оставка по изборниот пораз на СДСМ.
Македонија
Дурмиши сака минималната плата да биде 600 евра, но ќе преговара за 450 на почетокот на декември
Во буџетот има пари за зголемување на минималната плата и во декември, како што бара Синдикатот, покрај законското зголемување од 2.000 денари во март следната година. Министерот за економија Бесар Дурмиши вели дека сака минималната плата да се зголеми на 600 евра, но треба договор и законски измени и за барањето на Синдикатот минималната плата да биде 450 евра.
„Ако во рамките на Економско-социјалниот совет договориме да се зголеми минималната плата, претходно треба да се смени Законот за минималната плата. Кога ќе се направат измените, може да се зголеми минималната плата на 450 евра. Има политичка волја. Што се однесува до мене, јас сакам минималната плата да биде 600 евра“, рече министерот Дурмиши денес одговарајќи на новинарски прашања на конференцијата „Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Северна Македонија“.
Дали минималната плата може да се покачи на 450 евра Економско-социјалниот совет ќе одлучува на седница во декември. Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, вели дека аргументите се на нивна страна.
„Дијалогот во однос на минималната плата е отворен. Аргументите се на наша страна. Ако знаете дека во Црна Гора минималната плата е веќе 800 евра, ако знаете дека минималната плата во Босна од 1 јануари ќе биде 600 евра, ако знаете дека во Србија е 454 евра, мислам дека синдикалната минимална кошничка, која изнесува 62.000 денари, покажува дека платите мора да се зголемат. Разговараме во однос на ова прашање поврзано и со мерките на Владата за ограничување на маржите на производите и мислам дека на наредната седница на Економско-социјалниот совет ќе ги презентираме нашите аргументи со кои располагаме за да ги убедиме бидејќи мораме да се убедуваме за потребата од растот на сите плати, вклучително и растот на минималната плата“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Тој потсети дека што побргу мора да се направи исчекор за раст на платите и очекува Владата на ист начин како што ги покачи платите во образованието и здравството, ќе успее до крајот на годината да ја исправи неправдата за сите работници што не добија усогласување на платите оваа година поради изборите.
Македонија
Филков: Комората на вештаци стана функционална
Министерот за правда, Игор Филков, и претседателот на Комората на вештаците, Виктор Камнар, на денешната прес-конференција соопштија дека со запишувањето на Комората на вештаците во Централниот регистар се означува почетокот на една нова реформа во правосудниот систем.
„Една од моите први задачи кога стапив на функцијата министер за правда беше Комората на вештаците да ја направиме да биде функционална. И тоа го сторивме за релативно кус период. На 25.10.2024 година со решение на Централниот регистар на РСМ е запишана Комората на вештаците на РСМ во ЦРСМ, со што дури по цели 8 години, можеме да кажеме дека таа профункционира!
Ова е значаен исчекор бидејќи Комората предолго беше во процес на мирување лишувајќи го правниот систем од експертиза. Со ова ќе се решат и проблемите, со кои, за жал, со години се соочуваа вештаците како во поглед на заштитата на своите интереси, особено со издавањето на лиценците и нивната важност, така и во поглед на можностите за унапредување на нивната работа. Сето тоа беше скратено или ограничено поради фактот на непостоење на Комората како еснафско здружение на вештаците“, рече Филков.
Филков потенцира дека е убеден оти ова институција ќе стане синоним за стручност и ќе придонесе кон поефикасно и фер функционирање на нашиот правосуден систем.
„Функционалната Комора на вештаците претставува клучен чекор кон подобрување на правниот систем и создавање силен механизам за контрола и поддршка на вештаците во Македонија. Комората ќе биде одговорна за лиценцирање, едукација и надзор на вештаците во правец на јакнење на професионалните и етичките стандарди. Со ова очекувам да се зголеми довербата во правосудниот систем, како и перцепцијата за фер и објективни правни постапки“, изјави Филков.
Претседателот на Комората на вештаците, Виктор Камнар, смета дека со ова ќе се унапредат квалитативно сите судски вешти наоди со цел да го зголемиме квалитетот на сите управни и судски постапки.
„Следниот месец на веб-страницата на Министерството за правда ќе биде објавен јавниот повик за сите оние што првпат ќе сакаат да станат вештаци, да ги достават своите документи и она што е во надлежност на Комората, организирање обуки на сите идни вештаци во времетраење на 60 часа за да се овозможи добивање лиценца“, рече Камнар.
Министерството за правда продолжува со поддршката на Комората во напорите за постојан професионален развој и унапредување на постапките.