Македонија
Почина професорот, научник и книжевен преведувач Владимир Цветковски

На 5 август почина истакнатиот професор, научник и книжевен преведувач Владимир Цветковски.
Роден е 1934 година во Битола, каде што завршил основно и средно образование. Редовните студии по англиски јазик и книжевност ги завршил 1959 г. на Филолошкиот факултет во Нови Сад, а магистрирал 1964 г. на Пенсилванскиот универзитет во Филаделфија, САД.
Докторирал на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје во 1975 г. со докторската дисертација со наслов: Сложени именки во англискиот и во македонскиот јазик – контрастивка анализа. Во академската 1975/76 престојувал на Универзитетот во Чикаго, САД, на постдокторски студии.
Цветковски се вработил на тогашниот Филозофски факултет во Скопје во 1961 г. како хонорарен лектор, а во 1962 г. бил избран за асистент по англиски јазик на Катедрата за англиски јазик и книжевност. По стекнувањето на научниот степен доктор по филолошки науки, бил избран за доцент, вонреден професор и редовен професор на Филолошкиот факултет во Скопје.
На Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, Владимир Цветковски изведувал настава по предметите историја на англискиот јазик и англоамериканската цивилизација, а исто така држел и вежби по предметот современ англиски јазик, часови по предметот техника на преведувањето, како и вежби по преведување од англиски на македонски јазик. Покрај наставата не матичната катедра, изведувал и настава по англиски јазик на повеќе факултети на Универзитетот во Скопје (Медицинскиот, Електромашинскиот, Филозофскиот и др.)
Владимир Цветковски повеќепати на подолго време престојувал во земјите од англиското говорно подрачје, особено во САД. Така, по завршувањето на студиите, престојувал на постдипломски студии на Пенсилванскиот универзитет во Филаделфија, а 1975/76 г на Универзитетот во Чикаго. По изборот во звањето редовен професор, две учебни години, 1985/86, престојувал на Државниот универзитет во Портланд, Орегон, САД, каде што држел настава по македонски јазик. Од учебната 1991/92 изведувал настава по предметот историја на англискиот јазик на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Ниш.
Владимир Цветковски на Филолошкиот факултет во Скопје активно учествувал во работата на сите управни тела. Бил член на Извршниот одбор, член на Факултетскиот совет, продекан за настава во периодот 1980/82, декан на Филолошкиот факултет во периодот 1989/91 г.
Владимир Цветковски бил член на повеќе научни асоцијации и сојузи во земјата и странство, како што се: Друштвото на наставници по странски јазици, Југословенското здружение за применета лингвистика, Југословенско Шекспирово друштво – секција за Македонија, Југословенско-канадско друштво за литература и култура (претседател 1989/90), Асоцијацијата за австралиски студии и Друштвото за наука, Битола.
Владимир Цветковски активно учествувал на научни собири со реферати. Тој се занимава со прашања од областа на јазикот и книжевноста, книжевните и културните врски, како и со преведувањето. Тоа опфаќа студии и статии, осврти и прикази, преводи од англиски на македонски и од македонски на англиски јазик. Неговата научна и стручна активност се огледува во неговите трудови од областа на јазичната проблематика, теоријата на преведувањето, културните и книжевните врски на Македонија со земјите од англиското јазично подрачје.
Во видокругот на неговото внимание се наоѓа книжевноста или одделни писатели од повеќе земји од англиско говорно подрачје (Австралија, Канада, САД), најчесто, но не и исклучиво, кога се во врска со македонската книжевност или Македонија. Во поглед на јазичните дисциплини неговото внимание е насочено на контрастивно изучување на англискиот и македонскиот јазик (транскрипција, хомонимија и полисемија, сложенки со редупликација), но и на јазикот како носител на културата.
Со својата педагошка, научна и преведувачка дејност професорот Владимир Цветковски остави траен влог во развојот на англистиката, филологијата, како и во македонската култура и нејзиниот дијалог со светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Потпишани договори за 40 научно – истражувачки проекти на универзитетите, научните институти и МАНУ

Министерството за образование и наука потпиша договори за финансирање на 40 научно-истражувачки проекти со државни факултети, научни институти и МАНУ.
Од нив, 15 проекти се од природно-математичките науки, инженерството и технологијата, медицинските и здравствените науки како и од земјоделските и ветеринарните науки.
Исто толку проекти се од општествените и хуманистичките науки.
За прв пат оваа година, се финансираат 10 проекти од областите кои со Стратегијата за паметна специјализација се утврдени дека имаат висок иновациски, истражувачки и економски потенцијал: паметното земјоделство и храна со повисока додадена вредност, ИКТ технологиите, електромашинската индустрија и одржливите материјали и паметни згради.
Проектите беа одбрани на јавен конкурс, вкупниот износ за финансирање по проект изнесува до 8 милиони денари, а истражувачките тимови треба да ги завршат до крајот на октомври 2026 година.
Министерската за образование и наука Весна Јаневска рече дека ова е трет конкурс по кој се одобруваат средства за финансирање на научно-истражувачки проекти, што јасно ја покажува насоката кон која сакаме да ја придвижиме државата.
„За оваа Влада науката е стратешки ресурс за развој. Затоа ги интензивираме вложувањата во научно-истражувачки проекти, врз основа на прецизни критериуми за селекција: поттикнуваме оригинални и иновативни идеи, поддржуваме млади истражувачи и меѓународно конкурентни и релевантни проекти. Наша цел е да создадеме услови за квалитетна наука која носи реални резултати и има потенцијал да го забрза општествено-економскиот развој на државата“, нагласи Јаневска.
Претходно, Министерството за образование и наука одобри и средства за пет научно-истражувачки проекти од посебен научен и јавен интерес кои се резултат на соработката помеѓу академскиот и бизнис секторот во рамки на паметната специјализација на државата, во вкупен износ од 30,4 милиони денари.
Минатата недела беа склучени договори со осум јавни научни установи за финансирање на научно-истражувачки проекти, во вкупен износ од 23,7 милиони денари.
Оваа година Министерството за образование и наука издвои буџет од 680 милиони денари за финансирање на наука, што е речиси двојно зголемување во споредба со Буџетот од 2024 година.
Македонија
Германски државјанин протеран од државата: на натпреварот Шкендија-Карабаг во Скопје веел знаме „Голема Албанија“

По извршена идентификација и поднесена кривична пријава, Основното јавно обвинителство Скопје по итна постапка процесуираше државјанин на Германија за кривично дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.
Против него беше поднесено обвинение, бидејќи на 5 август, непосредно пред фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „Шкендија“ и ФК „Карабаг“ што се одигра на градскиот стадион во Скопје, со истакнување и веење знаме на „Голема Албанија“ и со натпис „Автохтона“, предизвикал чувство на омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност. Тоа го забележале полициски службеници, кои го лишиле од слобода.
Врз основа на обезбедените докази во координација меѓу полицијата и надлежното обвинителство, Основниот кривичен суд Скопје веднаш изрече пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и го осуди на условна казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку осудениот не стори ново кривично дело во следните 5 години.
Во исто време, бидејќи станува збор за странски државјанин, Судот донесе одлука да го протера и да му забрани влез во државава во следните пет години.
Од Обвинителството најавија дека тие и МВР продолжуваат да преземаат координирани активности за откривање и идентификување на сторители на кривични дела на ширење на омраза и нетрпеливост поврзани со спортски натпревари. Веднаш по идентификацијата на сторителите, тие ќе бидат процесуирани во согласност со надлежностите на јавното обвинителство.
Македонија
Одложени активности на отворено: Министерството за здравство со препораки поради најавите за високи температури

Министерството за здравство информира дека во согласност со најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во периодот од 8 до 13 август 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои во одделни региони може да достигнат до 39°C.
Поради тоа, потсетуваат на почитување на општите препораки за заштита на населението од високи температури:
„Престојувајте во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11 до 17 часот;
Внесувајте доволно течности избегнувајќи алкохол и засладени пијалаци;
Носете лесна, светла облека и користете заштита за главата и за очите;
Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови од денот;
Посветете внимание на децата, старите лица, лицата со хронични заболувања и на бремените жени – овие групи се особено чувствителни на високи температури;
Во случај на симптоми, како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш побарајте медицинска помош;
Одложете активности на отворено во најтоплиот дел од денот;
Обезбедете микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25°C) на работното место и во домот“.
Министерството, како што велат, внимателно ја следи состојбата на дневна основа и ќе постапува во согласност со процените и потребите.