Македонија
Почна пробивањето на улицата Есенинова

Екипите на Град Скопје денеска почнаа со изградба и пробивање на улицата Есенинова, која ќе ги поврзува Кисела Вода, Аеродром и Центар, односно булеварите Борис Трајковски и Трета македонска бригада.
„Со овој коридор ќе се намали притисокот на раскрсницата кај ‘Тутунски комбинат’ бидејќи директната врска кон скопското сајмиште за граѓаните ќе значи многу побрзо патување и кратење за повеќе од десетина минути од времето потребно за движење, а ќе се намали и метежот во сообраќајот. Со тоа, ќе влијаеме на подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух“, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на градежните работи на улицата Есенинова.
Новоизградената улица Есенинова ќе биде долга 730 метри, со променлива ширина, односно ќе има две коловозни ленти и тротоари од двете страни низ Кисела Вода, а потоа четири коловозни ленти пред влезот во Трета македонска бригада. Предвидено е да се постави улично осветлување со 20 столбови, нова водоводна и канализациска мрежа и да се дислоцираат постојните резервоари и бунари кои се наоѓаат на таа локација. Вредноста на договорот изнесува околу 71.000.000 денари со вклучен ДДВ, а рокот за изведба е 22 месеца.
Улицата Есенинова е од огромно значење за жителите на Кисела Вода, Аеродром и Центар, зашто претставува трето поврзување на урбаните делови на Аеродром и Кисела Вода. Булеварот Трета македонска бригада со должина од 2,5 километри има само 2 поврзувања со Кисела Вода, едното преку булевар Србија со булевар Борис Трајковски, а второто, познатото тесно грло кај „Тутунски комбинат“, кое воедно претставува поврзување на Аеродром и со Кисела Вода и со Центар.
Со изградбата на Есенинова, ова тесно грло во сообраќајот ќе се растовари, ќе се скрати кружењето околу „Тутунски“, кое во периодите на најголемиот сообраќаен метеж трае од 5 до 10 минути. Ова ќе го почувствуваат и граѓаните кои патуваат од „Континентал“ во Гази Баба до Рампа и Чешма во Кисела Вода, а кои избегнувајќи го тесното грло кај „Тутунски“ кружат или преку булевар Србија во Аеродром или преку булеварите Крсте Мисирков и Кочо Рацин во Центар.
Така на пример, од Чешма до „Континентал“ ако сега се патува 3 километри преку Центар или 8 километри преку Аеродром, преку трасата Есенинова – Никола Карев – Беласица ќе се патува само 2 километра. Изразено во време, тоа на граѓаните им заштедува од 10 до 15 минути.
Шилегов денеска најави интензивирање на градежната офанзива на Град Скопје – до крајот на годинава ќе почне реконструкција и изградба на над 20 сообраќајници во сите 10 скопски општини во вредност од околу 760 милиони денари во тековната и идната година.
– Ги замолувам скопјани за малку трпение. Веќе знаете дека е сменет начинот и режимот на работа на Градот, ќе бидеме и брзи и квалитетни. Секои градежни работи предизвикуваат нарушување на секојдневието, па поради тоа замолувам да се почитуваат новите сообраќајни режими кои ќе бидат воведувани во градот почнувајќи од денешниот ден – додаде Шилегов.
На почетокот на градежните работи на улицата Есенинова присуствуваа и градоначалниците на општина Кисела Вода и на општина Центар, Филип Темелковски и Саша Богдановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.