Македонија
Почнува попишувањето на иселениците, дипломатите, затворениците и бездомниците
Од денеска почнува првата фаза на пописот, со која ќе бидат опфатени дијаспората, армијата, дипломатските претставништва, бездомниците и затворениците. Попишувањето на дијаспората ќе трае до 21 април.
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, изјави дека целта на попишувањето на иселениците, покрај собирањето податоци, е да ги потсети дека, иако се иселиле, тие се дел од земјата од која потекнуваат. Симовски најави дека процесот ќе се одвива преку интернет-апликација достапна исклучиво од странство. Нејзиното користење, како што истакна Симовски, е едноставно.
„Процесот на самопопишување ќе се спроведува преку веб-апликација, која е многу едноставна и кориснички ориентирана, лесно достапна, што значи дека секој државјанин на Република Северна Македонија во странство ќе може лесно да ја пополни за многу кусо време, а единствениот услов е да се најави со својата имејл-адреса. Апликацијата е наменета исклучиво за самопопишување од странство, што значи пристапот од Република Северна Македонија е оневозможен“, истакна директорот Симовски.
Според премиерот Зоран Заев, пописот е најважната и најголемата статистичка операција со која ќе се обезбедат податоци за креирање ефикасни јавни политики во државата.
„Процесот на преговорите со ЕУ почнува и со пописот, кој е од особена важност и наша обврска како држава кандидат за членство во ЕУ бидејќи токму поглавјето Статистика е едно од поглавјата од првиот кластер во преговорите. Со учеството во пописот секој граѓанин ќе даде свој личен придонес кон подобра иднина за сите нас. Тоа е наше задолжение, наша обврска кон државата, кон нас самите и кон нашите деца“, рече Заев.
Од друга страна, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, вчера истакна дека власта не е подготвена за да го спроведе пописот. Посочи дека во време на пандемија и без вакцини власта на мускули турка попис и го загрозува здравјето на граѓаните.
„ВМРО-ДПМНЕ отвори една граѓанска иницијатива за собирање потписи и последната информација е дека се собрани 100 илјади потписи. Тие се потписи против нерегуларен попис. Сите сме за да има статистички попис, но тоа не да биде политичка операција, во која владините функционери ќе се наддаваат со проценти“, рече Милошоски.
Националниот блок „Не отворам врата“ ги повика граѓаните да не ги пуштаат попишувачите дома бидејќи сметаат дека пописот ќе биде фалсификуван и е веќе договорен меѓу Заев и Ахмети.
Од друга страна, вицепремиерот, Артан Груби, на „Фејсбук“ ги повика иселениците Албанци да се мобилизираат и да се самопопишат во што поголем број.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За четири дена 2.450 сообраќајни прекршоци, уапсени 15 лица
Во периодот од 24 до 27 ноември како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 2.450 издадени платни налози, 454 прекршоци се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, соопшти МВР.
Лишени од слобода за безобѕирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле 15 лица, од кои 13 за возење под дејство на алкохол, а две лица за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 811 прекршоци за непрописно паркирање, 265 мерки се изречени за возачи кои управувале возило без возачка дозвола, девет санкции за минување на црвено светло, изречени се 33 мерки за прекршоци што ги прават пешаците, како и 15 санкции за возење под дејство на алкохол.
Санкционирани се и 132 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас, како и 89 мерки за возачи поради користење мобилен телефон при возење. Согласно Законот за возила, 65 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 44 заради техничка неисправност. Изречени се и соодветни мерки за 17 возачи на моторни возила поради затемнети стакла односно непрописно вградени фолии.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.
Македонија
Утре бесплатни уролошки прегледи во болницата „13 Ноември“
По повод Месецот на машкото здравје, ЈЗУ Специјална болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје, организира настан кој ќе се одржи утре, 29 ноември, со почеток во 10:00 часот.
Во рамки на настанот, за сите мажи ќе бидат обезбедени бесплатни уролошки прегледи, како и ехо прегледи на бубрези и простата, со цел подигнување на свесноста за значењето на навремената грижа за машкото здравје.
„Во рамки на настанот, ќе обезбедиме бесплатни прегледи за сите заинтересирани мажи. Прегледите ќе ги извршуваат: Уролошки прегледи ќе врши Д-р Дарко Марковски, уролог од ГОБ „8-ми Септември“, Ехо на бубрези и простата ќе вршат Д-р Марика Филипова, специјалист интернист и Д-р Марија Сековска, специјалист интернист од ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје. Ова е одлична можност за навремена проверка, превенција и грижа за здравјето.
Сите заинтересирани се добредојдени“, велат од болницата.
Македонија
Утре нов „Марш на ангелите“ во Кочани
За утре, 29 ноември, е најавен нов „Марш на ангелите“ во Кочани. Предвидено е маршот да започне со почеток од 14:05 од Паркот на револуцијата во Кочани.
„Паралелно со судскиот процес, ги повикуваме сите граѓани кои веруваат во човечноста и правдата да ни се придружат на 29 ноември 2025 г., сабота со почеток од 14:05 од Паркот на револуцијата во Кочани. Да чекориме со љубов, со болка и достоинство, во име на оние што повеќе не можат да чекорат. Овој марш не е протест, туку мирен марш за правично судење, за да потсетиме дека зад секој “број” стои име, живот, семејство и болка. Нашата порака е едноставна, но длабока, за нашите деца, за вистинска правда за Македонија со совест. Да покажеме дека ова општество не молчи пред неправдата и дека постои народ што не се откажува од вистината“, соопштија од Здружението на граѓани „16 Март 2025 г. Кочани”.

