Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, рано утринава во 1 часот и 50 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Дебар на 80 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда ML3.0.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Дебар и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
УЈП: Направена е техничка надградба на електронските системи за полесно и поедноставно користење

Управата за јавни приходи ги информира даночните обврзници дека е направена техничка надградба на нивните електронски системи со цел користењето на истите да биде уште полесно и поедноставно.
„Најавата на почетната страница на системот е-ПДД (https://e-pdd.ujp.gov.mk/) сега е пренасочена преку порталот е-Даночни услуги (https://e-ujp.ujp.gov.mk/), со што пристапот станува поедноставен и побрз. Со едноставно кликање на линкот „ПДД“ во горниот десен агол на екранот, ќе можете да ги користите сите функционалности кои веќе ги познавате и кои се дел од постоечките функционалности на системот е-Персонален данок“, објаснуваат од УЈП.
„Имплементиран е и нов начин на дигитално потпишување, независен од верзијата на JAVA и типот на интернет пребарувачот, како втора опција за дигитално потпишување во системот. За користење на оваа опција, потребно е да се инсталира софтверот достапен на линкот кон кој ве води самото апликативно решение.
Со воведување на оваа можност сакаме да излеземе во пресрет на даночните обврзници кои се соочуваат со предизвици при функционирањето на дигиталното потпишување на различни платформи и интернет пребарувачи. Како дел од процесот на унапредување, во текот на вчерашниот ден се појавија краткотрајни технички предизвици. Ви благодариме за вашето трпение и разбирање во тие моменти. Доколку се соочите со какви било потешкотии или ви е потребна техничка помош или поддршка, контактирајте го ИНФО ЦЕНТАРОТ на Управата за јавни приходи. Контакт телефон: 0800 33 000 (од фиксни линии), 02/3253 200 или е-пошта: [email protected]“, се додава во соопштението на УЈП.
Македонија
Алиу: Нашата цел е Министерството за здравство да стане пример за институција која функционира транспарентно, плански и професионално

Министерот за здравство, Азир Алиу денеска беше дел од работилница во организација на Министерството за здравство, а со поддршка на Светската здравствена организација(СЗО), која има за цел унапредување на комуникацијата и координацијата, како предуслов за функционална институција, а со тоа и ефективен здравствен систем.
– Неопходно е да изградиме механизам за навремена и ефективна комуникација, како и алатки за следење и евалуација на нашите работни групи и комисии. Целта е Министерството за здравство да стане пример за институција која функционира транспарентно, плански и професионално, посочи министерот Алиу на работилницата.
Тој информираше дека формира интерна работна група која ќе го финализира протоколот за комуникација и сите договорени следни чекори од денешната дискусија, ќе го презентира пред сите раководители на сектори и ќе предложи временска рамка за негова имплементација.
Министерот Алиу пред уечсниците на работилницата порача дека на овој начин се постаува основата за министерство кое планира, комуницира и делува како еден тим.
Македонија
Турски државјани осомничени за помагање на странци при незаконит престој во државава

За кривично дело – Помагање на странец при незаконит престој предвидено во член 212 став 1 и 3 од Законот за странци осомничени се двајца турски државјани, на возраст од 30 и 26 години.
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка, бидејќи осомничените во текот на годинава, заеднички, со намера да прибават противправна имотна корист, помогнале на странци да престојуваат во земјава спротивно на одредбите од Законот за странци.
Тие изнајмиле стан на улицата „Христијан Тодоровски Карпош“ во Скопје, каде за одреден паричен надомест им обезбедиле сместување и не го пријавиле престојот на двајца турски и двајца узбекистански државјани, со што им помогнале да престојуваат во земјава подолго од законски дозволениот престој од 90 дена во текот на 180 дена.
Бидејќи постојат околности што укажуваат постоење на опасност од бегство, опасност од влијание врз сведоци и сокривање и уништување на траги и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повторат кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.