Македонија
Почувствуван земјотрес во југоисточните делови на Македонија, епицентарот во Грција

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, рано утринава во 03 часот и 20 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, 290 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML5.0.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во југоисточните делови од Републиката, со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Андоновска: Ќе се гради Универзална сала, ја враќаме културата во фокусот

Македонија со ВМРО-ДПМНЕ започна време во кое уметноста се вреднува, културното наследство се чува, а културата станува видлива и достапна за сите. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја враќа македонската култура во прв план-со над 2.500 поддржани проекти, нови инвестиции, обновени институции и силна меѓународна промоција, истакна на прес-конференција Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во 15 месечниот мандат Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ воведе делегиран буџет за 17 национални установи, се реализираа 551 проект од областа на заштитата на недвижното културно наследство, се реши статусот на 160 вработени во културните институции.
Наскоро ќе започне и изградбата на претходно стопираниот проект на „Стар театар“ во Струмица. По повеќе години застој почнува да се гради и Универзалната сала- симболот на Скопје, а воедно се уредува и гради Турскиот театар. Вкупната вредност на инвестициите за реализација на овие проекти е преку 30 милиони евра. Во текот на мандатот на оваа Влада ќе се гради и Драмскиот театар во Скопје чиј проект се ревидира.
Оваа година ќе започне реализацијата на проектот за интервентна заштита на „Македониумот“ симболот на македонската историја, идентитет и борба“, најави таа.
Појасни дека е започната реконструкција, санација и адаптација на поранешното кино „Партизан“ во Битола, инвестиција вредна 96 милиони денари.
Во Гевгелија, според неа, целосно се реконструира Старата чаршија којашто ќе ја задржи својата автентичност, но и ќе се трансформира во современо културно-туристичко јадро. Вредноста на инвестицијата е 40 милиони денари.
„По 7 години запоставеност, повторно се отвори комплексот „Македонско село“ кој низ својата автентична архитектура и традиција ја раскажува македонската културна приказна.
„Музејот на вода“ во Охрид, кој претходно беше запуштен и заборавен, го доби својот стар сјај, а неговата обнова изнесуваше околу 15 милиони денари. Исто така го продолживме и Проектот за возобновување на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник.
ВМРО-ДПМНЕ ја враќа културата во фокусот, во срцето на македонското општеството. ВМРО-ДПМНЕ преку инвестициите во културата го прави вистинскиот избор за твојата иднина-иднина во која македонската приказна е видлива и вреднувана“.
Македонија
Старите униформи ќе се заменуваат со нови, поквалитетни и помодерни: македонската полиција се ребрендира

Министерството за внатрешни работи известува дека е објавен тендер за нови униформи за замена на старите, непрактични и нефункционални униформи со нови, модерни, квалитетни и функционални по терк на европските полиции.
„Министерството во процесот кој е целосно транспарентен и одговорен, оствари технички дијалог со дури 13 заинтересирани компании при што беа земени во предвид сите сугестии и предлози“.
Министерството апелира на тендерот да се јават сите заинтересирани компании и во утврдените рокови да може да се промовира новата, модерна, квалитетна и функционална униформа за оние кои се грижат за безбедноста на македонските граѓани.
„Македонската полиција заслужува да биде модерна и функционална европска полиција.
Новата униформа во себе ќе содржи елементи како виндјакна, теренска јакна, теренски панталони летни и зимски, кошули со кратки и долги ракави, капи, маички, чевли со потенок и подебел ѓон и високи зимски и летни тактички чизми.
Тендерот е објавен на електронскиот систем за јавни набавки на следниот линк и на него можат да учествуваат сите заинтересирани компании“, се истакнува во соопштението.
Македонија
Концентрациите на ПМ 10-честичките во Трубарево во рамките на дозволените граници

Од Министерството за животна средина известуваат дека во согласност со индикативните мерења на суспендирани цврсти честички (ПМ 10) на мерното место во Трубарево, спроведени во периодот од 21.9.2025 во 8.30 часот до 22.9.2025 во 8.30 часот, просечната концентрација изнесува 14,2 µg/m³.
„Највисоката измерена вредност е 44,1 µg/m³, а моментото ниво е 11,9 µg/m³“.
Резултатите, како што е соопштено, покажуваат дека концентрациите на ПM 10 се во рамките на дозволените и не ја надминуваат 24-часовната гранична вредност пропишана за заштита на човековото здравје во согласност со уредбата за квалитет на амбиенталниот воздух.