Македонија
По журките, пазарни инспектори го запечатија ноќниот клуб во Струмица
Пазарниот инспекторат со ленти го запечати ноќниот клуб „Аватар“ во Струмица, каде што минатиот викенд се правеа журки. Затворањето доаѓа откако првиот пат клубот доби кривична пријава за организацијата на забава, па продолжи со работа и следната вечер правеше нова забава. Сега „Аватар“ ќе остане затворен сè до донесувањето протоколи за работа на ноќните клубови од страна на Комисијата за заразни болести, кое е во тек.

Забавите во струмичкиот ноќен клуб се одржуваа во време кога во Македонија беа регистрирани рекордни 240 за едно деноноќие. Од снимките евидентно беше дека журките поминале со метеж, турканици и неконтролиран влез. Никој од присутните не одржувал дистанца ниту, пак, носел маски за заштита од вирусот. На забавите настапувале популарни артисти од државата.

Предмет од Обвинителството за одржана забава во време на пандемија е отворена и за клубот „Калипсо“ во Прилеп. Забавата била пријавена во Пазарниот инспекторат, но додека да дојдат инспекторите, местото било испразнето. Од снимките на социјалните мрежи се гледа дека организаторот не внимавал ниту на бројноста на посетителите. Сега обвинителите постапуваат по допрен глас бидејќи се сомневаат дека клубот и неговиот управител не постапиле според здравствените прописи во време на пандемија.
Пазарниот инспекторат веќе најави дека во периодот што следува, па сè до донесување на протоколите за работа, сите ноќни клубови, но и објекти каде што се одржуваат забави, ќе бидат веднаш затворани и гонети пред надлежните органи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локален дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд. Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен денеска кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд. До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Делови од четири скопски општини денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Кисела Вода;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Карпош;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Бутел;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Центар.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.

