Македонија
По контролите на УЈП за фискализација: затворени пет објекти
Во периодот од 21 до 27 јули 2025 година Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе вкупно 154 теренски контроли за фискализација насочени кон разни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе-барови, слаткарници, колонијали, продавници за облека и накит, месарници, цвеќарници, рибарници, туристички агенции, хотели и други трговски објекти за продажба на мало.
Контролите биле реализирани во државата во повеќе градови, меѓу кои и туристичките места, каде што во летниот период има зголемена фреквенција на туристи.
Од 154 контролирани субјекти, кај 34 %, односно кај 52 од контролираните се утврдени неправилности во согласност со Законот за регистрирање на готовинскиот промет. За утврдените неправилности донесени се 52 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени во согласност со големината на субјектот. Кај пет даночни обврзници, поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност. Привремено затворање објекти е изречено за три субјекти во Охрид, еден во Гостивар и еден во Струга, соопшти УЈП.
„Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна: •Во Скопје извршени се 43 контроли и утврдени се 9 неправилности; •Во Струга, Охрид и во Ресен извршени се 64 контроли, а утврдени се 10 неправилности во Струга, Охрид – 14, Ресен – 2 ; •Во Прилеп извршени се 5 контроли, a утврдени се 3 неправилности; •Во Струмица и во Дојран извршени се 12 контроли, а утврдени се 2 неправилности во Дојран •Во Тетово, Гостивар и во Кичево извршени се 15 контроли, а утврдени се 6 неправилности, од кои 4 во Тетово и по една во Гостивар и во Кичево; •Во Штип, Македонска Каменица и во Берово извршени се 15 контроли и утврдени се по 3 неправилности во Македонска Каменица и во Берово“.
УЈП со апел до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и во согласност со законските прописи со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата.
Најавуваат дека Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли, во согласност со Законот за регистрирање на готовинските плаќања, ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници.
„Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување. Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на доследна примена на законите и обезбедување еднаков третман за сите даночни обврзници. Почитувањето на законските обврски е заедничка одговорност и темел на одржлив, функционален и фер даночен систем“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филков:Дигитализацијата и човечките ресурси се клуч за ефикасно и независно судство
Зајакнувањето на ефикасноста и независноста на судството е еден од највисоките државни приоритети и предуслов за враќање на довербата на граѓаните во институциите, порача министерот за правда на конференцијата „Јакнење на ефикасноста и независноста на судството во Македонија.
„Ова е критичен и одлучувачки момент за правосудниот систем. Мораме јасно и објективно да ја согледаме состојбата, затоа што само преку прецизна процена можеме да дојдеме до одржливи решенија“, истакна министерот за правда Игор Филков во своето обраќање.
Тој нагласи дека состојбите во правосудството се темелно анализирани и документирани во релевантни домашни и меѓународни документи, меѓу кои Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028, Реформската агенда 2024–2027, Националната стратегија за спречување на корупција и извештаите на Европската комисија.
Посебен акцент беше ставен на Патоказот за спроведување на стратегијата за човечки ресурси за судската мрежа.
„Ова не е само теоретски документ, туку практичен и применлив водич кој нуди јасен и остварлив пат за справување со најитните предизвици во судството“, нагласи министерот.
Министерството за правда, во рамки на своите законски надлежности, во текот на 2024 и 2025 година утврдило алармантни состојби во правосудството, кои директно кореспондираат со идентификуваните слабости во Патоказот.
„Предложените мерки мора сериозно да се разгледаат и да се имплементираат, доколку навистина сакаме резултати што ќе бидат мерливи, видливи и одржливи. Реформите мора да обезбедат пополнување на работните места, модернизација на инфраструктурата, зајакнување на институционалниот интегритет и зголемување на довербата на јавноста преку транспарентност и високи етички стандарди. “, порача министерот Филков.
Како еден од клучните столбови на реформите беше истакната дигитализацијата на правосудството.
„Инвестициите во интегрирани системи за управување со предмети и целосно дигитални судски досиеја не се иднина – тие се сегашност и реална потреба“, рече министерот, додавајќи дека дигиталните алатки ќе овозможат поефикасна распределба на ресурсите и подобар пристап до правдата.
Во делот на законодавните активности, министерот информираше дека во изминатиот период се подготвени околу триесет закони со кои се спроведуваат системски реформи во правосудството.
Законот за Судскиот совет веќе е донесен, а Законот за јавното обвинителство наскоро се очекува да влезе во собраниска процедура. Подготвени се и други закони како дел од целосното ресетирање на правосудниот систем.
,,Наша обврска како Министерство за правда е да создадеме јасни и применливи закони кои ќе бидат инструмент за правда и правичност. Реформите во судството и унапредувањето на законската рамка не се брзи процеси кои се случуваат за еден ден. Тие не се лесни, но се неопходни. Продолжуваме посветено и заедно да работиме на системски решенија”,потенцира Филков.
Македонија
Европската интеграција останува стратешки приоритет, порача Сали на средбата со еврокомесарката Кос
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска во Брисел оствари работна средба со европската комесарка за проширување, Марта Кос.
Средбата беше фокусирана на текот на процесот на европска интеграција на земјата, реформските приоритети и актуелните предизвици во рамки на европската агенда.
Во текот на разговорите, заменик-претседателот Сали повторно потврди дека членството во Европската Унија останува стратешки приоритет на Владата, оценето како долгорочна инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на европскиот континент. Тој нагласи дека создадениот позитивен моментум треба да се искористи преку тесна и континуирана соработка со европските институции, со цел конкретно унапредување на интегративниот процес.
Во својство на министер за европски прашања, главен преговарач, национален координатор за Инструментот за реформи и раст (RGF), како и НИПАК, Сали ја истакна посветеноста за одржување на фокусот на државната администрација на реформите поврзани со ЕУ и за обезбедување континуитет на реформското темпо, во согласност со европските стандарди и најдобрите практики.
Во овој контекст, се разменија мислења за спроведувањето на Планот за раст и Реформската агенда, како и за други актуелни прашања од заеднички интерес, при што беше потенцирана важноста од континуирана координација и конструктивен дијалог со институциите на Европската Унија.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска: Секое дете мора да се чувствува безбедно во училиште
Денес во Општина Кисела Вода беше потпишан трипартитен меморандум за соработка меѓу Општина Кисела Вода, ООУ „Св. Климент Охридски“ од Драчево и Обединета Македонска Дијаспора – Подружница Македонија, со кој официјално се воспоставува рамка за унапредување на образованието преку иновативни, инклузивни и холистички програми.
Со оваа соработка започнува имплементацијата на проектот „STAR FOR LIFE“. Проектот предвидува обука на наставниците од четврто, петто и шесто одделение, како и директна работа со учениците преку стручни обучувачи, нивни претставници во Македонија, со фокус на една од најчувствителните теми во училиштата – булингот и врсничкото насилство, информираат од општината.
Градоначалничката заедно со директорот за Македонија и Европа од Обединета Македонска Дијаспора, Гордан Јорданов, заменик-директорката Маја Сталеска и директорката на училиштето, Елена Симоновска, дискутираа околу програмата, која има за цел да ги оспособи наставниците и учениците навремено да препознаваат ризични ситуации, да реагираат соодветно и да придонесат кон создавање побезбедна училишна средина.
-Со потпишувањето на овој меморандум воспоставуваме конкретна и значајна соработка која директно ќе им користи на нашите ученици и наставници. Преку проектот ‘STAR FOR LIFE’ обезбедуваме едукација, навремено препознавање и соодветно реагирање на булингот и врсничкото насилство. Наш приоритет е секое дете да учи и расте во безбедна средина, во која ќе се чувствува прифатено и поддржано. Општина Кисела Вода останува посветена на превентивни мерки и партнерства од ваков тип, затоа што веруваме дека само со заедничка работа можеме да спречиме несакани последици. Ова е инвестиција во иднината на нашите млади- изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

