Македонија
По повод Светскиот ден на науката за мир и развој УКИМ ги награди најзаслужните за развој на научната дејност
По повод Светскиот ден на науката за мир и развој УКИМ ги награди најзаслужните за развој на научната дејност
Скопје, ноември 2024 – Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, на одбележувањето на Светскиот ден на науката за мир и развој, во знак на признание за посебен придонес за развој на научноистражувачката дејност и интернационализацијата и афирмацијата на Универзитетот за исклучително достигнување во кариерата и објавени повеќе од 100 научни труда афилирани на Универзитетот и индексирани во базата Web of Science додели им плакета на Универзитетот на осуммина професори, како и награда за најдобрите научници и уметник, кои постигнале врвни резултати во текот на изминатата година во одделни научноистражувачки подрачја.
Плакетите беа доделени на академик проф. д-р Валентин Мирчески, редовен професор на Природно-математичкиот факултет, академик проф. д-р Сашко Кедев, редовен професор на Медицинскиот факултет, проф. д-р Владимир Трајковиќ, редовен професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, проф. д-р Љупчо Пејов, редовен професор на Природно-математичкиот факултет, проф. д-р Ефтим Здравевски, вонреден професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, проф. д-р Христијан Ѓорески, вонреден професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии, проф. д-р Петре Макрески, редовен професор на Природно-математичкиот факултет, и проф. д-р Златко Левков, редовен професор на Природно-математичкиот факултет.
Во посебен контекст плакетата на проф. д-р Мирчески опфаќа и второ остварување за исклучително достигнување во кариерата и меѓународно признаена извонредност преку застапеност во листата на Stanford University World’s Top 2 % Scientists за целокупната кариера.
Од воспоставените инструменти на Универзитетот за поддршка на науката значајна и мотивирачка е годишната награда, која се доделува на најдобрите научници и уметник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кои постигнале врвни резултати во научноистражувачката дејност во текот на изминатата календарска година.
На свеченоста наградата за најдобри научници и уметник на УКИМ за 2023 година им беше доделена на д-р Даниел Велинов, редовен професор на Градежниот факултет во Скопје за најдобар научник во НАУЧНОТО ПОДРАЧЈЕ НА ПРИРОДНО-МАТЕМАТИЧКИ НАУКИ, д-р Димитар Трајанов, редовен професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје за најдобар научник во НАУЧНОТО ПОДРАЧЈЕ НА ТЕХНИЧКО-ТЕХНОЛОШКИТЕ НАУКИ, д-р Андреј Николовски, доцент на Медицинскиот факултет во Скопје, за најдобар научник во НАУЧНОТО ПОДРАЧЈЕ НА МЕДИЦИНСКИ НАУКИ, д-р Александар Узунов, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје за најдобар научник во НАУЧНОТО ПОДРАЧЈЕ на ветеринарни и земјоделски НАУКИ, д-р Александар Стојков, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје за најдобар научник во НАУЧНОТО ПОДРАЧЈЕ НА ОПШТЕСТВЕНИ НАУКИ, и на м-р Зоја Бузалковска, редовен професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје за НАЈДОБАР УМЕТНИК.
Ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, упати честитки до сите наградени истакнувајќи го значењето на научната дејност за нашето општество.
Говорејќи за огодинешниот тематски фокус по повод Светскиот ден на науката за мир и развој – „Зошто науката е важна во контекст на ангажирање на умовите и зајакнување на иднината“, Ангелова нагласи дека науката, технологијата и иновацијата се од суштинско значење за поттикнување на економскиот, социјалниот и еколошкиот развој, трите столба на одржливиот развој.
„За поддршка на овие три столба УНЕСКО им помага и ги мобилизира своите земји членки и партнери за создавање погодни средини, кои ќе ги направат истражувањата и иновациите подостапни, транспарентни, инклузивни и поврзани со општествените потреби“, порача Ангелова.
Со одбележувањето на овој ден се истакнува значењето на зајакнувањето на јавната свест за улогата на науката за одржлив развој на општество, како и важноста да се насочи вниманието кон предизвиците со кои се соочува научноистражувачката работа и подигнувањето на поддршката на научните истражувања.
„Поаѓајки од фактот дека група научници од академската заедница на УКИМ се истакнуваат со најголем број референтни публикации индексирани во базата на Web of Science, со што особено придонесуваат за афирмација на Универзитетот, а со цел да им се изрази признание за нивните научни достигнувања во кариерата, со интенција ова признание да биде мотив за повеќе и подобро во науката за останатите, а особено за помладите, Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје го доделува ова престижно признание, единствено во кариерата – плакета за посебен придонес за развој на научноистражувачката дејност и интернационализацијата и афирмација на Универзитетот“, истакна проректорката за наука на УКИМ, проф. д-р Валентина Гечевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче по обраќањето на Руте: Членството во НАТО е трајна придобивка од политиките на СДСМ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Собранието изјави дека членството во Алијансата е резултат на „стратешките, визионерските и државничките политики“ на Социјалдемократскиот сојуз во изминатите повеќе децении.
„Тој пат не беше лесен, меѓутоа сега конечно можеме да се чувствуваме безбедни, со загарантирани граници, благодарение на тоа што сме дел од најголемиот безбедносен сојуз во светот“, рече Филипче.
Тој оцени дека во услови на војни и нови жаришта во светот, особено поради, како што посочи, агресијата на Русија врз Украина, членството во НАТО претставува трајна придобивка за државата.
Осврнувајќи се на говорот на Руте, Филипче рече дека генералниот секретар имал одличен говор и упатил јасни пораки до Владата, посочувајќи дека Русија е агресор во Украина и дека прави сојуз со Кина и Северна Кореја.
Притоа, Филипче упати критики кон актуелната Влада, наведувајќи дека има вицепремиер кој, како што рече, отворено негува врски со Русија, споменувајќи го вицепремиерот Стоиљковиќ. Тој додаде дека вториот човек во Владата се среќава со ‘Ноќните волци’, кои се во директна комуникација со рускиот претседател Владимир Путин.
Филипче посочи и на заемот од една милијарда евра од Унгарија, наведувајќи дека, според извештаи на европските институции, станува збор за кинеско финансирање.
Македонија
Руте ја поздрави посветеноста на Македонија во зголемувањето на процентот за безбедност и напорите за помош на Украина
Во рамките на официјалната посета на Република Северна Македонија, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оствари средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши, на која присуствуваа: координаторите и заменик-координаторите Никола Мицевски, Јованка Тренчевска, Беким Ќоку, Рина Ајдари и Бобан Карапејовски; шефот на собраниската делегација во ПС НАТО, Драган Ковачки и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, соопшти прес-службата на законодавниот дом.
Гаши, посакувајќи му добредојде, го запозна гостинот со актуелната состојба во земјава, во светло на актуелните геополитички тензии на Блискиот Исток и војната во Украина. Ја предочи посветената политика на Македонија како кредибилен сојузник кој како и досега ефективно ќе придонесува за обезбедување на регионалниот и глобалниот мир и безбедност. Во време на зголемена глобална неизвесност, претседателот Гаши ја нагласи важноста на блиските односи, одржливиот политички дијалог и заедничката посветеност на меѓународното право и колективната безбедност. Притоа, тој предочи дека членството на земјава во ЕУ не е само како институционално прашање на зачленување. Истакна дека во светло на тековните нестабилности, прашањето на европската интеграција на регионот на Западен Балкан сè повеќе станува и прашање поврзано со европската безбедност.

Генералниот секретар Руте се заблагодари на топлото гостопримство и ја поздрави посветеноста на земјава во зголемувањето на процентот за национална и колективна безбедност, со што се манифестира нејзината способност да ги прифати обврските од членството во НАТО. Ги поздрави напорите што Република Северна Македонија ги вложи во обезбедување соодветна помош за Украина, со што заедно со останатите сојузници покажа висок степен на солидарност. Во тој контекст соговорниците споделија заеднички оценки за одржување на конзистентни позиции и целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ (ЗНБП), заедничките одбранбени иницијативи на Европската Унија и силна поддршка на Украина.
Руте ја поздрави посветеноста на нашата земја како земја членка на НАТО во фрагилен регион каде не се сите држави членки на НАТО или имаат различен степен на партнерство со Алијансата, во промовирање на атмосфера и политика на регионална стабилност и висок степен на учество во мировните мисии на НАТО. Ја нагласи важноста на вокалноста на парламентите и парламентарците како незаменлив демократски инструмент за поддршка на државните приоритети, особено во сферата на јакнењето на одбранбените капацитети на армијата и јакнење на безбедноста, согласно проектираните визии на Алијансата.
На посебна седница, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте имаше и свое обраќање пред пратениците на Собранието.
Македонија
Сите полицајци во земјава денес ќе добијат телеграма: Секој што ќе биде посочен дека е можен сторител на семејно насилство да биде повикан во полиција
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски со телеграма, која ќе ја испрати уште денес, ќе ги извести сите полициски службеници дека треба да го повикаат на разговор секој што ќе биде посочен како можен сторител на семејно насилство, без разлика дали се работи за маж или за жена.
„Полициско поставување во иднина посебно ќе биде фокусирано и на сторителите. За секој еден ваков случај каде што ќе имаме доза на сомнеж, па макар и на најмал сомнеж секој еден кој што ќе биде посочен дека е сторител на семејно насилство ќе биде повикуван во полициска станица на информативен разговор. Еве јавно го кажувам тоа, секој еден, без разлика дали е од машки пол, од женски пол којшто ќе биде посочен дека е сторител на семејно насилство, ќе биде повикан на информативен разговор во полициска станица. Секој еден. Денес ќе спроведеме телеграма до сите полициски службеници на територија на државата со која во рамки на полициското работење ќе дадеме инструктивни упатства. Тоа ни го дозволува Законот за полиција и врз снова на таков тип полициски дејствија ќе можеме да навлеземе во рамки на одредени оперативни активности кои ни се дозволени согласно закон“, рече денес министерот на прес-конференција на која соопшти детали за трагедијата во Карпош во која загинаа мајка и шестгодишно дете по пад од зграда само два часа по пријавата во полиција за несогласување меѓу сопружниците.
Министерот Тошковски ги повика сите граѓани кои ќе сведочат на семејно насилство тоа да го пријават во полиција. Најави дека за случајот во Карпош посебно ќе го истражат постапувањето на полицијата и повика на фокусирано постапување и од останатите институции, посебно од Центарот за социјални работи за да се подобрат состојбите во иднина.

