Македонија
По потпишувањето на договорот, Груби почна да носи патики што чинат колку една македонска плата, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Артан Груби е човек без срам. Очигледно стандардот на облекување на Артан Груби порасна со потпишувањето на договорот за коридорите 8 и 10, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Артан Груби глуми моден гуру и, замислете, на очиглед на целата македонска јавност се облекува во патики што чинат дури колку една македонска плата. Артан Груби, вчера, смеејќи ѝ се на целата македонска јавност в лице, се пофали со патики Off-White, кои чинат над 450 евра.
Да потсетиме дека половина милион граѓани живеат со само 150 денари на ден и немаат леб да јадат, а Груби почна да се облекува во патики што чинат повеќе од 27.000 денари. Нека се запраша дали тие граѓани на своите деца може да им купат патики од над 27.000 денари“, додаваат од партијата.
Груби е човек кој е познат по своето семејно брзорастечко мултимилионско богатство, кое, како што велат, е стекнато под сомнителни околности.
„Потсетете се само кој беше Артан Груби и дали носеше патики од 450 евра пред да влезе во политиката кога беше хулиган и погледнете го сега по потпишувањето на договорот за коридорите 8 и 10.
Очигледно Артан Груби како новопечен мултимилионер сака во стилот да биде новиот Еди Рама, но, за жал, од „Алиекспрес“ бидејќи сите знаат дека овој негов луксуз се должи на криминалот и корупцијата што ги прави оваа Влада на ДУИ и СДСМ.
Ова е најкриминалната Влада со најголемиот потенцијал за одговорност, одговорност што ќе се брои во стотици години затвор поради сторениот очигледен криминал“, порачаа од опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
Македонија
Денеска максималната температура до 38 степени, од утре потопло

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.