Македонија
По четири децении постоење, подобрени условите за хемодијализа и реновиран објектот за пациентите во струшка нефрологија

По постоење од речиси четири децении, во ЈЗУ „Нефрологија“ – Струга извршени се поголеми градежни зафати, а инвестирано е и во подобрување на условите за третман на пациентите благодарение на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – фаза 2“ преку програмата „Инвестициски проект со дигитална компонента од грантовата шема“, кој го реализира Министерството за локална самоуправа со поддршка на владата на Швајцарија, соопштија од Министерството за локална самоуправа.
Заменик-министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими, заедно со директорот на установата, Јетмир Зиба, и директорот на Центарот за развој на Југозападниот Плански Регион, Ваљон Каба, денеска ја посети установата, со што и официјално се означи имплементацијата на проектот вреден 26 милиони денари.
Според соопштеното, во рамките на проектот на главната зграда на установата поставени се фотонапонски панели, има соларен систем за загревање вода, нов систем за греење/ладење, дизел-агрегат, извршена е замена на столаријата и подобрен е системот за осветление во внатрешноста на објектот. Истовремено, како што е наведено во информацијата, поставен е и безжичен систем за болничка дојава во одделот за интензивна нега, воспоставен е централен систем за дистрибуција на кислород, извршена е надградба на интернет-страницата на установата со можност за електронско закажување на прегледи и дијализа. Инвестирано е и во објектот наменет за т.н. холидеј-дијализа, кој сега е комплетно реновиран, има и нов систем за греење/ладење и вентилација, нов инвентар (медицински фотелји, опрема за сестринска соба и друг потребен специјализиран мебел).
„Установата сега ги поседува сите услови за навремен и комплетен третман на лицата со бубрежни заболувања. Купени се систем за централно снабдување со кислород за три сали за хемодијализа и интензивна нега и систем за реверзибилна осмоза, комплетно се реновира одделот за т.н. холидеј-дијализа и тој сега може да се користи преку целата година, а капацитетот на дневниот третман се зголеми на 60 лица. Веќе почнавме да ги намалуваме и трошоците за електрична енергија, благодарение на реконструираниот кров и фасада и поставените соларни панели на покривот на објектот. Оваа капитална инвестиција е од исклучително значење и голем исчекор за подобрување на медицинските услуги што ги нудиме“, изјави директорот на ЈЗУ „Нефрологија“, Зиба, кој информира дека со проектот постигната е енергетска ефикасност на објектот, а како резултат на модернизацијата на веб-страницата на установата сега постои можност за електронско закажување на прегледи и дијализа.
„Чест ми е што сум присутен на денешното официјализирање на проектот за подобрување на здравствените услуги во оваа установа, која е од исклучителна важност со оглед на тоа дека таа годишно пружа нега на над 14.000 пациенти од земјава, но и пошироко. Голема благодарност за поддршката на Владата на Швајцарија со чија помош ги решивме сите аномалии на установата, како од инфраструктурен аспект, така и од медицинска гледна точка. Сега, установата нуди услуги и третман по сите стандарди во интерес на нејзините пациенти, нашите граѓани, но и оние од регионот, а создадени се и услови за развој на здравствен туризам што е од значење не само за Струга, туку и целиот југозападен регион“, изјави заменик министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими.
Повеќекратните придобивки од инвестицијата во установата ги посочи и директорот на Центарот за развој на Југозападниот Плански Регион, Ваљон Каба.
„ЈЗУ ‘Нефрологија’ – Струга е единствена болница во Југозападниот Плански Регион, кој ја третира областа на бубрежни заболувања, па оттаму, имплементацијата на проектот со кој се подобрија условите за нега на пациентите, како и за условите за работа на медицинскиот персонал, се од исклучителна важност. Овој проект заедно со проектот за реконструкција на болницата за срцеви заболувања во Охрид, местоположбата на установите и природните убавини со кои се опкружени во голема мера создава услови за развој на здравствениот туризам во регионот“, истакна Каба.
Вредноста на целиот проект изнесува 26.043.286 денари. Министерството обезбеди 11.324.000 денари, Швајцарската агенција за развој и соработка учествува со 9.200.000 денари, финансики удел има и установата со 4.200.000 денари, а преостанатите се средства од буџетот на Општина Струга, соопшти ресорното министерство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.