Македонија
По шест смртни случаи од грип, Комисијата препорача: маските задолжителни во болниците и домовите за стари лица и забрана за посети
Комисијата за заразни болести препорача задолжително носење маски во здравствените установи и домовите што згрижуваат стари лица и забрана за посети во болниците и во домовите за стари лица. Претседателот на Комисијата, Александар Петличковски, вели дека мерките ги предлагаат поради зголемениот број болни од грип.
„Бидејќи сме во интензивна сезона на респираторни инфекции, препорачуваме задолжително носење маски во здравствените установи, во домовите што згрижуваат стари лица, и тоа и од страна на персоналот и од страна на згрижените лица и пациентите, и препорачуваме забрана на посетите во болниците и во домовите што згрижуваат стари лица. За другите препорачуваме совесно дејствување, тогаш кога ќе се осетат дека се болни, да носат маски и да избегнуваат метеж и затворен простор бидејќи на тој начин можеме да се заштитиме и да си ги олесниме симптомите“, рече претседателот на Комисијата, Петличковски.
Тој рече дека веќе има шест смртни случаи на заразени од грип, што за нив не е мала бројка и ги повика ранливите категории, лицата над 65-годишна возраст и оние со други болести, кои се подложни на грипот, а не се вакцинирале, да се јават во вакциналните пунктови оти има вакцини.
Препораките ќе му бидат испратени на министерот, па од таму во Владата, но Петличковски вели дека граѓаните, за не мора да чекаат да бидат изгласани, едноставно, треба да стават маски за да се заштитат. Тие и минатата недела ги дале истите препораки, но не стигнале до Владата.
Директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ, рече дека сите шестмина починати од грип починале на Инфективната клиника, не биле вакцинирани и имале и други болести. Таа апелира секој настинат, дури и со благи симптоми, да остане дома или да се држи настрана од интензивни комуникации и да носи маска оти веќе се покажа дека маската може да заштити.
Во амбулантите на Инфективната клиника дневно се прегледуваат по 60-100 пациенти.
„Сезоната е за грип. Бројките очекувано растат. Кај да е ќе го постигнеме пикот и сите треба да бидеме внимателни. Формите се најчесто лесни, може да се лекуваат дома, но секогаш има и пациенти со тешка слика на грип“, рече директорката Стевановиќ.
Двата случаја на голема кашлица не се загрижувачки, според Комисијата, но Петличковски ги повика родителите што пропуштиле вакцинација на децата да го направат тоа оти големата кашлица е најопасна токму за малите деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

