Македонија
По 3.000 денари за пензионерите со пензии до 14.000 денари, 1.200 за основци, 1.800 за средношколци, Ковачевски ги објави мерките

Основците, средношколците, студентите и пензионерите се првите категории опфатени со новиот пакет-мерки за кои е предвидена неколкумесечна парична помош. Мерките, за кои се издвоени 156 милиони евра од буџетот, попладнево ги соопшти премиерот Димитар Ковачевски.
„Во наредните пет месеци пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по три илјади денари месечно. Оние со пензија од 14 до 16 илјади денари ќе добиваат две илјади денари месечно, а пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари во следните пет месеци ќе имаат поддршка од 1.500 денари. За оваа поддршка се предвидени 35 милиони евра и се опфатени над 187 илјади пензионери“, соопшти премиерот Димитар Ковачевски.
Во новиот, деветти по ред пакет владини мерки за помош, предвидени се мерки за зголемување на училишниот стандард за основците и средношколците од ранливи категории, семејства со ниски примања до 50 илјади денари.
„Над 105 илјади ученици во основното образование и средношколците во наредните шест месеци ќе добиваат по 1.200 денари, односно 1.800 денари месечно за што од буџетот ќе се издвојат 14,3 милиони евра. 15 илјади студенти, кои живеат надвор од местото на студирање, ќе добијат ваучер за превоз. Студентите во наредните 7 месеци месечно ќе добиваат ваучери од 600 до 1.200 денари за што се предвидени 2 милиона евра“, рече премиерот Ковачевски.
Во наредните пет месеци по 2.000 денари месечно ќе добиваат корисниците на надоместок поради попреченост, самохрани родители, корисници на гарантирана минимална помош и родители на деца со попреченост до 26 години. Со оваа мерка се опфатени 16.741 граѓанин со вкупна буџетска поддршка од 2,7 милиона евра.
Целиот пакет содржи вкупно 26 мерки кои освен за граѓаните предвидуваат помош и за компаниите со вкупна вредност од 622 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.