Македонија
По 40 години поминати во институција, Мирсат и Васка добија свој дом

Процесот на деинституционализација продолжува. Уште двајца корисници на Заводот за заштита и рехабилитација на лица со телесна попреченост „Бања Банско“ од Струмица ја напуштаат институцијата.
За Мирсат и Васка е адаптирана и комплетно опремена куќа во селото Добрејци од 96 квадратни метри со голема тераса и двор, во која во наредниот период ќе може да се сместат уште двајца корисници од установите за резиденцијална грижа.
„За Мирсат и Васка, тоа е остварување на сонот за свој дом, а за Владата и МТСП, ова е реализација на ветувањето дека ќе го вратиме човечкото достоинство на сите граѓани“, рече дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, по заедничката посета со градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, на семејниот дом за поранешните корисниците на Заводот „Бања Банско“, во населеното место Добрејци, Струмичко.
Шкријељ посочи дека е ова е преубав ден за сите, ден кога едни од најстарите жители на Заводот добиваат свој дом.
„Мирсат бил повеќе од 40 години жител на установата и Васка повеќе од 30 години. Сите бевме сведоци на огромната желба на Мирсат да има свој дом со својата партнерка Васка. Обврска на институциите е да одговорат на тие барања. Сега двајцата корисници добиваат соодветна дневна поддршка од страна на негуватели и ќе им биде обезбедена исхрана преку Заводот за рехабилитација, а доколку има потреба, преку општинскиот Центар за социјална работа ќе им биде достапна услугата лична асистенција“, изјави Шкријељ.
Според градоначалникот на Струмица, Јаневски, важна е реченицата што ја слушнале и од Мирсат и од Васка дека ова е остварување на нивниот сон.
Првите девет возрасни корисници го напуштија Заводот во Бања Банско во 2019 година, од кои двајца добија поддршка за враќање во сопственото семејство, а седуммина се преселени во станови во државна сопственост. Сите деветмина добиваат соодветна поддршка вклучувајќи лична асистенција и поддршка од негуватели.
Активностите за трансформација на Заводот „Бања Банско“ се реализираат со средства од буџетот на МТСП, соработка со Општина Струмица и со поддршка на 4-те агенции на Обединетите нации – УНДП, УНИЦЕФ, УНЖЕНИ и УНФПА. Продолжи и трансформацијата на Специјалниот завод „Демир Капија“, односно 7 возрасни лица беа прeселени во одделот на Заводот за живеење со поддршка, во рамките на кој функционираат две нови станбени единици. Во јануари 2020 почна спроведувањето на три проекти финансирани од ЕУ (ИПА II), кои до крајот на 2022 ќе ја поддржат преселбата на над 100 корисници на Специјалниот завод „Демир Капија“ во сервиси во заедницата за живеење со поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.