Македонија
Пратениците изгласаа: секој студент ќе добие по 250 евра за електронски уред
На денешната собраниска седница се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов, кој истакна дека младите луѓе во Македонија добија партнер во државата, а воедно и дека од септември секој студент, кој е запишан на додипломски студии, ќе добие вредносен ваучер од 250 евра за електронски уред.
„Констатирам дека кога е ВМРО-ДПМНЕ во прашање и младите во Република Македонија, зборот е збор и затоа денес се гордеам што сум овластен предлагач на Законот за вредносните ваучери, со кој секој студент запишан на додипломски студии на возраст до 29 години од септември ќе добие вредносен ваучер од 250 евра за да набави електронско помагало во форма на лаптоп, таблет или персонален компјутер“, вели Попов.
Пратеникот Попов посочи дека младите се во фокусот на оваа Влада, дека сѐ што е ветено е испорачано како со проширувањето на опсегот за студентски оброк така и со вредносните ваучери за студентите, односно ветувањата што ВМРО-ДПМНЕ ги дава се остваруваат за разлика од седумгодишното владеење на минатата власт.
„Ветувањата што ВМРО-ДПМНЕ ги дава пред младите луѓе не се декларативни. Младите луѓе во Република Македонија добија партнер од страна на Владата, младите повторно имаат мајка Македонија, а не маќеа, како што беше седум години. Секогаш ќе настојувам мојата партија да ги застапува младинските интереси вистински и во пракса, а не само декларативно преку видеоспотови и празни флоскули. Со Законот за вредносните ваучери 250 евра за секој студент во државата многу бргу ќе биде реалност, а во иднина и многу други работи со оваа Влада и ова владејачко мнозинство ќе стануваат реалност“, рече Попов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На Клиниката за неврологија отворен ден за граѓаните за подигнување на свесноста и превенција од мозочен удар
По повод Светскиот ден на мозочниот удар – 29 октомври, Универзитетската клиниката за неврологија, утре организира отворен ден за граѓаните за подигнување на свесноста за превенција, препознавање на симптомите рана дијагностика и навремено лекување на мозочниот удар, под мотото „Мозочниот удар се лекува“.
Во рамките на настанот, на 28 октомври 2025 година (вторник), ќе се врши бесплатен доплер на каротидни артерии за сите заинтересирани граѓани, без потреба од упат, во периодот од 10:00 до 12:00 часот, во просториите на Клиниката за неврологија.
Со овој настан, Клиниката велат од таму, испраќа порака за важноста на редовните прегледи и контролата на ризик факторите кои можат да доведат до мозочен удар, како што се покачен крвен притисок, шеќер во крвта, зголемени масти, пушење и седечки начин на живот.
Македонија
Уапсени двајца полицaјци осомничени за разбојништвото на златарницата во Гостивар, се трага и по други лица
Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе кривична пријава против две лица поради сомнение дека како соизвршители учествувале во извршување на кривично дело „разбојништво“ по член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените се лишени од слобода во текот на вчерашниот ден, соопшти полицијата.
Тие на 10.10.2025, заедно со други засега непознати лица, влегле во златарница во Гостивар и со сила и закана со огнено оружје одзеле 18 килограми злато.
Двајцата осомничени се полициски службеници од ОВР Кичево, кои се договориле и направиле план за грабежот заедно со другите лица за кои интензивно се преземаат дејствија за пронаоѓање. Осомничените учествувале во подготовките со извиди на локацијата и на работата на златарницата два дена пред грабежот. На самиот ден, тие со службено возило на МВР го обезбедувале патот на двете возила искористени за грабежот во Гостивар, од кои едното потоа е пронајдено запалено на магистралниот пат Гостивар-Дебар, додека другото е пронајдено напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар.
„МВР во координација со ОЈО Гостивар презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот“.
Македонија
Општина Центар: Отстранети двете паднати дрвја
Општина Центар известува дека екипите на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и ЈП „Паркови и зеленило“ навремено интервенираа и ги отстранија двете дрвја кои паднаа во близина на ООУ „Киро Глигоров“.
Благодарение на нивната брза реакција, улицата е целосно расчистена и повторно ставена во функција, додаваат од општината.

