Македонија
Првиот дел од булеварот Босна и Херцеговина отворен за сообраќај

Екипите на Град Скопје ја завршија изградбата на првиот дел од новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина, кој изминативе месеци прерасна од улица со две ленти во современо булеварско решение со шест сообраќајни ленти и комплетна инфраструктура, соопшти Град Скопје.
„Ми претставува огромно задоволство, денеска, во присуство на амбасадорот на Република Босна и Херцеговина во нашата земја, во присуство на градоначалниците на општините Бутел и Чаир и на советници од Советот на Град Скопје и официјално да го пуштиме во употреба првиот дел од булеварот Босна и Херцеговина, инвестиција вредна околу 100 милиони денари. Се сеќавате дека овде имаше една стара улица која исто се викаше Босна и Херцеговина и која 50-тина години не беше реконструирана. Сега, сведочиме на најмодерно сообраќајно решение, со целосна инфраструктура, шест сообраќајни ленти, две велосипедски и две пешачки патеки, средишно зеленило и странично зеленило. Овој булевар всушност е дел од секундарниот северен прстен за којшто разговаравме во текот на кампањата во 2017 година и ова е неговата реализација. Булеварот се протега од улицата Македонско-косовска бригада до раскрсницата со улиците Александар Урдаревски и Ќемал Сејфула. Тој ги поврзува граѓаните на општините Шуто Оризари, Карпош, Чаир, Бутел и Железара со преостанатиот дел од градот и заедно со булеварот Христијан Тодоровски Карпош претставува брз излез на обиколницата. Во чест на Република Босна и Херцеговина денеска го отвораме овој булевар, за граѓаните да уживаат во овој квалитет што го внесуваме во Скопје“ – рече на денешната прес-конференција градоначалникот Петре Шилегов.
Тој нагласи дека Градот Скопје и тоа како вложува во нова и современа инфраструктура, а во тек се градежните работи на булеварот Никола Карев. Шилегов упати апел до граѓаните додека се изведуваат реконструкциите на градските улици да се придржуваат кон сообраќајните режими што се воведуваат за да се овозможи побезбедно одвивање на сообраќајот.
На отворањето за сообраќај на булеварот Босна и Херцеговина денеска присуствуваа и амбасадорот на Република Босна и Херцеговина, Драган Јаќимовиќ, градоначалниците на општините Чаир и Бутел, Висар Ганиу и Велимир Смилевски и советници од Советот на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Ѓорче Петров и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците село Волково – улицата пред последна автобуска станица 22, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 09.00 до 14.30 часот, корисниците на улицата Будимпештанска околу бр.25., општина Карпош.
Македонија
Утрово нестабилно време на исток, преку денот сончево и ветровито

Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во раните утрински и претпладневни часови во источните делови од земјата ќе има нестабилно време со локален пороен дожд и услови за ретки грмежи.
Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, локално со брзина над 60 километри на час. Минималните температури ќе се движат од 11 до 19, а максималните ќе достигнат од 24 до 31 степен.
Во главниот град ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Облачноста ќе се намали во текот на денот, а ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 16, додека максималната ќе достигне до 30 степени.
Од вторник ќе преовладува претежно сончево и ветровито време, со умерен до засилен северен ветер кој ќе биде најизразен долж Повардарието.
Македонија
Паркинг ќе се плаќа без пораки, јавен превоз без картички, музеј и жичарница без редици, Ѓорѓиевски претстави нова паметна картичка за Скопје

Актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, презентираше нова картичка со која сите услуги што ги нуди градот ќе бидат достапни на едно место. Проектот „Скопје сити гоу- паметна картична“ е наменет пред се на младите со цел Скопје да стане вистински модерен европски град што ќе нуди едноставни, практични и паметни решенија за сите граѓани.
„Ова е еден од проектите со кој особено се гордеам, Скопје сити гоу – паметна картичка со која сите услуги што ги нуди Градот ќе бидат достапни на едно место. Наместо десетици различни карти, апликации и плаќања, секој граѓанин ќе има една унифицирана и дигитална алатка. Јавен превоз – едноставен пристап без редици, готовина и посебни картички. За младите ова значи повеќе мобилност и слобода. Паркинг без пораки, автомати и губење време. Брзо и практично решение преку самата картичка. Културни и забавни содржини – музеите, кината, театрите, жичарата и зоолошката градина ќе бидат достапни преку едно средство“, најави Ѓорѓиевски.
Картичката „Скопје сити гоу“ Ѓорѓиевски вели дека ќе биде симбол и на социјална еднаквост.
„Средношколците, семејствата со ниски примања, пензионерите, невработените и лицата со попреченост ќе ја добијат бесплатно. За нив, услугите ќе бидат бесплатни или со драстично намалени цени. Никој нема да биде изоставен“, вели градонаалникот Ѓорѓиевски.
Картичката тој очекува да има вредност и надвор од јавниот сектор, одноно општествено одговорни компании ќе овозможат преку неа дополнителни услуги и поволности.
Предвидено е „Скопје сити гоу“ да биде достапна и како мобилна апликација, но и како физичка картичка за оние кои ја преферираат класичната форма, а секој, без разлика на возраста и технолошките навики, ќе може лесно да ја користи.
„Ова е визија за поинакво Скопје, град кој им штеди време и пари на своите жители, кој се грижи за младите и за ранливите категории, и кој ја користи технологијата за да им служи на луѓето. Со ’Скопје сити гоу’ започнуваме ново поглавје – модерно, дигитално и европско Скопје“, рече Ѓорѓиевски.