Македонија
Прегреан кабел од дефибрилатор причина за пожарот во тетовската модуларна болница
Во Основното јавно обвинителство Тетово доставен е Извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи. Согласно издадената Наредба од Основното јавно обвинителство Тетово, вештачењето утврдува постоење траги од електрична куса врска на доставениот материјал подигнат при вршење на увидот на самото место на пожарот, како и траги што се значајни за утврдување на причината поради која настанал пожарот во Модуларната болница, во кој животот го загубија 14 лица.
Од извршената анализа на трагите од пожарните оштетувања, динамиката на ширење на пожарот и врз основа на оштетувањата на инвентарот и просторот, земајќи ги предвид и добиените сознанија за дејствијата пред и во текот на настанувањето на пожарот, вештите лица ја утврдија локацијата, како и можната причина за настанување на пожарот.
Имено, со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.
По воочена појава на пламен, присутниот медицински персонал презел обид за гаснење, но настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект, простирајќи се по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар. Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период.
Кон ова придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради помеѓу модулите / просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот.
Ова вештачење е само еден од досега обезбедените докази. Се очекува во Основното јавно обвинителство Тетово да пристигнат извештаите и податоците за кои обвинителството има издадено наредби и насоки и до други надлежни институции, како и вештачењето кое треба да пристигне согласно побараната меѓународна правна помош од експертски тим од Република Германија. Едновремено, обвинителството и натаму интензивно постапува по предметот и се преземаат и други дејствија за целосно расчистување на настанот.
По прибирање на сите вербални и материјални докази, по нивно разгледување и анализа, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката велат надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

