Македонија
(Видео) Предавачите на Академијата за јавни обвинители и судии не знаат странски јазик

Предавачите кои преку континуирана обука треба да изградат европски профил на судии, јавни обвинители и судска администрација побарале изземање на странскиот јазик од критериумите кои треба да ги поседуваат за да останат на оваа позиција во Академијата, најверојатно бидејќи голем број од нив не познаваат ниту еден странски јазик.
Според Ива Цоневска од Институтот за европска политикa, со додавањето на овој критериум исфрлени се голем број квалитетни предавачи од Академијата, но со право бидејќи предавачите мора да имаат познавање на барем еден странски јазик.
Сепак, се поставува прашањето како е возможно одреден предавач да се нарече квалитетен доколку не знае странски јазик кој е повеќе од потребен, особено кога станува збор за едукација на судиите и обвинителите во однос на читањето на пресудите од Европскиот суд за човекови права и другите меѓународни судови. Проблемот со познавање странски јазик во Академијата за судии и јавни обвинители датира од поодамна.
Пред повеќе од една година беше откриена аферата за поседување лажни дипломи за познавање странски јазик од страна на кандидатите кои влегле во Академијата. Но, по сè изглед,а фалсификат дипломи не поседувале само кандидатите, туку и предавачите. Овој скандал подоцна го потврди и претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Жерновски: Владата на Мицкоски не ја напушти било која партија, Таравари не е било кој политичар, туку клучната фигура

Ниту една политичка партија не напушта влада која е успешна. Никаде и никогаш. Напротив, се заминува тогаш кога таа влада нема резултати. Или, најчесто, кога има, но се катастрофални.
Така е (дури) и кај нас, пишува на социјалните мрежи Андреј Жерновски, поранешен заменик-министер во МНР откако вчера Таравари соопшти дека неговата партија одлучила да си замине од Владата.
„Арбен Таравари вчера соопшти дека органите и телата на Алијанса за Албанците едногласно одлучиле да си заминат од Владата.
Да се потсетиме. Тоа не е било кој политичар, туку клучната фигура со чија кандидатура на последните претседателски избори дојде до целосен пресврт во албанскиот политички кампус, што повлече одлучувачки импликации и врз целокупниот.
Владата на Мицкоски ја напушти не било која партија, тука главниот senior partner. А тоа кажува многу, да не речам се’.
Таравари потенцира дека одлучиле да излезат од Владата за да се вратат кај народот. Сурова и прецизна опишана реалност, бидејќи оваа влада по само неколку месеци од својот мандат “успеа” да се оттуѓи од граѓаните, од оние кои и’ дадоа огромна доверба, кои веруваа во неа“, вели Жерновски.
По само неколку месеци, стана јасно, како што вели, дека оваа политичка гарнитура ги погази сите, предизборни ветувања.
„Наместо да ги направи горди граѓаните, ги понижи, нарекувајќи ја Македонија “нашата земја”. А друго се ветуваше, зарем не?
Ги понижува секојдневно со веќе неподносливата економска состојба, во која слободно дивеат цените на основните прехранбени производи, не презимајќи никакви мерки за да ги стабилизира цените.
Во право е професорот Узунов кога вели дека Македонија ја живее најлошата економска состојба во последниве децении“.
Сведоци сме, додава Жерновски, на девастирана бизнис клима, во која 9 месеци нема враќање на ДДВ и плаќање на обврски кон стопанството.
„Што да кажеме за дезориентираната надворешна политика која, во очигледна немоќ, се претвори во туристичка дипломатија. Повторно станавме изолирана држава, никој веќе не ни доаѓа во посета.
Сведоци сме на афери на актуелни министри и директори кои веќе не можат ни да се набројат, се’ збогатено со безброј примери на непотизам, за кои веќе нема ни деманти.
Едно нешто требаше да знае Мицкоски, а тоа е дека што поголема доверба добиеш од граѓаните, толку е поголемо нивното разочерување кога ќе ги разочараш и излажеш.
Сега, по сето ова, тој останува со само еден крајно нестабилен junior partner, каде е прашање на време кога ќе излезат на површина внатрешните превирања“, пишува Жерновски.
Во заклучокот вели дека некогаш големото парламентарно мнозинство почна да се ситни.
Тоа, како што оценува, е процес кој ќе продолжи да трае и кој ќе донесе дополнителна нестабилност во фунционирање на Владата.
„Оттаму, смело, се надевам не и арогантно, ќе си дозволам да прогнозирам три работи:
– Дополнителен број на пратеници од ВРЕДИ кои ќе преминат на другата страна.
– Поделба во пратеничката група на ЗНАМ.
– Следствено на сето ова, вонредни парламентарни избори, кои ќе се одржат заедно со локалните, но поверојатно идната пролет.
Македонија
Голема акција за бесплатно собирање кабаст отпад во Ѓорче Петров

Од утре, 14 мај, па сè до 21 мај, општина Ѓорче Петров ќе спроведува пролетна акција за бесплатно собирање кабаст отпад. Акцијата е наменета за сите жители на општината, со цел да се подобри хигиената во населените места и да се отстранат старите, нефункционални и габаритни предмети од дворовите и улиците.
Станува збор за организирана и бесплатна услуга, наменета за одложување на габаритни предмети како стар мебел, електроуреди и друг отпад кој не припаѓа во редовните контејнери.
Поставени се вкупно пет фиксни локации со контејнери во Хром Пољана, кај Кочо Рацин во населбата Македонска Војска, кај месната заедница во Даме Груев, во Александрија, кај стара „петка“ – Мирче Ацев и последна станица 5ка во населбата Дексион, каде ќе биде присутен и камион со капацитет од 18 кубни метри, извести Општината.
Покрај фиксните локации, во текот на целата акција специјално ангажирани камиони ќе кружат на секој еден час низ повеќе точки во урбаниот и руралниот дел на општината, и тоа:
Во урбаната зона:
· Наспроти влезот на Санте Плус
· Ул. Алексо Демниевски (бр. 27 и трансформаторот на бр. 1)
· Ул. Христо Батанџиев (наспроти детското игралиште)
· До кејот на Вардар (на крајот од ул. Кичевска и Рафаел Батино)
· Паркингот кај КАМ – Даме Груев
· Игралиштето на поранешната „22-ка“ во Даме Груев
Во руралниот дел:
· Ново Село (кај трансформаторот по месната заедница)
· Стопански двор (пред продавницата Блага Вода)
· Кисела Јабука (крстосница на ул. 84 и ул. 46)
· Волково (кај кружниот тек и кај Дан Дар)
· Кучково, Орман и Никиштани (сред село)
Локациите се прецизно утврдени, а целта е секој жител да има брз и лесен пристап до услугата.
Од Општината апелираат до граѓаните да ја искористат оваа можност, но и да бидат совесни – кабастиот отпад да се остава исклучиво на означените места и во предвидениот период, за да се спречи нерегуларното депонирање и загадување на јавните површини.
Македонија
Герасимовски: Отворен Јавен повик за „Нож и виљушка на европска чинија“, да се поврземе со светот

По повод Меѓународниот ден на семејството 15 Мај, Општина Центар распишува Јавен повик за реализација на проектот „Нож и виљушка на европска чинија“, како дел од Годишната програма за култура на општината. Во рамките на овој проект, планирано е претставување на карактеристични производи од традиционалната македонска и европска храна.
„Ги повикувам сите заинтересирани да се пријават на повикот за организирање на оваа веќе традиционална манифестација во срцето на Центар, во Паркот на франкофонија. Овој настан e можност за поврзување на различни култури, запознавање со европските гастрономски кујни и нивниот начин и стил на живеење”, порача градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.
„Право на учество имаат сите регистрирани здруженија, организации и правни субјекти со седиште на територијата на Општина Центар, кои имаат искуство во областа на културата, туризмот и маркетингот. За пријавата потребно е да се достават: опис на концептот, агенда, портфолио од досегашна работа, финансиска конструкција и соодветни документи (тековна состојба, доказ за искуство и активна сметка).
Учесниците е потребно да понудат двочасовна програма со низа активности насочени кон унапредување на меѓународната соработка, промоција на локалните производители и анимација на сите возрасни категории. Избраниот организатор ќе добие финансиска поддршка во износ до 300.000 денари. Крајниот рок за пријавување е пет работни дена од денот на објавата на веб-страницата на Општината“.