Македонија
Преземете ја контролата врз вашето здравје со апликацијата „Мое здравје“, повика Меџити
Сите издадени упати, рецепти, прегледи, дијагнози, лаборатории и податоци за примени вакцини отсега им се достапни не само на лекарите туку и на пациентите. Во функција е апликацијата „Мое здравје“ која ги обединува податоците од системот „Мој термин“ со податоците од Фондот за здравствено осигурување па пациентите електронски, во секое време и од секое место ќе имаат увид во сопствените здравствени податоци и прегледни како од матичните лекари така и од специјалистите.
„Оваа апликација ќе го смени начинот на управување со нашето здравје. Апликацијата за електронско-здравствена евиденција ‘Мое здравје’ на секој граѓанин му овозможува увид во сопствените здравствени податоци. Преку ‘Мое здравје’ можете лесно да пристапите и да ја истражувате вашата медицинска историја, детали за рецепти, специјалистички и дијагностички лабораториски и болнички упати, досиеја за имунизација. Се што треба да знаете за вашите здравствени услуги е добро организирано и лесно достапно. Оваа апликација ја става моќта на информацијата директно во вашите раце. Беспрекорна интеграција со системот Мој термин. Сите ваши здравствени податоци автоматски ќе се преземат и синхронизираат. Апликацијата ќе ве поттикне да станете активен учесник во грижата за сопственото здравје. ‘Мое здравје’ претставува значителен скок напред во нашиот здравствен систем. Го поканувам секој од вас да ја прифати моќта на Мое здравје. Преземете ја контролата врз вашето здравје и добијте вредни сознанија“, рече министерот за здравство Фатмир Меџити на денешната презентација на апликацијата.
Жаклина Чагоровска од Управата за електронско здравство објасни дека апликацијата веќе е достапна за сите корисници на здравствени услуги во јавното здравство. На неа почнале да работат уште пред ковид-кризата која ги успорила, а ја направиле за да ги претстават податоците кои досега им биле достапни само на матичните лекари и на лекарите специјалисти.
„Апликацијата е достапна од 12 мај. Можете да ја симнете. Одевме кон тоа да биде едноставна за користење, но да ги содржи оние податоци оптимално кои се потребни кои сега во овој момент можеме да ги пружиме на граѓаните за тие да имаат пристап и да добијат всушност добри информации за кои не е потребно можеби да го посетат својот лекар туку ќе ги добијат на својот мобилен уред. Апликацијата го претставува вашето електронско здравствено досие. Наменета е за граѓаните од сите возрасти кои сакаат да имаат пристап до своите здравствени податоци. Податоците се преземаат од системот ‘Мој термин’ кој оваа година навршува 10 години од постоењето и навистина е богат извор на податоци за здравјето“, рече Чагоровска.
Освен на пациентите таа ќе служи и како поддршка за здравствениот систем. Достапна е македонски, албански и англиски јазик во мобилна и деск-топ верзија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

