Македонија
Презентирани националите позиции во пресрет на 29-та Конференција на страните на Конвенцијата на ООН за климатски промени
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, во пресрет на 29-тата Конференција на страните за климатски промени (COP29) што треба да се одржи на почеток на ноември во Баку, Азербејџан, денес учевствуваше на настан организаиран од УНДП за претставување на ставовите на нашата држава што ќе се презентираат на овој климатски самит.
На настанот на кој присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска Давкова и министерката за енергетика и рударство Сања Божиновска, првиот вицепремиер Меџити ги претстави досегашните постигнувања во делот на стратешката и законодавната рамка во областа клима, предложени од страна Министерството за животна средина и просторно планирање, и усвоени од страна на Владата: 4 национални комуникации, 3 двогодишни извештаи за климатски промени, 2 национални придонеси кон Договорот од Париз, како и Долгорочна стратегија и Акциски план за климатска акција и Интегриран план за енергија и клима.
„На предлог на Министерството за животна средина е иницирана постапка и усвоени се 5 закони за ратификација на Рамковната Конвенција на Организацијата на Обединетите Нации за климатски промени, Договорот од Кјото, Амандманот од Доха, Амандманот од Кигали и Договорот од Париз’ изјави во неговото обраќање Меџити, додавајќи дека во таа насока, подготвен е предлог на Закон за климатска акцијa, кој го уредува воспоставувањето на рамка за климатска акција.
Долгорочна визија е до 2050 година да биде просперитетна економија со ниска содржина на јаглерод, која следи одржливи и климатски отпорни патеки за развој, ја подобрува конкурентноста и промовира социјална кохезија преку акција за борба против климатските промени и нејзините влијанија’, истакна Меџити.
Во однос на претстојната Конференција на страните, Меџити информираше дека COP29 ќе биде од суштинско значење за обезбедување на средствата за имплементација и поддршка, како и за потврдување дека секој посегнува по највисоката можна амбиција што ја одразува правичноста и принципот на заеднички, но диференцирани одговорности и соодветни способности, во светлината на различните национални околности.
Меџити најави дека со поддршка на УНДП, ќе започне изработка на првиот двогодишен извештај за транспарентност и 5-та Национална комуникација за климатски промени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

