Македонија
Преку амандманите ВМРО-ДПМНЕ тврди дека СЈО ја постигнало целта и нема потреба повеќе да постои
Бришење цели членови од предлог-законот за Јавното обвинителство и додавање нови членови кои го позиционираат СЈО само како одделение во состав на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, со мандат додека траат тековните судски процеси.
Ова се накратко некои од 65-те амандмани кои ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе како предлози за иднината на специјалното јавно обвинителство, а до кои дојде „Макфакс“.
Од поднесените амандмани може да се заклучи дека ВМРО-ДПМНЕ инсистира СЈО да биде надлежно само за поднесените обвиненија заклучно со 30 јуни 2017 година и штом правосилно ќе се завршат сите постапки, СЈО да згасне.
Освен што во секој амандман стои „Република Северна Македонија“, забележливо е дека дел од образложенијата се напишани со задебелени букви и извичници за да се потенцира нивната важност, па така на пример, во делот за рокот за поднесување обвиненија, пишува:
„Постапките кои се засноваат на нелегитимно собрани докази од нелегитимен орган не можат да бидат предмет на било каква постапка во македонскиот правосуден систем! Сето претходно наведено дава апсолутен нелегимитет на постапките кои се започнати од страна на Специјалното Јавно обвинителство во периодот од 30 Јуни 2017 година како и доказите употребени после овој период од страна на ова обвинителство!“.
Во образложението на осмиот амандман пишува: „Специјалното јавно обвинистелство ја исполни целта заради која беше формирано и повеќе нема потреба од негово постоење, со што сите одредби во овој закон кои се однесуваат на Специјалното јавно обвинистелство, треба да се избришат“.

ВМРО-ДПМНЕ предлага да не постојат и вишите јавни обвинителства.
„Имајќи предвид малубројноста на основните обвинители, со негово укинување и прераспределување на сега вишите обвинители со еден потег ќе се добијат повеќе придобивки како кон подобрување на функионалноста, така и кон подобрување на ефикасноста и одговорноста во работењето на новото ЈО на РМ“
Во амандманот 48 е образложено дека е неоправдано СЈО да има посебен буџет и платите на специјалните обвинители да бидат на ранг на вишите јавни обвинители.
„Ако веќе СЈО се инкорпорирано во рамки на единствениот јавно обвинителски систем, тогаш која е оправданоста да има посебен буџет. Со оваа одредба се дава автономија и слобода на СЈО сами да изготвуваат предлози за буџет и финансиски план до Министерството за финансии. Исто така спорно е, а пред се` е нееднаков третман во однос на платите на обвинителите во СЈО во споредба со платите на обвинителите во Основните јавни обвинителства. Обемот на работа и видовите на работни активности се исти и на едните и на другите, па зошто обвинителите во СЈО да имаат плата на ниво на јавен обвинител од Вишо Јавно обвинителство. Со ваквото решение многу извесно е дека ќе се створи револт кај обвинителите од основното јавно обвинителство заради нееднаквиот третман“, пишува во образложението на еден од амандманите.
Во образложението на 14 амандман пишува дека амандманот се предлага бидејќи со предложениот членот за надзор над работата на СЈО за кој е надлежен државниот јавен обвинител директно се повредува принципот на хиерархија и субординација.
„Не е јасно зошто има потреба од вакво законско потенцирање дека кај СЈО надзорот не смее да загрозува автономијата на СЈО, а такво нешто не е предвидено кај другите обвинителства. Опстојување на вакво законско решение ќе создаде раздор и несигурност помеѓу самите обвинители без оглед на кое обвинителство припаѓаат, особено ако се има предвид дека условите за избор на обвинители се исти за сите обвинители“, пишува во образложението.
Во амандманот 20 пишува дека со постојниот предлог-закон се испреплетени надлежностите на СЈО и на Основното јавно обвинителство за гонење кривични дела на организираниот криминал и корупцијата. И двете обвинителства се надлежни за кривичното дело перење пари и други приноси од казнено дело од членот 273 од Кривичниот законик.
ВМРО-ДПМНЕ предлага државниот јавен обвинител да биде на предлог на најголемата опозициска партија во државата.
На дуелот меѓу премиерот Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Канал 5 телевизија, Заев рече дека „секој амандман што не крие заштита на криминалот е прифатлив за нив“.
Викендов продолжуваат преговорите меѓу претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и работната група од Министерството за правда за амандманите во Законот за јавно обвинителство. Во досегашните преговори немаше поголеми поместувања во однос на позициите на двете страни.
Со новиот Закон за Јавно обвинителство треба да се регулира статусот на Специјалното јавно обвинителство во рамки на редовното обвинителство и е еден од условите за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

