Македонија
Препораки од Министерството за здравство по најавите за температури од жолта фаза
Во текот на следниве два дена (денеска – четврток и утре – петок), целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од жолта (алертна) фаза, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи.
Поради ова, од Министерството за здравство апелираат граѓаните да ги почитуваат општите мерки за заштита на здравјето:
– во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории (пред сè, климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период да се најде можност за почести одмори под сенка;
– да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа и да се користи крем со висок заштитен фактор;
– да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку мрсна храна;
– да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци;
– при влегување во возило потребно е тоа одреден период да се проветри;
– на хронично болните лица им се препорачува редовно да си ја земаат препишаната терапија во консултација со матичните лекари.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна, се препорачува задолжително миење на свежото овошје и на зеленчукот пред нивна употреба, термичка подготовка на храната и нејзино јадење веднаш по подготовката.
Комисијата за следење на ефектите од високите температури при Министерството за здравство во континуитет ја следи состојбата и по потреба, ќе предлага дополнителни мерки и активности за минимизирање евентуални штетни ефекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

