Македонија
Прераспределени судии во Кривичниот суд
Повеќе судиите во скопскиот Кривичен суд кои одобрија некое барање на Специјалното јавно обвинителство или пак јавно се жалеа на работата на судот се преместени на нови позиции.
Така, судијката која на тимот на Катица Јанева му одобри претрес во Управата за безбедност и контраразузнавање и во станот на Коста Крпач, Весна Димишкова, место во претходна постапка сега ќе суди премети со малолетници. Од позицијата судија во претходна постапка е остранета и Славица Андреевска која му одреди притвор на битолскиот градоначалник Владимир Талески, па сега ќе суди во Кривичниот оддел, и тоа стари предмети.
И судијата Ѓоко Ристов, кој имал издвоено мислење при едно барање на СЈО е преместен од организиран криминал во кривичниот оддел.
Други позиции добијаа и судиите Васил Динковски и Седат Реџепаѓиќ, кои беа дел од 15-те судиите кои поднесоа петиција до Судскиот Совет против работењето на поранешниот претседател на судот Владимир Панчевски.
Од Основниот суд Скопје 1 велат дека распоредот и преместувањата се право на претседателот на судот и дека не е вистина дека критериум било поведението на овие судии во врска со СЈО или нивните јавни критики.
„Судот во целост ги демантира наводите … дека со Годишниот распоред за работа на судот се прераспоредени само судии кои биле потпишани на петиција против поранешниот претседател или судии кои постапуваат само по предмети на СЈО или судии кои се ’подобни или неподобни’ со оглед да судиите се распоредуваат согласно Закон и потребите по оддели и одделенија зависно од бројот на предмети кои се во работа во судот со цел да не се дозволи било каков застој во постапувањето и одолговлекување на постапките“, соопштуваат од Основен суд Скопје 1
На нивно место доаѓаат други судии, па така судијката Лидија Петровска која го суди предметот на СЈО против вработени во УБК ќе суди за организиран криминал.
Во истиот оддел, организиран криминал, ќе суди и доскорешниот претседател на судот Владимир Панчевски, па имајќи предвид дека најголем дел од предметите на СЈО се од областа на организираниот криминал, тоа значи дека новите обвиненија на Катица Јанева ќе доѓаат токму и кај Панчевски и кај Петровска./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

