Македонија
„Преспанското Езеро пред еколошки колапс, владината негрижа го продлабочува проблемот“, велат од партијата Левица
„Преспанското Езеро се соочува со страшна еколошка катастрофа која бара итно внимание! Пред една година, Левица јавно предупреди за сериозните проблеми со кои се соочува ова природно богатство. Денес, за жал, констатираме дека проблемот не само што не е решен, туку и се влошува! Неодговорноста и незаинтересираноста да се спаси Преспанското Езеро од страна на надлежните институции и власта, дополнително ја влошуваат состојбата“, велат од партијата Левица.
„Езерото го доживува најкритичното намалување на нивото на водата што е некогаш забележано, предизвикувајќи непоправлива штета на неговиот деликатен екосистем.
Последиците се катастрофални: нивото на водата е намалено за повеќе од 9 метри, волуменот на езерото за 50%, а крајбрежната линија се има повлечено за 3,5 километри. Како резултат, мочуриштата се исушени, чистата и богата со кислород вода е сведена на минимум, а концентрациите на сулфати и пестициди достигнуваат опасни нивоа.
Власта повторно не успеа да ги реши суштинските прашања поврзани со управувањето со водите во Преспанското Езеро. Отсуството на сеопфатни стратегии за планирање и управување за целиот слив се издвојува како очигледен и најголем проблем, а за решавање на истиот нема апсолутно никаков сигнал од страна на новата Влада предводена од ДПМНЕ и ЗНАМ.
Еден од клучните проблеми е бројот на пумпни станици во сливот на Преспанското Езеро, а нивниот број продолжува неконтролирано да расте. Овие човечки активности директно придонесуваат за исцрпување на резервоарот на подземна езерска вода, влошувајќи го севкупниот пад на нивото на езерото. Податоците од мониторингот укажуваат на тоа дека акумулацијата на органска материја на дното на езерото се зголемува секоја година. Тоа го осиромашува растворениот кислород во длабоките води, што дополнително ја загрозува деликатната рамнотежа на езерото.
За да се спаси лошата состојба на Преспанското Езеро, треба итно да се спроведат неколку препораки:
1. Прво и основно, потребно е строго да се контролира и ограничи количеството на вода што се извлекува од Езерото за наводнување и за други потреби. Ова ќе спречи дополнително намалување на нивото на водата и ќе помогне во зачувувањето на водниот баланс на Езерото.
2. Потребно е подобрување на хидролошкиот и метеоролошкиот мониторинг и во сливот и директно на самото езеро. Со собирање точни и ажурирани податоци може да се донесат правилни одлуки и да се преземе брза акција за ублажување на кризата.
3. Треба да се воведе строга регулација на употребата на нитратни ѓубрива, со посебен акцент на контролирање на применетите количини. Употребата на мали, контролирани дози може значително да го намали штетното влијание врз екосистемот и да помогне во зачувувањето на квалитетот на водата во Преспанското Езеро.
Неспроведувањето на препорачаните мерки за подобрување на состојбата ќе го остави езерото во исклучително ранлива состојба. Од исклучително значење е да се преземат брзи активности за заштита на овој непроценлив природен ресурс од понатамошна деградација и да се обезбеди одржлива иднина за Преспанското Езеро и неговиот околен екосистем.
Левица останува посветена на заштитата на нашето природно наследство и ќе продолжи да реагира и да се бори против еколошките закани што ја загрозуваат нашата животна средина“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЈСП утре ќе вози по неделен возен ред, Жичницата ќе работи вообичаено
Утре поради државниот празник 23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба, автобусите од јавниот превоз ќе сообраќаат по неделен возен ред.
Дежурни ќе бидат билетарниците и центрите за персонализација (кои ќе работат од 8 до 14 часот) на:
– Транспортен центар;
– Ѓорче Петров; и
– Зелен пазар.
Жичницата ќе функционира вообичаено, со работно време од 10-18 часот, при што од 17-17:30 е последното возење од долу кон врвот, а во 17:45 часот е последно возење од врвот надолу.
Македонија
Почнува со работа Работната група за воспоставување на Регистар за недвижниот имот на државата
Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска во просториите на Владата го отвори првиот состанок на Работната група за изнаоѓање решенија за формирање централизирана база на податоци за недвижниот државен имот.
На состанокот присуствуваше и Главниот државен ревизор, г. Максим Ацевски и ревизорите од Државниот завод за ревизија.
Вицепремиерот Фетаи ја охрабри Работната група и заедно со Главниот државен ревизор им даде поддршка на членовите на групата за нивната работа. Работната група со ентузијазам ја прифати задачата што им ја делегираше Владата.
Владата очекува да има конкретно решение за воспоставување на централизиран Регистар за државен недвижен имот.
Управувањето и раководењето со државниот недвижен имот, како компоненти на нефинансиските средства на државата, се значајни бидејќи можат да придонесат за решавање на некои од приоритетните предизвици со кои се соочува и Владата. Доброто управување и раководењето на државните недвижности, од една страна, може да придонесе за намалување на трошоците за одржување, реконструкција, издавање под закуп на имотот, а од друга страна, може да биде предвидлив извор за пополнување на државниот буџет. Исто така, зголемувањето на транспарентноста и отчетноста за јавните политики за ефективно и ефикасно управување со државниот имот може да придонесе за зголемување на довербата на граѓаните во институциите.
Неточната и ненавремена размена на информации меѓу различните државни институции одговорни за управување со имотот значи дека постојат значителни неефикасности и несоодветна координација во процесите на користење и одржување на имотот.
Создавањето централизирана база на податоци (Регистар) е од особено значење за Северна Македонија. Оваа база на податоци ќе содржи информации за целиот државен недвижен имот, кои исто така ќе бидат редовно ажурирани и достапни за сите релевантни институции, со цел да се обезбеди прецизен мониторинг на состојбата на имотот и да се овозможи планирање и ефективна распределба.
Централизираната база на податоци за недвижниот државен имот, ќе овозможи точна евиденција, точни и ажурирани податоци за целиот имот, што ќе обезбеди јасен преглед и транспарентност. Ефективното планирање, информациите за имотот ќе овозможат подобро планирање и распределба на јавните ресурси.
Централизираната база на податоци ќе го намали ризикот од неовластено користење и злоупотреба на државниот имот. Лесниот пристап до точни податоци ќе овозможи брзо и ефикасно донесување одлуки и ќе ја зголеми ефикасноста на управувањето со имотот. Со имплементацијата на овие решенија, Република Северна Македонија може значително да го подобри управувањето со државните недвижности, обезбедувајќи поголема ефективност, ефикасност и транспарентност во користењето на јавните ресурси.
Македонија
Посетителката на ЗОО Скопје која беше тестирана, нема птичји грип
Тестот на жената која денеска побарала да се тестира за птичји грип бидејќи минатата недела ја посетила Зоолошката градина во Скопје, е негативен, потврдија од Институтот за јавно здравје .
Како негативни се покажаа и тестовите на двајцата вработени во Зоолошката градина, кај кои постоеше сомнеж дека се заразени со птичји грип.
Зоолошката градина ќе остане затворена уште дваесетина дена.