Македонија
Претепаниот секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид е пренесен на лекување во Софија

Христијан Пендиков – претепаниот секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, е пренесен во Бугарија со владиниот авион „Фалкон“, јавуваат бугарските медиуми. Двајца лекари и една медицинска сестра од Воената медицинска академија во Бугарија го придружувале повредениот. Неговата состојба според тамошните медиуми е сериозна и му претстои операција.
Медиумите известуваат дека нападот врз 21-годишниот Христијан Пендиков синоќа го извршиле три лица.
Според европратеникот Андреј Ковачев, тој бил претепан и нападнат затоа што е Бугарин. МНР и претседателот Румен Радев го осудија чинот на насилство и потсетија дека наведените амбиции на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија се во спротивност со реалноста, стои во написите.
„Властите во Македонија треба да преземат многу решителни мерки за да се надмине оваа атмосфера на омраза, дискриминација и закани кон секој кој отворено го декларира својот бугарски идентитет и своето бугарско потекло“, рече Ковачев.
„Претседателот Румен Радев уште еднаш ќе го предочи на шефовите на држави и влади во Европската Унија, како и на европските институции и на Советот на Европа, прашањето за почитување на правата на Бугарите во Северна Македонија“, е наведено во соопштението од кабинетот на бугарскиот претседател, пренесуваат медиумите во Бугарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Заев сам призна дека потпалувачот на пожар бил шофер кај него, СДС да се извинат, бара ВМРО-ДПМНЕ

А.Н. шоферот на Заев кој е уапсен за потпалување пожар бил шофер на Заев, тоа и самиот го признава, но како народната – ,,Не по врат, по шија“ се вади, не беше мој, на општината беше“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Александар Николов во тоа време, колку што се сеќавам, работеше на портирницата во општината и беше возач на општинско возило за потребите на општинските инспекции и останати општински служби за теренските активности“, кажа Зоран Заев за неговиот шофер пироман“, стои во реакацијата на владејачката партија.
СДС, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, наместо да пишува излитени одговори на прес-конференции, треба да се соочат со фактот дека се разобличени.
Како што истакнуваат, луѓе блиски до Заев и СДС се уапсени за потпалување пожари.
„Не очекувавме од Заев дека ќе признае дека се најблиски, но од СДС очекувавме минимум човечки капацитет и да го осудат потпалувачот и да се дистанцираат од Заев, но очигледно тоа е преголемо очекување“.
Македонија
„Срамно и безидејно е да се глуми после војна, генерали“, реагираат од „Идеа лаб“ на обвинувањата од СДСМ

По екстремно успешно организираниот Европски младински олимписки фестивал, за кого добивме потврда лично од претседателот на Европскиот олимписки комитет, политичките превирања не престануваат да ја дезинформираат јавноста со небулози, велат од ПР-агенцијата „Идеа лаб“, по прес – конференцијата на Јовица Јанковиќ од СДСМ кој кажа дека владата немала пари за младите на олимпијада ама имала за ПР агенции на власта.
„Имено, денеска на прес-конференција политичката партија СДСМ излезе со податок дека нашата агенција е ангажирана за промоција на фестивалот со финансиски надомест од Министерството за спорт, што е апсолутна невистина. Имено, точно е дека бевме ангажирани во делот на промоција на фестивалот, но ангажманот го добивме од Македонскиот олимписки комитет и тоа во делот на: промоција на настанот на социјални мрежи, изработка и координација на фан зоните, координација и организација на церемонија на отворање, затворање и церемонии на доделување медали“, се наведува во реакцијата.
Од „Идеа лаб“ велат дека за истиот ангажман на месечно ниво, доставува фактури до МОК за испорачаните услуги.
„Срамно и безидејно е да се глуми после војна, генерали. За фестивалот споменат на денешната прес-конференција добивме лично признание од Спирос Капралос, за најдобра одржана церемонија на отворање од 1991 година до денеска. Наместо да се зборува тоа, во медиумите, се шират лаги и невистини. Кога веќе некој решил да ни прави бесплатна реклама, можеше да спомене дека и во 2023 година, работевме на „Преспа Форум Дијалог“, кога партијата која денеска нѐ прозива, а тогаш беше на власт, нѐ ангажираше преку Министерството за надворешни работи. Во 2021 година Идеа Лаб работеше на проекти за Општина Аеродром кога локалната власт беше во рацете на партијата која денеска одржа небулозна прес-конференција. Искрено, Ве замолувам да не нè вмешувате во вашите политички превирања. Ние сме комерцијален субјект и за нашиот ангажман е неважна политичката определба, туку резултатите кои ќе ги испорачаме пред клиентот“, изјави Димитар Атанасовски, управител на ПР и маркетинг агенцијата „Идеа Лаб“.
Македонија
Муртезани – Брн: Проширувањето мора да остане кредибилен процес заснован на заслуги

Министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска оствари билатерална средба со министерот за европски прашања на Ирска, Томас Брн, кој престојува во работна посета на Скопје.
Средбата беше проследена со заедничка прес-конференција на која министрите упатија силна заедничка порака во поддршка на процесот на проширување на Европската Унија и европската перспектива на Северна Македонија.
Министерот Муртезани истакна дека проширувањето на Унијата е прашање на заедничка безбедност, стабилност и визија, и дека Северна Македонија останува доследно посветена на спроведување на реформите и на воспоставување на европски стандарди.
Притоа подвлече дека процесот мора да биде заснован на заслуги и ослободен од билатерални условувања, како предуслов за зачувување на кредибилитетот на европската интеграција.
„За нас, европската интеграција не е само надворешно-политичка цел, туку длабоко внатрешна трансформација. Нашиот фокус останува на реформи, резултати и јасна посветеност кон европските вредности,“ изјави Муртезани.
Од своја страна, министерот Брн го поздрави напредокот на Северна Македонија и изрази силна поддршка за нејзиниот пат кон полноправно членство во ЕУ. Тој нагласи дека Ирска има позитивно искуство од членството, кое ја зајакнало нејзината култура, јазик и меѓународна позиција.
„За Ирска, тоа што седиме на масата на ЕУ и што сме дел од одлуките е од големо значење. Верувам дека и Северна Македонија, но и сите граѓани и ваши и наши, како и сите граѓани на Унијата, ќе имаат придобивки од овој процес,“ истакна Брн.
Министерот Брн информираше дека Ирска ќе го преземе претседавањето со Советот на Европската Унија во средината на 2026 година, при што го посочи проширувањето како еден од приоритетите во рамки на нивното претседателство.
Министрите се согласија дека е од клучна важност граѓаните да ги препознаат придобивките и конкретните резултати од европскиот процес, и дека тоа бара заедничка посветеност, искрен дијалог и фер услови.