Македонија
Претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид
Дваесет и едногодишниот Бугарин од Охрид, Христијан Пендиков, кој е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, бил претепан од три лица, а нападот бил извршен синоќа околу 21 часот пред угостителски објект во центарот на градот.
Оваа информација ја потврдија од СВР Охрид.
„На 19.1.2023, околу 22.30 часот, во Охрид е пријавен физички напад врз Х. П. (21) од Охрид од страна на С. К., С. К. и И. С., сите од Охрид, по што на Х. П. му била укажана лекарска помош во Општата болница Охрид. Според пријавеното од Х. П., во угостителски објект, лоциран на кејот Македонија во Охрид, а потоа и надвор од објектот, физички бил нападнат од С. К., С. К. и И. С., сите од Охрид, и притоа добил тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Охрид. Известен е јавен обвинител и СВР Охрид презема мерки за расчистување на случајот по што ќе следува соодветна пријава“, рекоа од СВР Охрид.
Агенцијата „Бгнес“објави дека 21-годишниот Бугарин од градот Охрид, Христијан Пендиков, има повеќе пукнати прешлени, ребра и скршена вилица, а објави и фотографија од нападнатото лице.
„Пендиков бил заедно со уште една девојка. Пред да излезе од кафеана беше навредуван и провоциран од друштвото поради неговата припадност. Тој моментно се наоѓа на лекување во локалната болница. Се чека неговото транспортирање и префрлање во болница во Скопје“, објави „Бгнес“.
Орце Костов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
