Македонија
Претседателката упати порака за мир, а Дедо Мраз со хеликоптер стигна пред дечињата на припадниците на АРМ
Со видеоконференциска врска која ги премости километрите меѓу татковината и меѓународните мисии, денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, традиционално беше одбележан претстојниот почеток на новата година. Додека децата на македонските мировници во странство ги примаа своите новогодишни пакетчиња, државниот и воениот врв упати пораки на благодарност до припадниците на Армијата во Косово, Босна, Либан, Латвија, Романија, Бугарија и Германија.
Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, им посака успешна работа на мировниците во странство.
– Се чини дека никогаш на светот, мирот не му бил потребен повеќе, а вредноста на нашите мировници и македонската Aрмија никогаш не била повидлива. Ви посакувам успешно да продолжите гордо да ја претставувате Армијата, затоа што имате што да претставите, рече таа.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски додаде дека ова средба има особена тежина и значење бидејќи, како што рече, „нѐ обединува како семејство“.
– Како денеска сме физички оддалечени, оваа средба има особена тежина и значење бидејќи нѐ обединува како семејство. Ви благодарам за вашата служба во името на мирот, безбедноста и сигурноста на секој еден од нас, нагласи министерот.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски е уверен дека секој од мировниците ја извршува задачата крајно професионално и се заблагодари на поддршката од претседателката Сиљаноска-Давкова и Министерството за одбрана.
– Уверен сум дека ја извршувате вашата задача крајно професионално и стојам зад секој од вас. Со вашата енергија давате посебна суштина. Знам дека некои од континентите веќе се подготвуваат да се вратат и верувам дека на самиот праг на старата година ќе имаат можност да се спојат со нивните најблиски, порача тој.
Контингентите од мисиите, исто така, во добро здравје упатија честитки и пораки за новата година.

Традиционално, и оваа година, дечињата го пречекаа Дедо Мраз со хеликоптер, на тренинг центарот за пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Заев и Филипче му нуделе на Жан Митрев да им ја продаде болницата под цената за да го ослободат од обвиненија
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, и на денешната прес-конференција побара Јавното обвинителство итно да ги провери наводите за притисок врз Жан Митрев да ја продаде болницата, оценувајќи дека се работи за сериозни обвинувања кои бараат одговорност.
Стојаноски повикувајќи се на телевизиското интервју на Жан Митрев, рече дека во времето кога СДСМ била на власт, поранешниот премиер Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче вршеле притисок врз д-р Жан Митрев со цел да ја преземат неговата приватна клиника за сума далеку под пазарната.
Според Стојаноски, д-р Митрев бил изложен на силни притисоци токму во периодот кога против него се водел судски случај. Пратеникот тврди дека личната сметка на Митрев, како и сметката на клиниката, биле блокирани, а била изречена и забрана за продажба на удели.
„Само една недела по нивното барање да ја купат болницата, Јавното обвинителство ја повлекло забраната за продажба – што покажува како институциите биле ставени во служба на интересите на тогашната власт“, изјави Стојаноски.
Дополнително, д-р Митрев изјавил дека добил понуда од Филипче и Заев да се спогодат – ако ја продаде клиниката под пазарната цена, тие би му помогнале да се ослободи од обвиненијата.
„Уште по скандалозно е тоа што, др. Жан Митрев вели дека Заев и Филипче му понудиле и спогодба, односно доколку ја продаде болницата за пониска сума од пазарната, ќе му помогнат да се ослободи од обвиненијата против него“, додаде Стојаноски.
Македонија
Беким Сали на лидерски состанок во Давос
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ќе учествува на Лидерскиот состанок (Davos Leadership Gathering), кој ќе се одржи во Давос, во периодот од 19 до 22 јануари.
Лидерскиот состанок во Давос ќе собере светски лидери, економисти, банкари и експерти од различни области, со цел дискусија за глобалните предизвици и меѓународните економски развои.
Првиот заменик-претседател ќе се обрати на форумот во рамки на панел-дискусија, на која ќе се разговара за климатските промени, конфликтите и социјалната грижа.
Македонија
СДСМ: Десет години по заминувањето на Груевски, повторно сме во истата ситуација со ВМРО-ДПМНЕ
Овој јануари се навршуваат точно 10 години откако Никола Груевски ја напушти премиерската функција, но според СДСМ, државата повторно се соочува со истите проблеми под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
Во соопштението на партијата се наведува дека по заминувањето на Груевски започнал крајот на режимот што 11 години ја влечел Македонија назад, со масовен криминал, корупција, партизација, медиумски притисоци и изолација. Но, според СДСМ, денес, по две години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, земјата повторно се наоѓа на исто место.
„Повторно сме на пат кон изолација, далеку од ЕУ и САД, граѓаните тешко живеат, стандардот опаѓа, институциите се под партиска контрола, а криминалот и корупцијата цветаат“, стои во соопштението.
Партијата нагласува дека пари нема за поголеми плати, но има за криминални тендери, а се повторуваат и притисоци врз медиуми, јавен линч и политички прогони, како и злоупотреба на полицијата за партиски цели.
„На исто сме со ВМРО, само што денес на местото на Груевски е Христијан Мицкоски“, се вели во соопштението на СДСМ, со повик дека е време власта повторно да се врати во рацете на народот.

