Македонија
Претседателот Пендаровски го честита Националниот ден на Власите

Претседателот Стево Пендаровски, по повод 23 Mај, Националниот ден на Власите, упати честитка до сите припадници на Влашката заедница во Република Северна Македонија.
„Ми претставува особена чест и задоволство да ви го честитам 23 Мај, Националниот ден на Власите, и најискрено да ви посакам празникот да го минете во добро здравје и во пријатно расположение споделувајќи радост и добра мисла со вашите најблиски.
Пред 117 години на 23 мај, со декретот на султанот Абдул Хамид, во рамките на Отоманската Империја, беа признаени националните права на Власите. Со тоа се отвори можност за образование на мајчин јазик, што е еден од столбовите на националниот и на културниот идентитет на секој народ. Среќни сме што во нашата заедничка татковина припадниците на влашката заедница, како и на другите етнички заедници, ги имаат сите можности за зачувување и за зајакнување на својот јазичен и културен идентитет. Со своите традиции, култура и фолклор, Власите суштински го збогатуваат нашето мултикултурно и мултиетничко општество.
Здравствените, економските, социјалните и безбедносните предизвици и проблеми со кои се соочува целиот свет можеме да ги надминеме само со заедништво, сплотеност и со солидарност. Да си подадеме рака и да си бидеме постојана поддршка едни на други и одговорно и посветено да придонесуваме за развојот и за напредокот на Република Северна Македонија, како и за благосостојбата на секој наш сограѓанин.
Нека ни е честит 23 Мај, Националниот ден на Власите“, се вели во честитката од претседателот Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Николовски на жетва на јачмен: Постигнавме висока откупна цена, очекуваме добар принос

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска изврши увид во текот на жетвата на јачменот и беше во посета на младиот земјоделец Славче Костев, производител на јачмен од Свети Николе.
„Цената за откупен килограм јачмен изнесува високи 17 денари, за разлика од ланската година кога цената изнесуваше 10 денари. Очекувам вкупната количина на јачмен за оваа сезона да достигне до околу 140.000 тони. Ме радува кога директно од земјоделците го слушам нивното задоволство и од цената, но и од мерките кои изминатиов период како министерство ги носиме за поддршка на земјоделците“ – изјави министерот Николовски.
Преку мерките од Националниот план ги поддржуваме земјоделците за набавка на вештачко ѓубриво и даваме дополнителна поддршка до 100 евра по хектар за зголемен принос на житни култури, како мотовациска мерка на земјоделците кои ќе го предадат во домашни преработувачки и откупни капацитети. Оваа мотивациска мрека за остварен принос, од оваа година, важи за сите површини од 1 хектар па нагоре, без ограничување.
Министерот Николовски ги повика сите земјоделци производители на житни култури да аплицираат и да ја искористат оваа мерка, краен рок за аплицирање по мерката за дополнителна поддршка од 100 евра за зголемен принос е до крајот на октомври оваа година.
Исто така, министерот Николовски потсети дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на располагање стави и нови дополнителни 5.722 хектари земјоделско земјиште за одгледување житни култури распределени во 14 региони низ државата, за кои аплицираа и договори се склучуваат со 258 земјоделски стопанства.
Македонија
СДСМ: Мицкоски нема чувство за државност и одговорност

„Предлогот на француското претседателство е објавен и граѓаните можат да се уверат дека имаме чист македонски јазик во ЕУ, идентитетските прашања се заштитени, историските прашања не се дел од преговарачкиот процес. Ова Мицкоски упорно не сака да го види и заради политички интерес се обидува да претстави нешто различно“, соопштуваат од владејачкиот СДСМ.
Од партијата велат дека „Мицкоски сака отворениот процес на широки консултации да го попречи на самиот почеток, преку протести. Со месеци Мицкоски бараше предлозите да се консултираат со него и опозицијата, а сега кога ја има можноста тој од тоа бега“.
„Повеќе од јасно е дека Мицкоски никогаш не сакал и немал интерес за конструктивен дијалог, туку го интересирал само личниот интерес. Тој не сака јавноста, политичките партии, експертите, граѓанските организации да го искажат својот став за предлогот, туку да го наметне својот недржавнички став. Неговата цел никогаш не била државата ниту иднината на граѓаните. Неговата цел никогаш не бил македонскиот идентитет, македонскиот интерес. Единствено Мицкоски сака да предизвика некоја штета, ако може да за закочи државата, да доживеа некаков неуспех, да биде заглавена“, велат од СДСМ како реакција на денешната прес-конференција на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на која тој посочи дека предлогот што е на маса, а Владата го криеше, всушност е истиот што веќе еднаш беше одбиен.
Македонија
Мицкоски: Предлогот што е на маса, а Владата го криеше, всушност е истиот што веќе еднаш беше одбиен

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повика на протест пред Владата. По објавувањето на предлогот, Мицкоски рече: „Предлогот што е на маса, а Владата го криеше, всушност, е истиот што веќе еднаш беше одбиен. И со жалење морам да констатирам дека овој предлог ги содржи сите барања во делот на историјата, јазикот, идентитетот“. Според него, прифаќањето на предлогот значи менување учебници и пишување како што тие сметаат, прифаќање дека Гоце Делчев, Јане Сандански, Даме Груев биле Бугари, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.
„Она што го слушате од Ковачевски не е битка за идните генерации, туку срам, пораз и капитулација за сите идни генерации бидејќи некој како Ковачевски и Маричиќ се охрабриле да го погазат македонскиот идентитет за кој жртви паѓале, животи се губеле, за кого мајка од дете се делела. За кого мајка од ќерка се делела. Ете тоа нè убедуваше Ковачевски. Тоа не е визија, туку срам и предавство. Тоа е она за што ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати и ќе се бори со сè што располага, да го објасни пред граѓаните. Ваков ултиматум за Македонија е неблагодарен. Сакам да се знае дека сега е моментот кога треба да се биде јасен и гласен, да се заземе вистинска страна. Владата прави огромна штета бидејќи одобрувањето ваква преговарачка рамка значи: или во ЕУ како асимилирани и бугаризирани или секогаш да останеме надвор од ЕУ. Јас ултиматуми по цена на достоинство на народот не прифаќам и нема никогаш да се согласам на тоа“, посочи Мицкоски.
Тој е дециден дека Димитар Ковачевски лаже дека францускиот предлог е успех.
„Повикувам на сенароден протест. Заборавете дека се обраќам од говорницата на ВМРО-ДПМНЕ. Секој нека ни се придружи утре, во 19 часот, пред Владата. Јас таму ќе бидам како ваш сограѓанин, како човек со име и презиме. Го повикувам целиот народ да се приклучи и да застане со нас рамо до рамо. Да го спасиме процеост на преговори, овој преседан ќе им се прави на сите земји во регионот. Членството за ЕУ ќе стане цел што нема да ја достигнеме. Цел што за сите нас ќе биде недостижна. Само аматер може да мисли и да верува дека ова е добар договор, освен ако нема задни намери. Повикувам на висока свесност за тешки удари што оваа Влада ѝ ги прави на Македонија. Или сега ќе кажеме гласно ‘не’ или ќе немаме право да бидеме гласни“, посочи Мицкоски.