Македонија
Приведени уште две лица за случајот „Јавна соба“

Уште две лица се приведени за случајот „Јавна соба“, соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Со двете нови лица бројот на досега приведени за овој случај е четворица.
Двајца од приведените се од Битола и по едно лице од Велес и од Штип.
„Се работи на откривање кој ја креирал ваквата група и кои сѐ биле членови. Секој што се наоѓа во групата ќе се истражи и ќе понесе кривична одговорност“, објави министерот Спасовски на „Фејсбук“.
Попладнево беа уапсени првите две лица, едно од Битола и едно од Велес, а кусо по апсењата, „Јавна соба“ почна да се полни со една иста порака, во која администраторот ги известува членовите дека е отворена нова група и ги повикува да му пратат приватна порака за да им ја испрати.
Премиерот Зоран Заев ги повика членовите да излезат од групата оти МВР ќе ги добие податоците и сите ќе бидат обвинети и ќе одговараат за она што го прават. Премиерот рече дека побарале од „Телеграм“ да ја избрише групата „Јавна соба“, а доколку од таму не одговорат на барањето, најави дека ќе ја блокира апликацијата не поради цензура, туку за заштита на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времето денеска сончево и топло, од среда зголемување на облачноста и заладување

Времето денеска ќе биде сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се движи од 5 до 14, а максималната ќе достигне од 24 до 32 степени.
Во Скопје, сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе искачи до 32 степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека до средината на следната седмица ќе се задржи сончево и топло време. Од среда ќе има зголемување на облачноста и постепено опаѓање на дневната температура.
Македонија
(Фото) Ангелов: Пожарот над скопско Батинци е намерно подметнат, имаме целосна контрола над огнот

Големиот пожар над скопско Батинци е под целосна контрола, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
„Поради ветерот пожарот се ширеше со голема брзина. Скопската противпожарна бригада итно излезе на лице место со неколку возила, на помош дојдоа и два пинцгауера на ДЗС управувани од полицајци од ЕБР, но поради опасноста да биде зафатено и селото Батинци, бидејќи пожарот се движеше во таа насока, по барање на директорот на ЦУК, испративме и еден хеликоптер на МВР, како и два ертрактори на ДЗС кои помогнаа за брзо воспоставување на контрола над овој пожар. Во овој момент можам да кажам дека имаме целосна контрола над овој пожар, има горење уште во долот, но продолжуваат со дејство ертракторите и хеликоптерот. Верувам дека набрзо ќе биде целосно изгаснат“, изјави Ангелов.
Тој додава дека има индиции оти пожарот во скопско Батинци е намерно подметнат.
„Се работи за намерно подметнат пожар којшто кај граѓаните предизвика паника дека повторно е запалена депонијата Дрисла, но овојпат не гореше Дрисла“, истакна Ангелов.
Македонија
(Фото+видео) Голем пожар изби над скопско Батинци, брзо се шири поради силниот ветер

Голем пожар попладнево изби на отворен простор над скопското село Батинци.
Од пламените јазици зафатени се трева, грмушки и мешана шума.
Поради силниот ветер, огнот се шири со голема брзина.
„Скопската БППЗ работи на гаснење, набргу ќе пристигнат и два пинцгауери на ДЗС како и хеликоптерот на МВР а нешто подоцна ќе полетаат и два ер трактори на ДЗС“, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
Ангелов вели дека според првичните информации се работи за намерно подметнат пожар.
На лице место е и директорот на ЦУК, Мухамед Али.
„Ситуацијата постојано се следи, а интервенциите продолжуваат со цел локализирање на пожарот“, истакна Али.