Македонија
Привремен прекин на сообраќајот на патот Кичево – Охрид
На патниот правец А2 Кичево – Охрид, на делницата Пресека – с. Врбјани, поради изведување градежни работи на патот (минирање), сообраќајот ќе биде во прекин помеѓу 12 и 15 часот, во времетраење од 15 до 20 минути.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
62-годишен маж од Тетово починал по компликации од грип, соопшти ИЈЗ
Минатата недела во периодот од 26 јануари до 1 февруари во Македонија е регистриран уште еден случај на починато лице по компликации од грип, соопшти Институтот за јавно здравје во неделниот извештај.
Лицето било хоспитализирано на инфективното одделение во Клиничката болница Тетово. Кај починатото лице било утврдено присуство на коморбидитети и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип. Лабораториски е потврдена Influenza А(H3), соопштија од Институтот.
Инаку во периодот од 26 јануари до 1 февруари во Македонија биле пријавени 1.498 случаи на групни пријави за заболени од грип или 12,3% помалку во споредба со претходната недела , кога биле 1.708. Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со петтата недела од минатата сезона (3.036) е намален за 50,7%.
„Во однос на возраста, 866 лица се на возраст од 15-64 години, 247 се деца на возраст
од 5-14 години, 224 се лица на возраст над 65 години, 161 – деца на возраст од 0-4 години. Највисока инциденца ) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.
Заболените лица се пријавени од Скопје – 473, Прилеп – 146, Струмица – 139, Охрид – 99,
Битола – 77, Штип – 70, Тетово – 63, Гевгелија – 61, Куманово – 59, Дебар – 43, Велес 36, а во
Радовиш, Кичево, Кавадарци, Струга, Гостивар, Ресен, Неготино, Свети Николе, Кратово, Крушево,
Виница, Демир Хисар, Пробиштип, Кочани, Македонски Брод, Пехчево, Валандово, бројот на
заболени е помал од 30. Во Берово, Делчево и Крива Паланка нема пријавени заболени лица од грип
и заболувања слични на грип.
Во Охрид, Дебар, Гевгелија се бележи висока активност, средна активност се регистрира
во осум центри, во 14 се бележи сезонска активност, додека во три единици се бележи многу ниска
активност на вирусот на грип“, според ИЈЗ.
Македонија
Во следните 15 дена платете го данокот на имот за 2022, 2023, 2024 и 2025 година, апелира Ѓорѓиевски кој веќе блокираше 15.000 сметки за неплатен данок од 2021 година
Близу 20 милиони евра по основ данок на имот за изминатите четири години должат на Град Скопје граѓаните и компаниите. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски откога веќе блокираше 15.000 сметки на граѓани и компании за неплатен данок на имот за 2021 година со вкупен износ од 1,3 милиони евра, е решен да ги наплати наталожените ненаплатени даноци и од останатите години па денес повика граѓаните и фирмите во следните 15 дена да си го платат данокот.
„Апелирам до сите граѓани и компании во наредните 15 дена да ги подмират своите обврски по основ данок на имот за периодот 2022-2025 година. Станува збор за 95.562 физички лица и 2.335 правни субјекти кои вкупно му должат на Градот близу 20 милиони евра по овој основ. Тоа се средства кои ни се од клучно значење за инфраструктурата, јавните услуги и подобрување на квалитетот на живот во нашиот град“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски со објаснување дека ред мора да има и оти секој денар уплатен во буџетот на Градот значи повеќе проекти и подобар град за сите.
Ѓорѓиевски се пофали дека за само два месеци тој и неговиот тим успеале да намалат повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија, паралелно почнале со, како што рече, „најмногу капитални проекти што овој град кога било во историјата ги видел“, а потсети и дека успеале да донесат буџет од 5,2 милијарди денари кој спореден со минатогодишниот буџет е повисок за 12 %.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Лицата кои повикуваа на тепање и убивање на протестите против „Безбеден град’’, активно вклучени во кампањата на СДС и Спасовски
Лицата кои деновиве повикаа на тепање и убивање на полициски службеници, поради желбата да возат без возачки дозволи, поради проектот „Безбеден град’’, биле активно вклучени во кампањата на Оливер Спасовски, што може да се види на фотографијата на екранот, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Лицата кои јавно се спротивставија на проектот „Безбеден град’’, во изминатите денови излегоа на протести, кои беа насочени против мерки кои имаат за цел да спречат возење без возачка дозвола, без регистрација и без одговорност.
СДС и Спасовски, да потсетиме за јавноста, гласаа против имплементација на проектот „Безбеден град’’ во Собранието.
Замислете, ексминистер за внатрешни работи, кој не направил буквално ништо во насока на подобрување на сообраќајната безбедност, гласаше против“.
Јавно ги прашуваме СДС и Оливер Спасовски, рече Петрушевски, дали ќе се дистанцираат и оградат од овие протести и од лицата кои повикуваа на јавен линч, и дали сметаат дека е прифатливо да се протестира против сообраќаен ред, закон и безбедност.
„СДС и Оливер Спасовски мора да дадат одговори на јавноста затоа што, за време на протестите беа забележани закани со насилство и убиство, и ова е повеќе од алармантно.
Ваквото однесување е недозволиво во демократско општество и затоа ги повикуваме сите надлежни институции да постапат без селекција и без двојни аршини, строго согласно закон, и да обезбедат одговорност за сите кои испраќаат закани за насилство“.
СДС и Оливер Спасовски, додаде тој, повторно се обидуваат да направат саботажа на се што е добро и е од интерес за граѓаните.
Според него, целта на ,,Безбеден град“ е да се зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот. Секој оној кој се залага за безбедност и ред во сообраќајот го поддржува овој проект.

